Со отворањето на дисконтот, браќата Албрехт испишаа економска историја. Инфлацијата сега уште повеќе ја зголемува атрактивноста на понудувачите на евтина храна. Но, во една работа Алди мора да се поправи.
Реклама
Со оглед на драматичните поскапувања на прехранбените намирници, дисконтите во моментов доживуваат бум. Со својот фокус на евтини производи, тие се на пулсот на времето. „Мајката“ на дисконтите, Алди, токму во оваа година на растечки цени слави важна годишнина. Пред 110 години, семејството коешто го основаше Алди - фамилијата Албрехт, ги постави темелите на денешната малопродажна империја. На 10 април 1913 година, пекарот Карл Албрехт во Есен започна со „трговија со печива“. За успехот на Алди, меѓутоа, и покрај сиот пионерски дух на Карл Албрехт, не е заслужен тој, туку неговите синови Карл Јуниор и Тео Албрехт.
Од скромните почетоци се создаде една од најголемите трговски империи во светот. Сестринските компании Алди Норд и Алди Зид сега се активни не само во Европа и северна Америка, туку и во Австралија.
По смртта на нивниот татко, Карл Јуниор и Тео Албрехт ја презедоа одговорноста во бизнисот и го развија дисконт-концептот. Првата продавница „Алди“ - кратенката значи „Албрехт-Дисконт“ - беше отворена во 1962 година, пред околу 60 години. Оригинален рецепт за успех: мал асортиман во скромен амбиент по најниски цени.
Алди, и малку подоцна неговиот ривал Лидл, во Германија и последователно во многу други земји ја натераа конкуренцијата во супермаркетите да се плаши.
Дисконтите имаат сѐ уште важна улога
„Дисконтите, со своите евтини понуди, за многу домаќинства се поважни од кога било досега“, вели за агенцијата ДПА експертот за трговија Роберт Кечкес од компанијата за истражување на пазаротГфК. Затоа, не е ни чудо што дисконтерите до крајот на 2022 година го зголемија својот удел на пазарот во Германија од 34,8 на 36,9 проценти во рок од само 12 месеци, се вели од ГфК.
Сепак, денешните филијали на Алди имаат малку заедничко со оние од раните денови. Некогаш имиџ на продавниците беа студената неонска светлина и стоката на дрвени палети, а сега продавниците имаат модерен дизајн со амбиент во кој купувачите треба да се чувствуваат добро. И, покрај класичните сопствени марки, во Алди сѐ повеќе може да се најдат брендирани артикли. „Луѓето денес сакаат пријатно шопинг опкружување. Дисконтите во тој дел мораа да се поправат и го направија тоа“, вели Кечкес.
Дисконтерите во моментов мака мачат со својата најважна карактеристика - ниските цени. И тие, имено, неодамна мораа наго да ги зголемат цените - процентуално дури и повеќе од многу компании за брендирани стоки, потенцира Кечкес.
Бидејќи, драстично зголемените трошоци за енергија и набавки имаа поголемо влијание врз сопствените марки на производи, кои имаат ниски цени, отколку врз брендовите на други производители со нивните генерално значително повисоки трошоци за рекламирање и профитни маржи. Сепак, одлучувачки фактор за клиентите е веројатно тоа што и покрај скокот на цената, сопствените брендови на дисконтите обично сè уште се значително поевтини од другите брендирани производи.
Треба да се работи на онлајн-трговијата
Значи, дали е сè во ред во годината кога се одбележуваат 110 години Алди? Не баш. Според експертот за трговија Герит Хајнеман од Универзитетот за применети науки Нидеррајн, особено Алди има запоставено едно градилиште - онлајн трговијата. „Досега дисконтерите не мораа многу да се занимаваат со темата за онлајн-тргување“, вели експертот за трговија.
Но, само прашање на време е кога темата ќе стане актуелна и за нив. „И тогаш ќе биде тешко за Алди, бидејќи ривалот Лидл во тој дел е во значително водство.“
Лидл во најновото рангирање на келнскиот институт за истражување на трговијата на мало ЕХИ обезбеди место меѓу првите десет германски трговци за е-трговија. Со промет од околу една милијарда евра, lidl.de го зазеде 8-то место на ранг-листата, иако дисконтот на интернет нуди многу малку прехранбени намирници. За споредба: Алди со својата онлајн продавница воопшто не се појавува меѓу првите 100.
11 корисни совети за германските супермаркети
Каде се наоѓаат јајцата? Зошто количките се врзани една со друга? При првата посета на германски супермаркет некои работи може да изгледаат чудно. Еве што треба да се знае.
Фотографија: DW/E. Grenier
Треба да се знае што се бара
Продавниците за прехранбени производи во Германија се категоризирани, а тоа може да збуни многу новодојдени. Некои ланци се супермаркети, други се викаат дисконти. Покрај тоа има и био-маркети, кои продаваат само био-производи. За рецепти од Блискиот Исток се препорачува купување во турски и арапски маркети, за азиската кујна пак - азиските маркети. Па и не е така тешко ако човек знае што бара.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach
Разновидност или добра цена
Типичните супермаркети имаат широка палета на производи, а дисконтите имаат помалку марки и производи, што некогаш може да фрустрира. Сепак, политиката на ниски цени во дисконтите се покажа како успешен модел, па така Алди и Лидл имаат филијали во цел свет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat
Без ситни пари нема количка за пазарење
Многу доселеници се чудат што количките се врзуваат една со друга. Мора да се уфрлат 50 центи или 1 евро за да се ослободи количка за користење, што секако не е пара која некого би го предомислила од кражба на количката. Но, заштита од кражба и не е целта на капарот за количка. Тој треба да ги мотивира купувачите по користењето уредно да ја вратат количката на свое место.
Фотографија: DW/E. Grenier
Одушеви ја татковината со ниски цени
Пудинг во дисконт предизвика дипломатска вознемиреност откако Израелец на сега веќе избришаната Фејсбук-страница Олим Л-Берлин или во превод „Да се преселиме во Берлин” ја постираше сметката од маркетот како доказ за неверојатно ниските цени во германскиот главен град. Израелски политичари беа бесни што „Израелците би ја напуштиле земјата за еден пудинг”.
Фотографија: DW/E. Grenier
Јајцата не се во фрижидер
Секој Северноамериканец во потрага по јајца би се упатил кон фрижидерите. Во Германија јајцата се на обична полица. Зошто? За да се спречи ширење на салмонели во САД јајцата се дезинфицираат пред продажбата и процесот го уништува надворешниот заштитен слој, поради што јајцата мора да се чуваат на ладно. Во ЕУ јајцата не се третираат - наместо тоа се вакцинираат кокошките.
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto
За неделите да се планира однапред
Наполнете си го фрижидерот однапред, оти во недела продавниците не работат. Продажното време е законски регулирано и работниците имаат загарантиран еден ден одмор во неделата. Алтернатива се киосци и бензински пумпи, кои работат и во недела и имаат само најосновни работи. Има и исклучоци: во недели кои се регулирани да бидат работни, особено пред Божик, може да работат сите продавници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Продолжените викенди се како апокалипса
Празници како Велигден и Божик германските семејства ги слават со празнични ручеци и вечери. Купувањето пред таквите празници е налик на апокалипса пред атомски напад. Ако на таков ден ви треба само чоколадо или леб, одете во пекарницата, во киоск или заборавете сосема на производот. Ова е добронамерен совет.
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER
Нова каса прави хаос
Кога во супермаркет заради гужва се отвора нова каса прочуениот германски ред и поредок исчезнува. Предност нема оној што најдолго чека во редот, туку почнува трка за тоа кој прв ќе застане и притоа се користат лакти, колички и други средства. Кога се работи за тоа да се заштедат неколку минути, Германците не знаат за стоп.
Фотографија: DW/E. Grenier
Значењето на разделниците на лента во маркет
Искрено, имате ли идеја како се викаат оние долги нешта за одделување на производите на еден од тие на друг купувач на лентата на каса? Ако во Германија ставите неколку производи на лента и мислите дека уште има време да ја ставите разделницата пред да дојдете на ред, заборавете – веќе ви се гарантирани лути погледи и можно е веќе друг да ја завршил работата за вас. Приоритет си е приоритет.
Фотографија: DW/E. Grenier
Луѓето на каса се ефективни и кога седат
Северноамериканците се навикнати луѓето на каса да работат во стоење, додека пак доселениците во Германија наидуваат на малку поинаква слика – на каса се седи, но тоа не ги прави работниците ништо помалку ефективни.
Фотографија: picture alliance/dpa/O. Berg
Пакувај брзо!
За доселениците е стрес тоа што мора брзо да се пакува и има само малку простор за производите. Се сеќавате на разделниците од пред малку? Е, па тие веќе не играат никаква улога, бидејќи касиерот едноставно ги става работите од следниот клиент кај вашите. Ако не сте доволно брзи во пакувањето, сами сте си виновни.