1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Активистите на нозе: Стоп за отровни рудници во струмичко

ДТЗ
5 јули 2023

Компанијата „Еуромакс ресурси“ тврди дека нема опасност за здравјето на жителите. Тие бараат да не се попречува странската инвестиција, во спротивно најавуваат постапка пред меѓународната арбитража во Вашингтон.

бунт против рудници
Активистите на нозе против изградбата на рудникот Иловица Фотографија: DW/F. Schmitz

Активистите од Здрава Котлина добија поддршка од еколошките здруженија во земјата, зелената партија ДОМ и од граѓаните во борбата против отворањето на рудник во струмичко. Крикот на еколошките здруженија против рудниците следи по информацијата дека Владата донела одлука за спојување на двете концесии за рудник за бакар и злато на планината Огражден, кои се наоѓаат на териториите на Општините Босилово и Ново Село. Ова, според активистите, значи дека е можнa изградба на рудникот Иловица-Штука, откако Управниот суд ја уважил жалбата на канадската компанија „Еуромакс“.

„Струмичката котлина е најголемиот производител на земјоделски производи и цела Македонија е во опасност да јаде отруен зеленчук од рудникот со отворен коп. Рудник нема да има“, порачаа од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“. 

Рудниците се штетни за здравјето

Активистите од „Здрава котлина“ велат дека Владата донела тивка одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“ и што беше клучна и најголема препрека за добивање на дозвола за експлоатација. 

„’Еколог’ е помоќен од нашето државно судство, а ова спојување го докажа тоа. Тоа што го бараше ‘Еуромакс ресурси’ со години наназад, исто како и што 12-те пресуди на Управен суд и Виш управен суд го бараа, што досега никој не се дрзна да им даде, сега премиерот им дозволи да ги спојат концесиите, но секако со посредство на ДУИ, откако Назиф Дестани вложи милиони евра за 25% од акциите во ‘Еуромакс’. Најавуваме дека народот активно ќе се мобилизира и ќе се самоорганизираме да делуваме на секаков можен начин. И ние имаме ‘чизми’ кои многу време не се извадени. Време е за народна буна“, објавија од „Здрава котлина“.

Зелената партија ДОМ бара од Министерството за економија и Владата, како и од општините Босилово и Ново Село, да не дозволат изградба на рудникот „Иловица-Штука”. Тие сметаат дека по владината одлука за спојување на концесиите, сериозна е загриженоста дека се планира отворање на овој рудник.

„ДОМ останува цврсто на ставот против отворање рудници, затоа што тие се штетни по животната средина и здравјето на луѓето. Последиците од уништувањето на природата и загадувањето од рудниците остануваат присутни со децении по нивното затворање. Не смееме да дозволиме заради остварување на профит на поединци, да ја уништуваме иднината на сегашните и идните генерации“, велат од ДОМ. Тие порачуваат дека земјата треба да се посвети на развој на зелената економија и отворање зелени работни места, за да обезбеди здрав и квалитетен живот за граѓаните и просперитет на македонското општество.

„Нема дозвола без стандарди“

Одлуката е објавена во „Службен весник“ во вторникот (04.07). Од Министерството за економија се децидни дека одлуката е донесена по пресуда на Управниот суд од 30.03.2023 година, со која се уважува тужбеното барање на „Еуромакс'. Тие тврдат дека станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии.

„Потенцираме дека не се доделуваат нови права на концесионерот и со ова не се дава право да врши експлоатација, односно за да може да врши експлоатација потребно е да добие дозвола за експлоатација согласно Законот за минерални суровини“, велат од Министерството за економија. Концесионерот има доставено барање за дозвола за експлоатација за двете концесии, но тие се уште не биле комплетни. „Владата има слух и разбирање за загриженоста на жителите. Нема да се издаде дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди и добри практики за заштита на животната средина и здравјето на луѓето“, тврдат надлежните.

Нема да се издаде дозвола за експлоатација за отворање на рудник, без исполнување на највисоките светски стандарди, велат од Министерството за економијаФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

„Да не се попречува најголемата странска инвестиција“

Неодамна Управниот суд ја уважил тужбата на „Еуромакс ресурси“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“. Компанијата денеска побара надлежните институции без одлагање да овозможат реализација на најголемата странска инвестиција. Тие тврдат дека нема никаква опасност на здравјето на жителите на Босилово и Ново Село.  

„Сите правни аргументи се на страната на 'Еуромакс ресурси'. Токму затоа, очекуваме без понатамошни одлагања надлежните државни институции да продолжат да ги усвојуваат сите неопходни одлуки за да почне реализацијата на една од најголемите инвестиции од независноста на државата до денес. Република Северна Македонија како полноправен член на НАТО Алијансата и држава која ги отпочна преговорите за полноправно членство во ЕУ, меѓу другото има должност и обврска да обезбеди правна сигурност и ефикасност во спроведување на законите за домашните, но и за странските инвеститори“, се вели во реакцијата на компанијата.

Тие најавуваат дека во спротивно ќе бидат принудени да покренат соодветна постапка пред меѓународната арбитража во Вашингтон, САД. Првичните проценки се дека вкупните штети кои потенцијално ќе се наплатат од буџетот на Северна Македонија изнесуваат повеќе од 1 милијарда евра, без пресметани камати.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми