1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов закон: Заштита или експлоатација на Охридското езеро?

ДТЗ
18 септември 2023

Активистите се против идејата за формирање на јавно претпријатие за заштита на езерото. Бараат мерки и казни на терен, а не закони и планови на хартија.

Охридско Езеро
Активистите се против идејата за формирање на јавно претпријатие за заштита на езерото. Фотографија: picture alliance / Zoonar

Строга заштита на езерото, постојан мониторинг, забрана за испуштање на нафта и отпадни води, забрана за сечење на трската и палење оган во крајбрежјето се само дел од мерките коишто се предвидуваат со новиот нацрт-закон за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во категорија 3 - споменик на природата. Тој треба да овозможи зачувување на природната состојба на едно од најстарите езера преку заштита на природните, културните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на живеалиштата и еко системите и одржливо користење на природните ресурси без да се загрози опстанокот на живеалиштата и видовите.

Во екот на расправата за новото законско решение, невладините организации од Охрид и Струга имаат низа забелешките коишто ги изнесоа и на јавни дебати. Покрај тоа што сметаат дека станува збор за избрзано решение, во кои има многу нејаснотии, тие стравуваат дека повторно се носат несоодветни решенија за заштита на езерото. Највеќе негодување предизвика најавата за формирање на Јавно претпријатие за управување со заштитеното подрачје „Споменик на природата – Охридско Езеро“ коешто ќе треба да се грижи и да презема соодветни мерки во заштитниот појас со целда се намалат заканите за заштитеното подрачје. Во план е формирање и на чуварска служба. 

„Нема потреба од формирање на посебно претпријатие, затоа што досегашните институции како Хидробиолошкиот завод, Капетанијата, полицијата, инспекторатите, Завод и Музеј Охрид, Министерството за животна средина вршат контрола за заштита на езерото. Сметаме дека друга работа се крие во позадина - се сака да се стави стопан на езерото за да се најде начин и правна рамка за да се експлоатира водата“, вели за ДВ Никола Киселинов, претседател на Туристичката асоцијација на Македонија „Билјана“, членка на УНЕСКО.

Целта е да се стави стопан на езерото за да се најде начин и правна рамка за да се експлоатира водата, вели за Никола КиселиновФотографија: privat

Битка за водата

Според Киселинов, се води битка за водата, при што се носат небулозни предлози за нови јавни претпријатија кои ќе бидат на грбот на граѓаните и државата. „Ова е главната забелешка која што невладините организации од Охрид ја имаат на нацрт-законот, кој што е копи-пејт, не носи ништо ново и не е решение коешто ќе придонесе за заштита на езерото“, вели нашиот соговорник. Тој посочува дека биле разменувани мислења и со странски експерти, кои велат дека ниту Женевското ниту Боденското езеро немаат јавни претпријатија, туку институти кои го спроведуваат законот за нивна заштита. 

„Министерството за животна средина има обврска да го штити езерото, има закони кои треба да се применуваат, но досега нема ниту една тужба за заштита на езерото. Сега треба да се формира ново тело кое треба да ја врши нивната работа. Затоа не се потребни нови институции, туку постоечките да си ја вршат работата“, вели Киселинов. Активистите бараат одговорност зошто досега не се преземени мерки за заштита на езерото, а не акциони планови на хартија од кои нема никаков ефект. 

Езерото треба да се заштити и од македонска и од албанска странаФотографија: Adnan Beci/AFP

Незадоволство и на струшката страна

И стружани се загрижени што ќе донесе новиот закон за заштита на езерото. Активистот Ндерим Положани од невладината „Кап Струга“ за ДВ вели дека се потребни повеќе консултации за да се создаде хармонија меѓу новото законско решение за заштита на животната средина и развојот на туризмот.

„Во Струга како туристички град трпи развојот на туризмот и заштитата на животната средина. Од тоа што го гледам во нацрт-законот нема хармонија меѓу развој на туризмот и заштита на животната средина. Не знаеме што не чека. Половина од крајбрежјето е ставено под строго заштитена зона и не знаеме што предвидува“, вели Положани.

Ригорозните правила и отежнататото движење по езерото, особено на потегот кон Радожда, според него, може да го загрози развојот на туризмот. Овој биолог смета дека треба да се најде решение за „црните води“ во езерото, коишто ја диктираат зелената зона. Тој стравува од политизирање на процесот и укажува дека не е добро да се брза со вакви решенија, кои што треба да се спроведат не само во Северна Македонија, туку и во Албанија, со цел да се обезбеди заштита на езерото. 

Какви забрани се предвидени

Со нацрт-законот за којшто е во тек јавна расправа, се забранува внесување на алохотни (туѓи) растителни и животински видови во езерото, внесување на штетни материи во езерото кои би можеле да предизвикаат хемиски, физички, биолошки, микробиолошки и други промени на водата и живиот свет. Потоа се забранува испуштање на нафта и отпадни масла од пловните објекти, внесување на непрочистени отпадни води од населените места и индустриските капацитети, сечење на стебла, трска и палење оган во крајбрежниот појас на езерото, деградирање и уништување на природните живеалишта, особено на местата каде животните се размножуваат или престојуваат во границите на споменикот на природата. 

И стружани се загрижени што ќе донесе новиот закон за заштита на езерото.Фотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Кои зони ќе бидат заштитени

Вкупната површина на споменик на природа Охридско Езеро изнесува 24.801 хектари. Во план е воведување на неколку зони - на строга заштита, за активно управувањеза одржливо користење и заштитен појас.

Зона за строга заштита претставува дел од споменик на природата Охридско Езеро со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Зоната за строга заштита се состои од вкупно 41 локалитети, кои зафаќаат површина од 2951 хектари, што претставува околу 11,9% од вкупната површина на заштитеното подрачје. Во зоната за строга заштита забрането e спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа.

Зоната за активно управување претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни управувачки интервенции со цел реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот. Таа се состои од 4 локалитети кои зафаќаат површина од 14945 хектари што претставува околу 60,3% од вкупната површина на заштитеното подрачје.

Зоната за одржливо користење претставува значителен дел од заштитеното подрачје која не поседува високи вредности за заштитата, во која се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште. Зоната за одржливо користење се состои од 12 локалитети, кои зафаќаат површина од 6905 хектари што претставува околу 27,8% од површината на заштитеното подрачје.

Чуварска служба

ЈП за управување со заштитеното подрачје „Споменик на природата – Охридско Езеро е должно да се грижи и да презема соодветни мерки во заштитниот појас со цел да се намалат заканите за заштитеното подрачје. Надворешниот заштитен појас зафаќа површина од 166 хектари и не влегува во границите на заштитеното подрачје споменик на природа – Охридско езеро. Тој го опфаќа делот од просторот од 50 метри околу катастарска парцела 1/1 КО Охридско Езеро. Надворешниот заштитен појас започнува од македонско-албанската граница на западната страна од Охридско Езеро и оди долж брегот до местото каде што се спојува со границата на Националниот парк Галичица на источната страна од езерото кај село Коњско.  

Што кријат водите на Охридското езеро?

01:30

This browser does not support the video element.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми