1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Членството во НАТО ја зголеми безбедноста на Македонија

ДТЗ
4 април 2024

Северна Македонија како членка на НАТО ја одбележува 75-годишнината од создавањето на најмоќниот воено-политички сојуз.

НАТО
Алијансата слави 75 години: Членството во НАТО ја зголеми безбедноста на македонската државаФотографија: Janine Schmitz/AA/photothek.de/picture alliance

Северна Македонија како членка на НАТО ја одбележува 75-годишнината од создавањето на најмоќниот воено-политички сојуз. Оценката на претседателот Стево Пендаровски е дека членството во НАТО значително ја зголеми безбедноста на македонската држава, како дел од семејството на евро-атлантските демократии.

„Сите 32 земји - НАТО сојузници сме обврзани да ги чуваме слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократија, индивидуална слобода и владеење на правото, како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста“, вели претседателот по повод одбележувањето на 75-годишнината од формирањето на Алијансата.

Гарант за безбедноста

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, по повод 4. Април – Денот на НАТО се обрати до граѓаните со видео порака. „Денес, на 4 април, одбележуваме важен момент во историјата на меѓународната безбедност и одбрана – Денот на формирањето на Северноатлантската алијанса. Пред 75 години, нациите основачи на НАТО ја поставија основата за организација што ќе стане камен-темелник на колективната безбедност и демократските вредности ширум светот. Во годината во која Северна Македонија одбележува четири години членство во НАТО, а со сојузниците во Алијансата одбележуваме 75 години од нејзиното основање, можеме да кажеме дека ги имаме сите предиспозиции да бидеме силен гарант на нашата независност и сувереност“, вели Петровска.

Тоа е, вели министерката, успехот на нашата генерација, но во тој успех се вградија и сите оние кои пред нас нè водеа кон истата цел – држава чија безбедност и стабилност е гарантирана и однатре, но и од нашите сојузници.

„Како министерка за одбрана, чувствувам голема чест и одговорност што ја предводам одбраната во овие времиња, кога соработката и колективната одбрана се поважни од кога било. Нашата интеграција во НАТО не е само потврда за нашата посветеност кон мирот и стабилноста, туку и сведоштво за нашата подготвеност да придонесуваме кон глобалната безбедност“, вели Петровска.

 

Нова динамика

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека е време за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западниот Балкан, бидејќи забрзувањето на овие процеси е клучно за спротивставување на руските намери и консолидирање на целокупната стабилност

„Нашиот регион сѐ повеќе станува поле за геополитички натпревар, а Западниот Балкан е на линија на огнот на цивилизацискиот судир помеѓу Западот и Истокот. Руската воена агресија врз Украина покажа дека безбедносната архитектура во Европа е нарушена, а како што сум истакнал и во други прилики, Украина е само првата станица од руските империјалистички амбиции. По Украина, руската агресија се очекува да продолжи и наредна станица да бидат земјите од Западен Балкан“, рече Османи, кој присуствуваше на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО во Брисел. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека е време за нова динамика во европските и евроатлантските интеграции на земјите од Западниот БалканФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Министерски состанок е значаен затоа што заеднички со сите сојузници во седиштето на НАТО во Брисел беше одбележана 75-годишнината од формирањето на Алијансата. „И овој важен јубилеј коинцидира со приклучувањето на Шведска во нашето трансатлантско семејство. Ова е силна потврда дека политиката на отворени врати на НАТО не само што е жива, туку е и зајакната и со силен фокус на сите земји сојузнички”, потенцираше Османи. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми