Прва цигара на 13 години - пушат над 40% од младите
2 октомври 2025
Македонија сè уште е на листата на земји со повисоки стапки на пушење во регионот. Анализите покажуваат алармантни податоци - 40 проценти од младите до 18 години пушат, а најфрапантно е што децата веќе на 13 годишна возраст посегнуваат по цигарите.
„Превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи“, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска, којашто учествуваше на регионалната работилница „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, во организација на Аналитика тинк тенк.
Станува збор за горлива и многу сериозна тема, а тоа е употребата на тутунот и електронските цигари кај младите.
„Она што е навистина е поразително е штетното влијание на здравјето. Тоа мора да го превенираме и Министерството за образование и наука и Владата преземаат определени чекори првенствено за превенција за да ги избегнеме трошоците за лекување во подоцнежните години“, вели Јаневска. Таа информираше дека во новите законски решенија за основно и средно образование ги задолжиле училиштата да спроведуваат програми против дискриминација, против насилство, против малолетничка деликвенција, но и против злоупотреба на овие супстанции – тутунот, алкохолот и дрогата.
Забрана за продажба
„Факт што нас не загрижува и нашите анализи што покажуваат е дека младите во Македонија покажуваат сериозна стапка на пушење. Она што можеме да го направиме и како тинк тенк и како цело општество е да реагираме соодветно“, вели Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика тинк тенк.
Таа смета дека треба да се почитува законската регулатива и на младите под 18 години да не им се продаваат цигари. „Најважно е едукацијата и превенцијата да почнуваат од многу рана возраст. Од рано да ги едуцираме младите дека генерално пушењето е штетно и да развиваат позитивни навики“, вели таа.
Прва цигара на 13 години
Анализите покажуваат дека младите почнуваат да пушат веќе на 13-годишна возраст.
„И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А, според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, укажува Мијовиќ Спасова.
Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи. Тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти. Според СЗО, трошоците за цигари изнесуваат 38 милијарди денари годишно што е црвен аларм за преземање итни мерки за намалување на оваа загуба.
Институт за јавно здравје (ИЈЗ) отвори бесплатна телефонска линија за откажување од пушење.