1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Земјоделците протестираат и покрај високите субвенции

Бернд Ригерт
26 февруари 2024

Министрите за земјоделство на ЕУ овој понеделник ќе расправаат околу олеснувања за аграрот. Со оглед на протестите на земјоделците, може да се очекуваат одредени отстапки, иако и досега ЕУ издвојува многу пари за аграрот

Протести на земјоделците во Брисел
Протести на земјоделците во БриселФотографија: EU/Christophe Licoppe

Околу половина од земјите членки на ЕУ во последните недели се соочија со протести на земјоделците против националната и европската аграрна политика, иако од различни причини. Во Германија земјоделците се бунат против планираното намалување на субвенциите за дизел. Во Полска и други источноевропски земји селаните ги блокираат патиштата и граничните премини со желба да спречат увоз на  евтини производи од Украина.

Европскиот сојуз на земјоделци,  КОПА, бара ублажување на прописите за заштита на природната средина, намалување на бирократијата и комплицираните правила на земјоделската политика на ЕУ, како и подобри услови во меѓународната пазарна конкуренција. Затоа лобистите на земјоделците го отфрлаат трговскиот договор со државите од Меркосур од Јужна Америка, зашто тоа би значело голема конкуренција за европските земјоделци, вели претседателката на сојузот на земјоделци, Кристиане Ламберт, во писмото упатено до Европската комисија. „Неколку месеци пред изборите кои се судбоносни за иднината на Европа, земјоделците очекуваат (...) да можат да ја продолжат својата работа под прифатливи услови, со соодветен приход и со помалку труд околу бирократските прописи“, пишува Ламберт.

Полските земјоделци со скара блокираат автопат - протест поради влезот на евтини производи од од војната економски ослабената УкраинаФотографија: Sergei Gapon/AFP

Европската комисија најавува отстапки

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен веќе реагираше и повлече еден предлог закон којшто предвидуваше преполовување на  употребата на пестициди во Европа. Но, за  земјоделците кои протестираат  во некои земји, тоа не е доволно. Тие сакаат повеќе исклучоци, помалку еколошки прописи и помалку наметнување правила од Брисел. Шефицата на движењето на земјоделци и граѓани од Холандија, Каролине ван дер Плас приговара дека земјоделството не се цени доволно. „Луѓето кои ја произведуваат нашата секојдневна храна се дискредитирани како мачители на животни, производители на отрови, загадувачи на почвата и уништувачи на природната средина“, изјави таа за новинарите на „Фајненшл тајмс“. Во четвртокот ЕК изнесе нови предлози за да им го одземе ветрот од едрата на протестите. Се предвидува олабавување на правилата и овозможување исклучоци, за полесно да се дојде до субвенции. Притисокот кој „моментално го чувствуваат нашите земјоделци кои работат тешка работа, мора да биде ублажен заради обезбедување на сигурноста за снабдување со храна. Поедноставувањето на нашата аграрна политика и натаму останува наша цел“, вели претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Претставништвото кое ги застапува интересите на земјоделците во членките на ЕУ и во Брисел е влијателно. Христијанско демократските пратеници во Европскиот парламент застанаа на страната на земјоделците. И социјалистите покажаа големо разбирање. Без оглед на тоа, не треба да постои однос како правилата, против кои земјоделците делумно се бунат, од еколошко гледиште, да се сите погрешни и паднати од небо, предупреди социјалдемократската пратеничка Мариа Ноихл во расправата во Европскиот парламент. „Да ги поддржиме земјоделците! Да работиме заеднички со нив во ова тешко време на климатски промени“, изјави таа во својот говор. Министрите за земјоделство и ЕП заеднички донесоа одлука за стратегијата „Од полето до чинијата“, која донесува мноштво нови прописи за земјоделските претпријатија.

Помалку земјоделство, исто производство

Заштита на климата, намалување на испуштањето на штетни гасови и структурни промени се потребни и во земјоделството. За тоа нема двојба кај политичките актери во Брисел. Само прашање е како тоа разумно да се организира. Структурните промени во земјоделството во Европа со години се во тек, зашто бројот на земјоделски стопанства брзо се намалува.

Германските земјоделци на протест во Берлин Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Од 2005 година бројот на земјоделски стопанства е намален за една третина, на 9,2 милиони. Мнозинството земјоделски стопанства имаат само едно лице кое работи со полно работно време. Но, обработуваната површина не се намали. Тоа значи дека има помалку земјоделски стопанства, но тие стануваат поголеми. До намалување на бројот на земјоделски стопанства не доаѓа нужно само поради нивната исплатливост. Многу земјоделци престануваат да работат поради старост, а нема наследници, иако ЕУ со посебни субвенции им помага на младите земјоделци.

Приходите на земјоделците во Германија поголеми од било кога

Земјоделците во ЕУ произведуваат повеќе производи отколку што се потребни на европскиот пазар, затоа тие се извезуваат. Статистиката на Сојузното министерство за земјоделство покажува дека приходите на  земјоделците во Германија во последните години се многу пораснати. Инфлацијата доведе до повисоки цени во продавниците. Но, трошоците на производство не пораснаа толку многу. Еден вработен во земјоделството во 2022 година во Германија имал годишен приход од просечно 43.000 евра. Во поглед на приходите во ЕУ, постојат големи разлики. Земјоделците во Шпанија или Романија заработуваат многу помалку. А приходите на  земјоделците во Холандија,  кои исто така протетсираат, се многу повисоки.

Германскиот министер за земјоделство, Чем Оздемир на протест на земјоделците во ГерманијаФотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Субвенциите за земјделството се срж на ЕУ

Европската унија троши многу пари на земјоделците, аграрната политика е сржта на ЕУ. Од 1962 година членките на Европската унија заеднички донесуваат одлуки за аграрниот сектор. Најголем дел од заедничкиот буџет, околу една третина, оди на субвенции за земјоделците и развојна помош за селата. Иако на земјоделството отпаѓа само околу 1,6 проценти од вкупниот бруто општествен производ на ЕУ, на него отпаѓа околу една четвртина од сите субвенции од редовниот буџет. Во 2022 година тоа беа 243 милијарди евра. 57 милијарди евра се исплатени на семејни земјоделски стопанства во поширока смисла.

Високите субвенции помагаат за цените на храната во ЕУ да останат релативно ниски и стабилни. Кога земјоделците своите трошоци на производство без субвенции би ги пренесле на цените на производите, цените на храната многу би пораснале и би осцилирале, зависно од годишните приноси. Да се спречи тоа била и останува цел на аграрната политика на ЕУ. Но, инструментите се менуваат. Пред 40 години Европската комисија откупувала путер и млеко, за да задржи стабилни цени. Денес земјоделците добиваат субвенции по хектар обработена површина, но и за еколошки програми, заштита на средината или оставање дел необработена површина. Во 2027 година денешниот систем на заедничката аграрна политика би требало да биде повторно проверен.

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми