1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако немаме време, тогаш што чекаме

26 октомври 2024

Времето не работи за нас, вели Мицкоски, додека Муцунски тврди дека „ние како држава немаме време за чекање“. Дали јазолот може да се одврзе со чекање некој друг да го направи тоа? Пишува Љупчо Поповски.

Не се надеваат само новите македонски власти дека може да се промени нешто во начинот на одлучувањето во ЕУ, имајќи ја на ум Бугарија. Такво нешто бараа или очекуваа и претходните власти.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Еве две изјави од оваа недела кои за некого се политичка гимнастика, за друг политички опортунизам, за трет јавна измама, за четврт најава за нешто што би можело да се случи, за петти внимателна стратегија, за шести празни зборови... Протолкувајте сами.

Првата е од премиерот Христијан Мицкоски кажана во говорот по повод одбележувањето на празникот 23 Октомври:

„Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Како што поминува времето тоа работи против нас. И затоа сите може да чекаат. Само ние не смееме. Мора да се менуваме, мора да се развиваме, да реформираме, да се подобруваме“.

Втората е од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кажана два дена претходно:

„Ние како држава немаме време за чекање. Ова владејачко мнозинство има речиси двотретинско мнозинство. Најлесното нешто што можеше да го направи ова владејачко мнозинство е да чека. Да рече, видете, не е добар овој предлог, спротивставен е со наши интереси, ние ќе работиме на европскиот пат, но не чувстуваме потреба да разговараме. Ние велиме дека мораме да имаме отворен дијалог, бидејќи државата нема време за чекање и сакаме да ги отвориме пристапните преговори. Сега доаѓаме на констатацијата и го рушиме оној мит создаден од претходно дека веќе преговараме, бидејќи се создаваше една таква аура дека преговараме со ЕУ“.

Можете ли да донесете некаков заклучок? Може да биде напорно кога се споменуваат аури, но обидете се. Ако времето навистина не работи за Македонија, тогаш што чекаме? Дали ќе се обиде да го стигне времето што ни бега со прифаќање на уставните измени, Мицкоски не кажа во празничниот говор. Муцунски се занимава со констатации за рушење мит.

Можеби во потрагата за толкувањата на македонската варијанта на езоповскиот речник би требало да се послужиме со уште една реченица од она што го кажа Муцунски: „Затоа велам ќе дискутираме, активен ангажман ќе има и премиерот и претседателката и колегата Муртезани, и јас лично, за изнаоѓање на решение, но не решение по секоја цена. Јас само сакам да го потврдам фактот што Германија јавно отворено почна да зборува за промена на еден систем на гласање што создава штети и за перцепцијата на ЕУ“.

Дали сега ви изгледа нешто појасно? Ако не ви е, еве уште едно појаснување. На 15 октомври по средбата во Берлин со Муцунски, германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, на прес-конфренецијата изјави:

„ЕУ е создадена и продолжува да се развива и расте врз основа на компромиси. Тоа значи да  направиш и чекор назад за да постигнеш нешто подобро. Како демократија, знаеме колку е тешко да се направат уставни измени. Најважните чекори, вклучувајќи ги и интеграциски процеси, се случуваат кога тие што имаат политичка одговорност имаат храброст да настапат против јавното мислење. Заедно можеме да ги поттикнеме прашањата што се отворени меѓу Северна Македонија и Бугарија. Такви се правилата во ЕУ, засега имаме едногласно одлучување. Тоа може да се чувствува како неправда, но тоа се правилата на коишто сме се согласиле. Сè додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, рече Бербок. 

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок порача дека таа се залага за укинување на едногласноста во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите Фотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek.de/picture alliance

Унгарија е против укинувањето на ветото

Ако ви требаат дополнителни информации дали кога немаме време за чекање може да чекаме да се промени начинот на одлучувањето во ЕУ кога е во прашање пристапниот процес на земја кандидат еве уште една изјава. Дадена од големиот пријател на новата македонска влада, унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, истиот тој 15 октомври и речиси во исто време кога зборуваа Бербок и Муцунски. Таа беше дадена 750 километри подалеку на запад, во Луксембург, по отворањето на првиот кластер со Албанија и кога ефективно Тирана се оддели од Скопје.

Сијарто во име на владата на Виктор Орбан се изјасни против укинувањето на ветото:

„Едноставно кажано, мислам дека откажувањето од условот за едногласност ќе доведе до уништување на Европската унија. И ќе ви кажам зошто. Затоа што ако се елиминира едногласноста, тоа ќе влијае и ќе ја намали улогата на средните и малите земји, затоа што ако немаше потреба од едногласност, големите ќе одлучуваа за ова прашање, а средните и малите земјите ќе кажат само ‘по, уи, да’, и така натаму. Но, вака не треба да се третира една земја. Не е случајно што функционирањето на ЕУ се заснова на договори, на методологии, чии делови бараат едногласност кога се носат одлуки за важни прашања“.

Сега веќе работите може да изгледаат појасни за донесување заклучок. Особено што ставот на Будимпешта против укинувањето на ветото го делат уште најмалку десетина земји. Додека други десетина земји, пред дваесетина месеци наречени „група на пријатели“, заговараат одлучувањето за прашањата на безбедносната и надворешната политика да премине од едногласност во квалификувано мнозинство. Меѓу тие земји се Германија, Франција, Белгија, Холандија, Шпанија, Словенија... Од тоа, за наша жал, засега нема ништо. 

Не се надеваат само новите македонски власти дека може да се промени нешто во начинот на одлучувањето во ЕУ, имајќи ја на ум Бугарија. Такво нешто бараа или очекуваа и претходните власти.

Во април 2022 поранешниот премиер Зоран Заев, во својот прв јавен настап по абдицирањето од власта, зборуваше за принципот на одлучување во Европската унија кој нему му ја загорчи политичката кариера. Првиот пат по ветото на Емануел Макрон во 2019 понуди оставка и организирање предвремени избори, а вториот пат ветото на Бугарија, заедно со другите пропусти во неговото владеење, го доведе до пораз на локалните избори. И негово заминување од политичката сцена. 

И поранешниот македонски премиер Зоран Заев се надеваше или очекуваше дека може да се промени нешто во начинот на одлучувањето во ЕУ, имајќи ја на ум Бугарија. Фотографија: Metodi Popow/imago images

Заев тогаш од Струмица ја повика ЕУ да размисли дали со начинот на кој одлучува се доведува во ситуација „една земја членка да блокира цел регион од крајно ирационални и националистички причини и дали е тоа механизам со кој се развива европската идеја. Ако не е, а знам дека не е, тогаш променете го начинот на носењето на одлуките. ЕУ мора да дејствува во сопствена корист, во корист на европската идеја, која по дефиниција е либерална, отворена, широка. Европската идеја не смее да остане уценета од национализмот, не смее да дозволи национализмот да става вето врз слободата“, рече тогаш Заев.

Малку надеж

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 9 мај 2022, кога во Европскиот парламент ги претставуваше заклучоците од повеќемесечната работа на Конференцијата за иднината на Европа, рече дека ги поддржува реформите во ЕУ со кои треба да се отфрли едногласноста во одредени области.

Но има малку надеж за кандидатите за членство во ЕУ дека Унијата ќе се откаже од едногласноста кога станува збор за проширувањето. Пленарната седница на Конференцијата за иднината на Европа усвои 49 предлози во кои се содржани 300 мерки низ девет теми како да се стигне до нивно усвојување. Тие предлози беа врз основа на 178 препораки од Панелите на европските граѓани и Националните панели. Овие предлози добија широка поддршка од петте главни политички групации во Европскиот парламент. Но тие досега не поминаа низ филтерот на усвојување за да може да се преточат во промена на Договорот за ЕУ.

Во главата 39 од предлозите, за процесот на одлучување во ЕУ стои дека треба да се земат предвид интересите на земјите-членки. Во предлогот, меѓу другото, стои: „Сите прашања што се одлучуваат со едногласност треба да се носат со квалификувано мнозинство.

Единствените исклучоци треба да бидат приемот на нови членки во ЕУ и промените на фундаменталните принципи на ЕУ“.

Значи и во „новата Европска унија“ би требало да остане принципот на вето за проширувањето. Франција, Италија и Германија како ударна европска тројка бараат ЕУ да се однесе на шините на пошироки реформите, бидејќи ЕУ, особено со војната во Украина, е на пресвртна точка. Но не мислат сите така. Половина од земјите на ЕУ, тринаесет, мислат дека е прерано да се почне процес за промена на Договорот. Меѓу нив се скандинавските членки и оние од Источна Европа.

Лани во септември беше претставен француско-германски документ за реформа на ЕУ пред проширувањето наречено „30 плус“ на Европската унија за да се спроведат внатрешни реформи за унијата да биде функционална, а процесот на проширување на ЕУ да оди паралелно со продлабочување на интеграцијата во Унијата.

Премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Скопје на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен ја повика Европската Унија да помогне во изнаоѓање начини како Северна Македонија да го продолжи патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Главните наоди од студијата на повеќе од десет независни експерти ангажирани од Франција и Германија треба да послужат за иницирање на дебата за идното проширување на 27-членото европско семејство. Наодите од оваа студија не ја претставуваат официјалната позиција на владите во Берлин или Париз. Во тој документ се предлага одлуките за отворање или затворање поглавја во преговарачкиот процес да бидат усвоени од страна на квалификувано мнозинство во Советот на ЕУ, а не едногласно, како што беше практика досега.

Сепак, едногласноста на земјите-членки би останала валиден начин на донесување одлуки кога станува збор за прием на нова членка во ЕУ.

Во документот се предлага новото раководство на ЕУ, кое конечно треба да биде избрано на крајот на ноември да се обврзе дека 2030 година ќе биде краен рок за проширување и дека ЕУ ќе биде подготвена за тоа до тој рок.

Според документот, ЕУ ќе треба да воспостави девет принципи според кои ќе се води идната стратегија за проширување. Тие би биле поделени во две точки.

Првата би била „квалификација за членство во ЕУ“ која се однесува на подготовка на настани за членство, а втората е „динамика на процедурите за членство“, што значи подготовка на институциите на ЕУ.

Во квалификациите за членство, кои се однесуваат на исполнување на условите од страна на земјите кандидати, се предлага земјите кои сакаат да влезат во ЕУ прво да ги решат конфликтите со соседите за да не се носат билатерални проблеми во ЕУ.

Некои принципи што ги има ЕУ во моментов, како што се едногласност при гласањето и принципот секоја земја да има по еден член на Европската комисија, не би можеле да се задржат во иднина и затоа, според овој извештај, би требало да се сменат. Според предлогот, треба да има два типа комесари: таканаречен „главен комесар“ и „обичен комесар“, а право на глас да има само главниот комесар.

Има малку надеж за кандидатите за членство во ЕУ, меѓу кои е и Македонија, дека Унијата ќе се откаже од едногласноста кога станува збор за проширувањетоФотографија: DW/F. Schmitz

Студијата сугерира дека европските интеграции имаат „четири брзини“. Таа наведува дека земјите кои сакаат да ја продлабочат својата интеграција можат да го направат тоа без да чекаат сите во ЕУ да се согласат на такво нешто. Се предвидува и дека во рамките на ЕУ постои „внатрешен круг“ на земји кои би ја продлабочиле меѓусебната интеграција. Третото ниво на интеграција би биле „поврзаните земји“, додека четвртото ниво би било Европската политичка заедница, која веќе ги започна состаноците како што предложи францускиот претседател Емануел Макрон.

Сепак, во делот каде што пошироко е објаснето барањето да се укине ветото стои дека „уставните одлуки, како што се менување на договорите на ЕУ, прифаќање нови членки или адаптирање на институциите на ЕУ, треба да продолжат да се носат со едногласност“.

Урсула ван дер Лајен, претседателката на Европската Комисија, во својот годишен говор на 13 септември лани рече дека ЕУ со „30 плус“ е стратешки интерес. Таа изјави дека проширувањето е најдобрата инвестиција за мирот, безбедноста и просперитетот на ЕУ и оти проширувањето ќе биде „катализатор на напредокот“.

Ако овие информации се доволни можете сами да донесете одлука дали „ние како држава немаме време за чекање“ (Муцунски) или „времето не работи за нас“ (Мицкоски).

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Фотографија: DW/ P. Stojanovski
Фотографија: Yui Mok/picture alliance /empics

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми