1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Ако кивне Америка...

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
5 ноември 2024

Господ да ја чува Македонија, иако е презафатен со Америка. Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова веќе подготвуваат по две честитки со исти содржини. Пишува Ерол Ризаов

Фотографија: picture-alliance/J. Schwenkenbecher

Одамна е позната поговорката: „Ако кивне Америка, светот го тресе треска“. Има разни духовити досетки на иста тема: „Ако милијарда и пол Кинези рипнат во исто време само од еден метар височина, ќе се преврти планетата земја“; „Ако Русите ги затворат енергетските славини,ќе замрзне цела Европа и половина од светот“. Србите пеат: „Зауставите Дунав и сказаљке старе“. Абе се запираат ли Дунав и времето, заљубена луда главо отиде Европа под вода. Кој за што, Бугарите за избори. И Македонците да не бидат покуси од Бугарите, со таа разлика што обожаваат да гледаат сеир на сопствената трагедија.

Светот е во исчекување на изборните резултати во САД, заплашен дали Америка ќе кивне, или поточно ако Доналд Трамп повторно стане најмоќниот човек на дуњава. Не берете гајле за Америка - та кивнала, та не кивнала, кај нас секако ќе има грип, кој и да победи во Америка. Кинезите нема да рипнат и да ја превртат земјината топка, Русите нема да ги затворат славините, само ќе ги сменат муштериите. Војните во Украина и во Газа ќе потраат, со добри изгледи да се отвори уште некое воено жариште. НАТО ќе си остане најголемиот воен сојуз, а Европа ќе се сврти уште повеќе кон Америка и со Доналд Трамп и со Камала Харис, сеедно кој ќе се всели во Белата куќа.

Србите и натаму, како и досега, ќе ја пеат „зауставите Дунав“. Се разбира и постојаниот рефрен „не го даваме Косово“, кое останува српско само во српскиот устав. Бугарите ќе добијат влада каква што заслужуваат и ќе продолжат да се чудат и да се лутат зошто „браќата“ Македонци не ги сакаат. Бараат љубов со сила. А, Македонците ќе си гледаат и натаму сеир и ќе продолжат да  плачат за неправдите што им се прават во неправедниот свет, бидејќи не сакаат да ја сменат својата судбина. Сеедно, и да има и да нема избори, оти секогаш ќе има доволно патриоти да ги спречат предавствата на националните интереси. Лошо пресметале дека поевтино чини блокадата од неизвесната иднина.

Најжестоки критичари на Америка се Америкаците

Навивам за Камала Харис да стане претседател на Америка бидејќи не ги сакам десничарите, а  имам уште еден силен мотив што сум против Доналд Трамп и Републиканците, оти за нив навива ВМРО-ДПМНЕ. Хахаха. Шегата настрана, разбрав уште поодамна, при мојата посета на Америка како гостин на Стејт департемнетот, дека треба да си најмалку две генерации Американец за нешто да разбереш за Америкаците пред и по изборите.

Нема никаде на светот пожестоки и, би рекол, поиздржани критики на американското општество и политики од самите Американци. Разликата е во тоа што нападите на американската политика како „џандар на светот“ во другите земји, вклучувајќи ја и Македонија, повеќе е насочена за домашни потреби. Лажното јуначење против американската политика секаде носи добри поени во предизборните кампањи. За потоа, откако ќе се освои власта, да се оди на баци рака ако се успее да се направи макар и една фотографија со американскиот претседател.

Додека пак критиките на американските јавни личности, светски познати научници, нобеловци, универзитетски професори, безмалку цел Холивуд, новинари и медиуми, ја жигосуваат најсилно надворешната и внатрешната политика на Америка да владее со светот од позиција на моќ и интереси. Не еднаш таа храброст успеала да предизвика пресврт и промени кои не се замисливи во многу подемократски земји од Америка.

Механизмите на контрола на власта во Америка, и покрај силните притисоци, сѐ уште имаат силно влијание во јавноста брзо да се заборават застрашувачките предизборни ветувања.

За неколку дена ќе знаеме кој победил на американските избори.  Познавачите на американското општество велат може да потрае и подолго време ако е тесен резултатот, на што укажуваат сите испитувања на јавното мислење. Драматичната предизборна поделба, според многу предупредувања, може да предизвика тешки ломови. Но има и други  пораки, исто така и релевантни укажувања дека штом идниот американски претседател, Камала Харис или Доналд Трамп, седне во Белата куќа, ќе ја/го слушнеме и видиме во едно поинакво издание, толку вообичаено во прагматичната политика. 

Молчи и пливај сине, далеку е Америка

Едно е до победата, а друго по неа. Го научивме ли ние тоа правило? Не. Нашата нова власт се обидува да биде прагматична, ама тоа го прави на најпогрешен начин. И натаму јава на  предизборните ветувања како да е во опозиција. Жестоко ги критикува со истиот речник „предавствата“ на националните и државните интерси. Продолжува со црните пропаганди преку медиумите и новите накитени билборди, како утре да има избори, а истовремено тие предавства  ги прикажува како свои успеси. Маваат по опозицијата иако имаат апсолутна власт - и извршна и законодавна и локална и под целосна контрола на претседателот на државата. Можат да ги донесат сите одлуки од стратегиски интерес на државата без големи потреси. Имаат уплав да не се откријат предизборните лаги, иако тие се веќе откриени. Бараат единство и консензус со закани кон опозицијата, а го имаат бланко, бидејќи истото тоа го бараше од нив претходната власт.

Работата е „сине молчи и пливај, далеку е Америка“. Премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова веќе подготвуваат по две честитки со исти содржини, една за Доналд Трамп, другата за Камала Харис. Се разбира, ќе испратат само по една со надеж дека додека им трае мандатот ќе успеат да се ракуваат и да се сликаат со идниот претседател на Америка. И тоа ќе биде големо достигнување кое ќе осамне на ударните вести. Господ да ја чува Македонија, иако е презафатен со Америка.    

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми