1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД – втора по сила партија во Германија

Сабине Кинкарц
7 јули 2023

Тешко дека владејачките Социјалдемократи (СПД), Либерали (ФДП) и Зелените можеа да добијат полоша оценка пред летната пауза. Граѓаните се најдлабоко вознемирени и незадоволни, а од тоа профитираат десните популисти.

АфД Германија
Партијата АфД добива сѐ поголема поддршка и на сојузно нивоФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

Во земјата владее политичка раздвиженост. На локални избори во две покраини на делумно десно радикалната партија АФД за прв пат и` успеа кандидати од нејзините редови да станат околиски началник и градоначалник. Станува збор за места на истокот на Германија, каде АфД и онака ужива силна поддршка од гласачите. Во покраината Тирингија на пример на неодамнешните анкети 34% од граѓаните се изјаснија за АфД.
Но, и на сојузно ниво партијата добива сѐ поголема поддршка. Доколку сега би се одржувале парламентарни избори, АфД би освоила 20% од гласовите и тоа е најголема поддршка за партијата измерена досега во анкетите Дојчландтренд на првата програма на германскиот јавен сервис, телевизија АРД. Актуелното репрезентативно истражување на јавното мислење го спроведе институтот Инфратест Димап меѓу 3 и 5 јули.
Најмногу луѓе, односно 28 проценти, се изјасниле за Унијата од ЦДУ/ЦСУ, што сепак е 1 процент помалку отколку на почетокот на минатиот месец.
Владејачката СПД останува на непроменети 18%во однос на почетокот на јуни, а со 7% непроменета е и поддршката за Либералите. Зелените пак со минус од 1 процент доаѓаат на 14 насто од гласовите, што воедно е најниска поддршка од гласачите од септември 2018 година досега.
За Левица би гласале само 4%, со што партијата веќе не би била дел од Бундестагот заради прагот од 5 проценти.
Поголема афирмација на десни ставови
Ако се споредат изминатите години, се забележува дека граѓаните веќе не се толку дистанцирани од АфД. Иако и натаму мнозинство од анкетираните (69%) сметаат декаво партијата има премногу десноекстремни, таквиот став пред шест години беше многу поизразен (85%).
Раст бележи и одобрувањето за рестриктивниот став на АфД во однос на доселувањето.
Ако есента 2017 година една третина од гласачите се согласуваа со тоа што АфД сака многу поостро од сите други партии да го ограничи доселувањето на странци и на бегалци, сега веќе 42% размислуваат на тој начин. Пораснат е и бројот на оние кои на партијата ù признаваат дека барем директно ги адресира проблемите - за разлика од 44% есента 2013 година, сега 55% го истакнуваат токму тоа. За речиси исто толкав број гласачи АФД подобро од други партии ја разбира перцепцијата на граѓаните за безбедноста. Есента 2021 година само 42% мислеа така.

Дали се рони браната" за АфД?
Значителен дел од оние кои се изјасниле за АфД велат дека за партијата би гласале претежно поради незадоволство од другите партии, а не од убедување.
Испитувачите на јавното мислење пак извлекуваат заклучок дека наклонетоста кон АфД во никој случај не е израз на дифузен протест. 77% од приврзаниците на АфД велат дека партијата е блиску (57%) или многу блиску (20%) до нивните лични општи ставови.
Соработка со АфД досега сите партии категорично одбиваат. 43 проценти од граѓаните застапуваат сличен став. Една третина е генерално отворена одлука да се носи од случај до случај, додека 17% сметаат дека би било добро ако АфД биде дел од влада.

АфД како ниту една друга партија профитира од незадоволството на граѓаните со сојузната влада.
Речиси една четвртина (23 проценти, што е плус од 3 проценти во однос на претходните мерења) се моментално задоволни со работата на сојузната влада, тројца од четворица анкетирани (75 проценти) не се задоволни.

АфД најмногу од сите партии профитира од незадоволството на граѓаните од актуелната владаФотографија: Revierfoto/dpa/picture alliance


Голема несигурност
Дури и во сопствените редови не се многу убедени во работата на семафор-коалицијата. Меѓу приврзаниците на СПД и Зелените подеднакво е задоволството и незадоволството, додека поддржувачите на Либералите веќе подолго време се претежно критички настроени.
Анкетарите утврдија длабока несигурност во германското население. Иако расположението е подобрено во однос на есеноска, 77% од граѓаните во состојбите во државата гледаат причина за загриженост. Само 18% сметаат дека има причини за надеж.
Во однос на причините за несигурноста, секое петто анкетирано лице го наведува порастот на цените, но и климатските промени и реакцијата на политиката во енергетиката, како и миграцијата во земјата. За 16% војната во Украина, за 15% поддршката за АфД и можен општествен притисок се причина за вознемиреност, за 11% пак актуелната економска состојба.
Заштита на климата со забрани не проаѓа
Секој четврти (25%) својот критички став спрема постоечките состојби во Германија општо го образложува со актуелно разочарувачкото дејствување на политиката и владата. Тоа посебно се одразува на Зелените. Со нивната работа есента 2022 година биле задоволни 34% од анкетираните, сега се само 20%. Значителна критика има на сметка на тоа како и со која брзина Зелените сакаат да ја спроведат нивната климатска политика.
Најмал дел од граѓаните поддржуваат директни забрани како средство за таа цел. Само меѓу поддржувачите на Зелените и на СПД има мнозинство за тоа.
Лутина и фрустрации кај граѓаните предизвикала идејата од први јануари 2024 година да се забрани инсталирање на нови системи за парно греење на гас и нафта. Владата нацртот во меѓувреме го преработи и либерализираше, но планот и натаму е спорен. За 45% од граѓаните планираните мерки се престроги, за 35% се соодветни. Само десет проценти велат дека мерките се недоволни.
Сојузната влада првично планираше Бундестагот да го донесе законот уште пред летната пауза, но тоа беше спречено со пресудата на Уставниот суд, кој одлучи дека парламентарците треба да добијат повеќе време за консултации околу нацртот. Темата останува жешка.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми