1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети му пиша на Мицкоски, ама не и на премиерот

28 октомври 2024

По вчерашните писма до осум меѓународни лидери, Ахмети денеска испрати писмо и до Христијан Мицкоски: адресирано е само до „претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети (архивска фотографија)
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска упатил официјално писмо и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, соопшти партијата. Ахмети вчера испрати такви писма до осум „високи меѓународни лидери“, како што потенцираше партијата. Интересно е што денешното, деветто писмо од Ахмети, не е адресирано до претседателот на Владата на РСМ, Христијан Мицкоски, туку до „Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја“, напишал Ахмети во писмото што го сподели партијата.

Во неговиот вовед се наведува дека геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во БиХ, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија.

„Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост. Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи во Северна Македонија. Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот“, напишал Ахмети до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според лидерот на ДУИ, одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците, а таков развој може да ги поткопа придобивките и да ја врати земјата во периоди на несигурност.

„Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во Северна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби. Секој чекор што ги нарушува овие основи е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност“, повикува Ахмети во писмото до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Ахмети: Вознемирувачки планови

Вчера Ахмети преку писма испратени до „високи меѓународни лидери“, побара од нив заедничка акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија. Писмата ги испрати до претседателите и премиерите на Албанија и на Косово, до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен. Како илустрација за содржината, ДУИ го сподели писмото на Ахмети до албанскиот премиер Еди Рама.

„Вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата“, пишува Ахмети. 

Фотографија: Boglarka Bodnar/MTI/AP/picture alliance

Ганиу: Нема ништо вознемирувачко

„Ништо вознемирувачко не се случи во Северна Македонија освен што по 22 години се случи политичка ротација и ДУИ отиде во опозиција“, коментира градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, од редовите на Вреди.

„Кога ДУИ слабее - Албанците победуваат: Албански семејства се спасија од казино-епидемијата; Албанските општини добиваат милиони евра како поддршка за нивните проекти; Албанските универзитети добиваат милиони евра за изградба; Учениците Албанци ги добиваат најновите технолошки уреди за учење; пензионерите Албанци добиваат зголемени пензии; Наставниците Албанци добиваат покачување на платите“, пишува Ганиу на Фејсбук.

Притоа потенцира дека најголемата вредност на секое демократско општество е политичкиот плурализам.

„Албанците во Северна Македонија по 22 години гласаа за промени. На ДУИ и останува да се реформира и да донесе нова генерација политичари кои се ослободени од хипотеки од минатото“, порача Ганиу, потенцирајќи дека стратешките ориентации на државата ги одредува Владата.

Премиерот Мицкоски и завчера потсети дека постапката на Уставниот суд не се однесува на Законот за употреба на јазиците во целина.

„Зборуваме за две-три одредби во Законот за употреба на јазиците. Венецијанската комисија вели - ова не е применливо и затоа е добро да не биде во законот. Но владата на Зоран Заев, тогаш, инспирирана од Али Ахмети, Бујар Османи и останатите, одлучи да оди на сила. И знаете што се случуваше тогаш, кога Талат Џафери ги фрлаше амндманите и т.н., кога не ја слушаше Венецијанската комисија“, потсети Мицкоски.

Во фокусот на писмата на Али Ахмети: Уставниот суд на РСМФотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Уште на 4.08.2017 година, кога на седница на Владата е утврден предлог-законот за употреба на јазиците, Владата (вклучително и министрите на ДУИ) заклучиле да се побара мислење од Венецијанската комисија. Но, во периодот потоа од ДУИ го релативизираа мислењето на Венецијанската комисија.

Со критика вчера се огласи и Зеќирија Ибрахими, лидер на Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди.

„Добро би било во тоа писмо да им објасни на своите ‘сојузници’ и како и зошто го сменил Кривичниот законик, шверцувајќи го под европско знаме, и како неговиот внук станал сопственик на трговскиот центар „Соравија“ во центарот на Скопје без ниту вложен цент. Тагувањето за власта и стравот од правдата има име“, напиша тој на Фејсбук.

Втор и трет удар

Ахмети во писмото до меѓународните лидери реагира и „на одлуката на Уставниот суд за забрана за идентификација на етничката припадност во државните институции“, со став дека таа го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор.

„Овие механизми се создадени за да ги гарантираат колективните права на етничките заедници според демографската реалност, обезбедувајќи основна заштита од било каква форма на доминација. Уставниот суд, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор“, пишува Ахмети.

Третиот удар врз темелите на Охридскиот договор го лоцира по последните избори, како што наведува - во сериозното прекршување на основниот принцип на Охридскиот договор, кој бара формирање на политичко мнозинство врз основа на праведната застапеност на етничките заедници.

„Ова дејствие не се однесува само на ДУИ, туку го загрозува принципот на праведна застапеност, гарантиран со Амандманот 6 на Уставот на Северна Македонија, кој служи како заштитен механизам против доминацијата на мнозинството над малцинствата“, пишува Ахмети.

Али Ахмети во писмата до „високи меѓународни лидери“, побара заедничка акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Северна Македонија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Критична фаза“

Лидерот на ДУИ вели дека наведените удари ја враќаат земјата во условите кои биле причина за кризата и војната во 2001 година, но имаат и импликации за стабилноста на регионот.

„Овие три значајни удари врз темелите на Охридскиот договор претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста, меѓуетничката хармонија и мултиетничката демократија во Северна Македонија. Овие не се само внатрешни политички прашања, туку имаат сериозни импликации за регионот и неговата стабилност. Овие интервенции се закануваат да ги укинат клучните елементи на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година“, порачува Ахмети.

Во оваа, како што ја нарече „критична фаза“, на лидерите до кои го адресира писмото им посочува дека е неопходна нивна посветеност за подигање на меѓународната свест и ангажирање на релевантните институции за оваа уставна и политичка криза.

Поранешниот главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Авни Арифи, е меѓу првите кои вчера го искоментирал писмото на Ахмети.

„Писмото на Али Ахмети испратено до светските центри треба да го привлече вниманието на сите. Не поминаа ни шест месеци откако Мицкоски дојде (со помош на Курти) на чело на Владата на Северна Македонија и почна да ги напаѓа сите интереси на Албанците кои живеат таму. Отстранувањето на УЧК по секоја цена од власт во Северна Македонија не им оди најдобро на македонските Албанци, а времето ќе покаже дека тоа беше огромна грешка и во Косово. Разбирливо е зошто поранешниот македонски претседател Пендаровски бил шокиран кога слушнал од Курти дека сака да ја отстрани УЧК од владата и во Северна Македонија“, ја пренесува ТВ Клан Косово оценката на Арифи. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми