1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоРусија

Алексеј Навални – модерниот руски маченик

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
4 март 2024

Историјата нѐ учи дека мртвите херои често се поопасни за тираните од живите. Тоа го потврди и смртта на Алексеј Навални, секогаш насмеаниот критичар на режимот на Владимир Путин. Пишува Кица Колбе

Гробот на Алексеј Навални во МоскваФотографија: Olga Maltseva/AFP/Getty Images

Христијанските маченици се слават поради нивниот подвиг. Со својата смрт тие сведочат дека смртта не е посилна од животот, односно дека злото не е посилно од доброто. Затоа што нивниот пример е Христос и неговата смрт на Крстот. Затоа тираните не ги сакаат храбрите борци за правда, бидејќи тие со храбрата смрт за другите стануваат почитувани маченици. Историјата нѐ учи дека мртвите херои често се поопасни за тираните од живите. Тоа го потврди и смртта на Алексеј Навални, секогаш насмеаниот критичар на режимот на Владимир Путин. Тој не престана да го разобличува режимот во Кремљ ниту по смртта. Тој, пак, со неговата смрт како да се „заплетка” во сопствената драматургија. Тоа уште еднаш покажа дека автократите се лоши драматурзи. Не само со тоа што на мајка му, која отиде во Сибир, не ѝ беше дозволено да го види мртвиот син. Туку и со тоа што долго не се знаеше дали ќе им биде дозволено да го погребат. За „стравот” на власта од мртвиот Навални говореше и тоа што до последниот миг „не се најде” просторија за комеморација. Сите одеднаш беа зафатени. Власта стравуваше од тоа комеморацијата да се претвори во граѓански протест. Неизвесно беше дали ќе се најде за погребот смел свештеник и во која црква. Кога се најде свештеник во црквата во Марјино, населбата со социјалистички згради како во скопски Карпош, каде што Навални пораснал, полицијата го огради со метални огради целиот кварт околу црквата. Тоа не ги спречи десетиците илјади луѓе да тргнат во поворка долга неколку километри, за да се простат од него.

Кица КолбеФотографија: Privat

Млади и стари стоеја трпеливо во редицата, со цвеќиња в раце. Сѐ додека не се појави возилото со ковчегот на Алексеј Навални. Од тој миг почна да се одигрува незамисливото не само за власта, туку сигурно и за многу исплашени руски граѓани. Поворката го извикуваше името Навални, но и „Путин-убиец” и „Путин во Хаг”.

Зборови со сила да поместат планини

Сигурно откако Русија ја нападна Украина немало толку гласен хор од граѓани кои во Москва извикуваа „не за војната” и „Путин-убиец”. Дека „мисијата” на Навални почна да се остварува сведочеа извиците: „Ти не се плашеше и ние не се плашиме”. Стравот на власта стана уште повидлив кога, по погребот, полицијата го затвори влезот во гробиштата. Пред него остана огромниот број граѓани кои сакаа да се простат од починатиот на гробот. Тие потоа долго извикуваа: „Пуштете нѐ да се простиме!” Гробот на Навални на Борисовските гробишта крај Москва само три дена по погребението стана место за поклонение. Крстот на неговиот гроб не се гледа. Тој е покриен од рид од цвеќиња. Луѓето ги фрлаат цвеќињата и преку затворената ограда.

Огради околу црквата каде се одржуваше комеморацијата за Алексеј НавалниФотографија: REUTERS

Ова што се случува на гробот на Навални е јасен одговор на честото прашање: „Зошто ризикувал да се врати во Русија, кога знаел дека таму ќе го убијат?” Тој очигледно се вратил надевајќи се дека ќе се случи тоа што се случи по неговата смрт и за што сведок стана целиот свет. Навални ги охрабри со својата смрт сите руски критички интелектуалци и уметници, кои по војната во Украина ја напуштија Русија. Многу од нив на своите профили на Фејсбук сведочеа колку жалат што не се и тие во поворката зад оградите, која полека се движеше кон црквата. Навални знаел дека тој само зад решетките, дури и во смртта, можеше на својата Русија, за чија слобода сонувал, да ѝ каже: „Јас не се плашам, не плашете се и вие!” Во авторитарните режими овие зборови имаат сила да поместат планини. Против нив се борат сите диктатори, стари и нови. Силата на овие зборови е стара колку и нашата ера. Тие се Христовите зборови во Евангелието.

Саможртвата на Навални

Токму Алексеј Навални, симболот за модерното време, го разобличи режимот на „страв и репресија” во Путинова Русија, спротивставувајќи му ги Христовите зборови. Во своето сведоштво при последното судење во Москва, Навални говореше за својата вера во Бога, изненадувајќи ги сите кои никогаш не ќе помислеа дека токму Евангелието е неговата инспирација. За тие што имаат „уши да слушаат”, уште тогаш требаше да биде јасно дека тој се врати во Русија за да се „саможртвува”. Тоа тој го кажа пред судот, цитирајќи ги Христовите зборови (Матеј 5:6): „Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат.” Тој знаел што го очекува во Русија. Сепак, не се плашел да се врати и да умре во Русија на стравот, со надеж за една „прекрасна Русија на слободата“. Сега неговата сопруга Јулија ги цитира во јавните настапи неговите зборови за „прекрасната Русија на слободата”. Како сите маченици за правда, Навални повторно му покажа на светот дека најкревкото, надежта и љубовта, доброто имаат поголема сила од злото, токму затоа што можат да го разбудат копнежот по слобода во срцата на замолкнатите од страв. Опозицискиот руски медиум „Медуза” напиша дека борбата „на доброто против рамнодушноста не е завршена” со смртта на Алексеј Навални. Тој со својата смрт уште појасно го разобличи принципот врз кој се потпираат сите авторитарни режими. Стравот во тие режими прави најголемиот дел од луѓето да живеат небаре не го гледаат злото. Затоа што рамнодушноста за злото околу себе е модусот за преживување на замолкнатото мноштво во диктатурите. Спокојот на таа рамнодушност го потресе смртта на Алексеј Навални.

Портрет на Навални пред споменикот на жртвите од политичка репресија во Санкт Петербург и лист на кој е напишано: „Не се предавајте. Не, не се предавајте. Алексеј Навални“Фотографија: Stringer/REUTERS

Тоа е вековното трпение на народот пред злото во руската историја, кој е постојан наратив и во руската уметност. Во „Андреј Рубљов” на Тарковски, Распетието Христово е раскажано како типична „руска приказна”, која се одигрува во сибирскиот снежен бескрај. Таа „руска приказна” за народот кој молкум ја трпи неправдата како руска судбина, Алексеј Навални сакаше да ја негира со својата животна храброст и со својата маченичка смрт. Токму тој, чиј модерен изглед, критичко мислење и голема храброст беа целосна спротивност на тоа вековно русконародно трпение, ги повикуваше своите современици да не се плашат. Тој го знаеше вековното руско мачеништво на дисидентите, кои сите руски диктатори ги испраќаа во сибирското прогонство. Сепак, прифати да биде испратен во прогонство речиси на Северниот пол. А таму да умре како и поетот Осип Манделштам или православниот богослов Павел Флоренски. Како и милионите жртви на сталинистичкиот и на царистичкиот режим. Несекојдневноста на неговиот подвиг, тој на модерниот руски маченик, се препознава во шифрата на неговиот погреб: православната црковна традиција беше поврзана со модерната западна култура, изразена во песната на Франк Синатра „My Way“. На гробиштата во Москва, во земјата која „колективниот Запад“ го прогласи за свој непријател, одекна гласот на Синатра.

Навални им сведочеше со својата „саможртва” на сонародниците Руси дека не треба да се плашат од вековното руско прогонство на „жедните за праведност” во Сибир. Тоа што таму може да го загуби херојот е само животот. Затоа што тој станува жив сведок и во смртта за тоа дека слободата се освојува кога се победува стравот. Во црквата каде што беше неговиот ковчег имаше само 300 луѓе, три свештеници и три певци. Пред затворените порти, истите црковни песни сето време ги пееше хор од дванаесетина певци од други цркви, како и големо мноштво од народот. Алексеј Навални ги собра околу црквата и илјадниците Руси кои никогаш не биле во неа. Нив ги привлече не само неговата борба за правда, туку и неговото сведоштво за христијанската вера. Токму тоа значи маченик.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми