1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албанија не сака да спроведува постапки за азил за Германија

ЕМФ / ртр
14 октомври 2024

Албанија не сака за Германија да спроведува процедури за азил за бегалци во прифатни кампови, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за ТВ Ројтерс.

Еди Рама, премиер на Албанија
Еди Рама, премиер на АлбанијаФотографија: Olsi Shehu/AA/picture alliance

За спроведување процедури за азил за бегалци во прифатни кампови, Германија „треба да најде друг партнер“, изјави албанскиот премиер Еди Рама за ТВ Ројтерс. Рама, кој учествува на денешната (14.10) конференција за Западен Балкан во Берлин, нагласува: „Ако Германија најде друг партнер во регионот, би било убаво да се види дали тоа функционира на ист начин“, вели албанскиот премиер, алудирајќи на двата нови албански прифатни кампа во кои се спроведуваат процедури за азил за Италија. Двата кампа почнаа со работа минатиот петок и можат да примат до 3.000 бегалци. Во нив се распоредени околу 500 италијански полицајци и војници. Само на признаените баратели на азил треба да им биде дозволен влез во земјата на ЕУ - Италија.

Камповите во Албанија се модел за барањата во некои земји од ЕУ процедурите за азил во иднина да се одвиваат генерално надвор од Унијата. Велика Британија имаше слични планови со африканската земја Руанда, од кои во меѓувреме се откажа. Во Германија, такви процедури надвор од ЕУ бара особено опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ).

Рама беше претпазлив во одговорот на прашањето дали неговата земја треба да се гледа како модел. „Моделите треба да се тестираат“, рече тој. Неговата влада го склучила договорот со Италија бидејќи двете земји имаат многу блиски врски од географски причини. Двете земји, според него, од една страна успеале да ја запрат нерегуларната миграција, а од друга страна да отворат патишта за работа за Албанците во Италија.

Во исто време, албанскиот премиер ги пофали шесте држави од Западен Балкан и кандидати за членство во ЕУ како идеални земји за екстерни проверки за азил. Тие се опкружени со држави на ЕУ, но во исто време таму не важат законите на ЕУ. „Тоа е предност“, нагласува Рама. Сега треба да се види како тоа може да се искористи „креативно“. Она што е важно, додава Рама, е дека сепак не може да се работи само за договори меѓу две земји. Таков предлог тој ѝ дал на поранешната канцеларка Ангела Меркел уште во 2015 година.

Рама ги обвини земјите од ЕУ дека не се подготвени да усвојат заедничка политика за бегалците. Наместо тоа, во одделни земји се поттикнува стравот од бегалците со цел да се добијат повеќе гласови. Се промовира поделбата меѓу белци и црнци, муслимани и христијани, вели Рама, а тоа е многу штетно за Европа. Во некои случаи се поттикнува културна војна, што е „погубно“ за Европа. Тој потсетува дека на земјите како Германија во исто време им се потребни работници. Европа мора да се справи со феноменот бегалци, едноставно затоа што тој веќе нема да исчезне, оценува Рама.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми