1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агелер: Целта на САД е да ја поддржат РСМ

15 јули 2024

Според амбасадорката на САД, дебатата за употребата односно неупотребата на уставното име е дефокусирање од прашањата кои се важни за гласачите.

Северна Македонија | американска амбасадорка Анџела Агелер
Агелер: Отсекогаш наша намера било да ве поддржимеФотографија: Reg. Nordmazedonien

САД се најважниот стратешки партнер на Северна Македонија, целта на САД е да ги поддржат и да не се мешаат во внатрешните работи на земјата, порача амбасадорката на САД во РСМ, Анџела Агелер во интервју за емисијата „200“ на ТВ Алсат.

Одговорот го даде на прашање за изјавата на премиерот Мицкоски - дека станало пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Тоа беше неговиот одговор околу изјавите на дел амбасадори, кои искажаа мислење дека не треба да се распушта Судскиот и Советот на јавни обвинители, што е дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се надевам дека не мислеше на мене“, вели Агелер.

„Нашата намера никогаш не е да се мешаме. Отсекогаш наша намера било да ве поддржиме. Одлуките кои се носат во Судскиот совет, или искрено, во кое било друго тело во рамките на судството, се одлуки само на челниците на оваа земја. Ние не кажуваме кој треба да седне во кој било суд. Ние не кажуваме кој треба да биде член на кој било Совет. Дали има широко распространета корупција во судството? Да. Кога јавната поддршка и доверба во судството е 2 проценти, тоа е разочарувачки“, рече Агелер.

Практично, и изјавата на Мицкоски се реферираше на истите проблеми за кои зборува Агелер - ниската доверба во судството и извештаите за растечката корупција и криминал.

„Истите тие (амбасадори) велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото. Истовремено, тие во своите извештаи велат дека цутат криминалот и корупцијата и дека довербата во правосудниот систем е два-три проценти. Очигледно дека работите не функционираат (...) Еве, ние понудивме решение. Ако тие знаат подобро решение нека го понудат, подготвени сме да разговараме и ако тоа е подобро - да го примениме. Но, да не биде како досега. Зашто видовме што значи тоа ’како досега ‘- монтирани случаи, политички нарачки, луѓе кои се жртви на прогон, луѓе кои од криминалци стануваа чесни граѓани. Вака како што е - не бива“, рече Мицкоски пред десетина дена. 

Уставното име

Во врска со уставното име, Агелер за Аласт вели дека САД јасно ставиле до знаење дека меѓународните договори мора да се почитуваат за земјата да оди напред. Според неа, дебатата за употребата односно неупотребата на уставното име е дефокусирање од прашањата кои се важни за гласачите.

„Мислам дека премиерот или неговите министри не го сторија тоа. Жално е што Претседателката, кога даде заклетва, не го користеше уставното име. Мислам дека видовме дека ова резултираше со тековна дискусија - дали е надвор од претседателството или не, надвор од тој кабинет, што велат изјавите, како изгледаат документите, такви работи... Искрено, ова е одвлекување на вниманието од прашањата што се важни за гласачите во оваа земја“, изјави Агелер.

Грчкиот премиер минатата недела изјави дека во Вашингтон ја отворил темата за непочитување на Договорот од Преспа во однос на опсегот на употреба на името Република Северна Македонија, но соопшти дека премиерот Мицкоски во просторијата и пред лидерите на НАТО го користел уставното име. Во Вашингтон немаше средба меѓу Мицотакис и Мицкоски, а македонскиот премиер во интервју направи споредба кој како го почитувал Преспанскиот договор.

Во Вашингтон немаше средба меѓу Мицотакис и МицкоскиФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

„Направивме и повеќе од тоа што изминативе години можеби требало да се направи во делот на примената на Преспанскиот договор. За жал, од другата страна сѐ уште ќе слушнете гласови на политичари кои не нарекуваат со она име ‘Скопјанос', сѐ уште ќе сретнете по автопатите таблички каде што името на државата се озанчува како ‘ФИРОМ' или како ‘Скопје'. Ништо не е направено во делот на трите меморандуми (...) Јас за разлика од јужниот сосед нема да се мешам во внатрешните работи на државата. Тоа е нивна одлука. Ако тие мислат дека на таков начин се градат добрососдски односи, во ред. Но јас не мислам дека тоа е вистинскиот чекор", рече Мицкоски за МТВ.

Премиерот бил подготвен да разговора на таа тема, но не дошло до тоа.

„Претпоставувам, и официјалните лица на нашиот јужен сосед на самото место на одржување на овој настан (Самитот на НАТО - н.з.) сфатија каква е тежината и кои се приоритетите, и тоа го ставија во втор план. Но, и понатаму јас упатувам пораки за добрососедски односи – нашиот, а мислам дека и интерсеот на нашиот јужен сосед е да имаме добрососедски односи“, рече Мицкоски.

Мицкоски: Направивме и повеќе од тоа што изминативе години можеби требало да се направи во делот на примената на Преспанскиот договорФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Договорот со Бехтел и Енка нема да се раскине

Она што засега е извесно, е дека нема да се предизвикаат нови искри барем околу договорот на „Бехтел и Енка“, за изградба на Коридорите 8 и 10-д. Амбасадорката Агелер во интервјуто вели дека добила известувања од новата Влада дека договорот на „Бехтел и Енка“ нема да биде раскинат.

Таа информација не е изненадувачка, бидејќи мината недела јавно ја соопшти министерот за транспорт Александар Николоски. Тој потсети дека претходната влада веќе му исплатила 240 милиони евра на изведувачот за т.н. подготвителни работи.

„Мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански, јас сега да го прекинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и веројатно да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив, да добиеме што повеќе километри автопат, што побрзо изграден во Македонија“, рече Николоски.

Останува на ставот дека договорот треба да се декласифицира, а клучната битка сега ќе биде да се добијат повеќе километри автопат, но во рамките на истата финансиска сума што е договорена.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми