1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД во подем – демократијата во Германија во опасност?

22 јануари 2024

Алтернатива за Германија е попопуларна од кога било. Во Пирна, во покраината Саксонија, делумно екстремно десничарската партија првпат победи на избори за градоначалник.

Алтернатива за Германија, АфД
Алтернатива за Германија, АфДФотографија: Sachelle Babbar/ZUMAPRESS/picture alliance

Тим Лохнер е името на човекот кој ќе влезе во историјата на Алтернатива за Германија. Овој 53-годишник на 17 декември 2023 година како непартиски кандидат, на предлог на АфД победи на изборите за градоначалник во Пирна, покраината Саксонија. Градот на граница со Чешка, во кој живеат 39.000 луѓе, е прв со десничарски популистички градоначалник.

АфД веќе плови на бранот на успехот. Во октомври оствари  двоцифрен резултат  на изборите во Баварија (14,6 проценти) и Хесен (18,4 проценти). Веќе победи на окружни избори во Зонеберг во сојузната покраина Тирингија во јуни – исто така по првпат.

АфД во три сојузни покраини „докажано десничарско екстремистичка“

Истовремено, безбедносните власти сѐ повеќе ја набљудуваат АфД поради екстремистички тенденции. Сојузната служба за заштита на уставниот поредок во декември го класифицираше покраинскиот огранок во Саксонија како „докажано десноекстремистички“. Истото се случи во Саксонија Анхалт во ноември, а во Тирингија уште во 2021 година. Постојат исто така пет сојузни покраини во кои партијата е под надзор поради сомнеж дека претставува т.н. десничарско екстремистички случај.

Во преостанатите осум од 16 сојузни покраини, значи половина Германија, за АфД не важи ни едното ни другото. На нивната агресивна реторика и контактите со екстремистичкото милје, како антимиграциското движење Пегида, сојузните покраини гледаат многу различно.

Како би требало да известуваат медиумите за АфД?

Германските медиуми исто така мака мачат во пронаоѓањето вистински начин за однесување кон АфД. Многумина го критикуваа магазинот „Штерн„ зашто насловната страница во форма на интервју ѝ ја посвети на претседателката на партијата и на пратеничката група на партијата во Бундестагот, Алис Вајдел. Главно обвинение: понудена ѝ е непотребна платформа.

Антимуслимански ставови - изборен плакат на АфД во Баварија во 2018 годинаФотографија: Thomas Lohnes/Getty Images

Водителката на јавниот сервис Сандра Маишбергер модерираше дебата меѓу почесниот претседател на АфД, Александер Гауланд и бившиот германски министер за внатрешни работи, Герхарт Баум. Тоа се двајца постари луѓе кои како деца ја имаат искусено нацистичката ера. Првиот бил член на Христијанско демократската унија (ЦДУ) 40 години пред да премине во АфД, другиот е член на Слободните демократи (ФДП) од 1954 година.

„Изложени сме на бран десен екстремизам“

За Бауман, кој како министер за внатрешни работи до 1982 година се борел против левичарскиот тероризам на Фракцијата на црвената армија (РАФ) едно е сигурно: „АфД е парламентарна рака на движењето кое стигнува точно до средната класа“. Класа, која според експерти, сѐ повеќе се радикализира. „Изложени сме на бран десничарски екстремизам“, вели овој 91-годишник, кој се залага со децении за слобода и граѓански права.

Гауланд се бранеше од обвинувањата дека АфД е антидемократска: „Ова е обид на Сојузната служба за заштита на уставот да нѐ делигитимира“. А тоа, тврди тој, не одговара на реалноста. „Ние сме напротив дури и за демократија во која има повеќе референдуми“, вели 82-годишниот политичар. Зад ова тврдење стои партиската програма.

А што е со погледот на АфД во однос на човештвото? Тириншкиот покраински претседател на АфД, Бјерн Хеке го постави тоа прашање како гостин говорник на собир на Пегида во Дрезден: „Што остана всушност од германскиот народ?“ Според него, очигледно не многу. Хеке во својата реторика често користи изрази како „размена на население“, „африканизација“, „ориентализација“, „исламизација“ и „умирање на народот.“

Тој јазик и такви размислувања предизвикуваат загриженост кај противниците на АфД како Герхарт Баум. „Тие имаат националистички начин на размислување кој ги исклучува луѓето со друго потекло и други религии“, истакна тој во дебатата со Гауланд. А кој исклучува луѓе, го навредува нивното човечко достоинство, смета Баум. 

Кај Гауланд тоа звучи сосема поинаку: „Ние не претставуваме националистички идеал, туку културна заедница. Да, ние сме против масивно доселување на луѓе кои доаѓаат од нам целосно туѓи култури.“

Пратеникот во Бундестагот, Марко Вандервиц, демохристијанин кој како дете и младинец ја доживеал источногерманската диктатура соборена со мирна револуција, смета дека АфД треба да биде забранета.

Забрана за АфД?

Темата заслужуваше насловна страница и текст од десет страни за магазинот „Шпигел“ во ноември под наслов: „Забрана за АфД?“ Експертите различно ги проценуваат шансите за успех. Германскиот институт за човекови права, финансиран од Бундестагот, во правното мислење заклучува дека шансите за забрана на АфД се добри, зашто консеквентно ги занемарува човековите права.

Протести против десните популисти низ Германија

01:24

This browser does not support the video element.

„Посебно германската историја покажа дека слободен, демократски заснован поредок на државата може да биде уништен ако нехуманите ставови не наидат навремено на енергична опозиција и така можат да се прошират и да надвладеат“, вели Беате Рудолф од овој институт.

Правничката Софи Шенбергер од Универзиттеот Диселдорф доаѓа до друг заклучок: „Од јавно достапните материјали, не знам дали е тоа доволно за забрана на  партијата во цела земја“. Ако барањето за забрана биде успешно, таа смета дека АфД  може да се обрати до Европскиот суд за човекови права во Стразбур и многу е скептична во поглед на тоа дали забраната на АфД би поминала и таму.

Историчарот Хајнрих Аугуст Винклер нема сомнеж дека демократијата е под притисок и тоа не само во Германија, но вели: „Уште сметам дека либералните сили на западната демократија ќе се покажат посилни од противниците на тековното просветителство.“

Нова сила на националните популистички партии

Но тој е поскептичен отколку пред 30 години, по мирните револуции во источна Европа и обединувањето на Германија: „Она што загрижува е фактот што  националните популистички партии  денес црпат сила од сите политички табори“, предупредува Винклер. Со други зборови, демократијата е под притисок од повеќе страни.

Во сегашните анкети за покраинските избори  во  Бранденбург, Саксонија и Тирингија,  АфД секаде води со 30 проценти и повеќе. Партијата уште нема изгледи за учество во власта, зашто никој  не сака да коалицира со неа.  Тоа е голема разлика во однос на други земји во Европа, каде десните популисти одамна се на власт – во Италија, Унгарија, Финска и Шведска претставуваат тренд чиј крај е тешко предвидлив.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми