Алта банка: Партиска, финансиска или хибридна игра?
2 ноември 2026
Извршниот одбор на Народната банка на Северна Македонија вчера (1.11) донесе Решение со кое воведе администрација во Алта банка АД Битола (која е во мнозинска сопственост на Алта банка АД Белград), со што управувањето со имотот на банката во Битола привремено премина во надлежност на три лица именувани од Народната банка. Решението стапи во сила веднаш, а како што објасни гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, мерката е од времен карактер и се воведува исклучиво поради случувањата со акционерот со квалификувано учество - Алта банка АД Белград.
Како што е познато, на 31-ви октомври Народната банка на Србија ѝ ја одзема дозволата за работа на Алта банка од Белград, со образложение дека финансиската состојба значително се влошила, дека постои можност за нејзино дополнително влошување, како и за ликвидноста на банката. Одлуката била донесена за да се заштитат интересите на депонентите и да се зачува стабилноста на финансискиот систем на Србија.
Стопанска банка АД Битола од 12.12.2025 година е преименувана во АЛТА Банка АД Битола.
„Ова преименување означува ново поглавје во развојот на Банката - надградба на долгогодишната традиција со современа визија, модерни банкарски решенија и засилена ориентација кон иновации, раст и унапредување на корисничкото искуство, задржувајќи ја притоа истата посветеност, стабилност и доверба изградени низ годините“, најави банката минатата година.
Според гувернерот Славески, Алта банка АД Битола има обврски од околу еден милион евра кон нејзината матична компанија од Белград, износ кој не ја загрозува ликвидноста на банката во Битола. Во изминативе денови немало значителни приливи од белградската во битолската банка, но било забележано повлекување средства од шалтерите и банкоматите на Алта банка АД Битола, во висина од околу два милиони евра.
Без хушкање во јавноста
Славески вчера потенцираше дека мерките се воведени со цел да се заштитат имотот и интересите на штедачите на банката.
„Алта банка АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди. Со цел заштита на имотот на банката, во наредните денови ќе важат одредени ограничувања за плаќања од сметките на клиентите на банката“, објасни гувернерот.
Определен е неделен лимит за одлив од сметките на физичките лица во износ од 10.000 денари, кој може да се користи со картичките издадени од банката. Сите интерни плаќања помеѓу сметките на клиентите - правни и физички лица - во рамки на банката, остануваат овозможени во неограничен износ.
Гувернерот посочи дека корисниците на кредити треба да продолжат навремено да ги исполнуваат своите обврски кон банката. Максималниот рок на траење на времените мерки е три месеци, но Славески очекува состојбите да се решат поскоро, со оглед дека имало информации оти повеќе лица биле заинтересирани да ги купат акциите на банката. Тој нагласи дека Народната банка ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе презема активности во рамките на нејзините законски надлежности.
„Апелираме до сите учесници во јавната дебата да се воздржат од изјави што може да создадат непотребна загриженост на граѓаните. Секое хушкање во јавноста е штетно по довербата во банкарскиот систем и директно ги погодува штедачите, чии интереси се во центарот на мерките што ги презедовме“, порача гувернерот.
До 25-ти октомври сѐ било „во ред"?
Како почна лавината? На 27-ми октомври, српското Обвинителство за организиран криминал поднело барање до Народната банка на Србија (НБС) за собирање информации за сите извршни трансакции на Алта банка во странство во претходниот месец. На 30-ти октомври полицијата веќе била пред седиштето на банката, а во јавноста беа пласирани информации дека нејзиниот сопственик, Давор Мацура, е надвор од земјата. На 31-ви октомври НБС ѝ ја одзема дозволата за работа на банката во Белград.
Верољуб Дугалиќ, поранешен генерален секретар на Здружението на банки на Србија, за српската телевизија Н1 изјави дека таа ситуација нема да го потресе банкарскиот систем во Србија и дека граѓаните можат да останат мирни. Тој постави и реторичко прашање - како е можно по 26-ти октомври да се утврди дека има проблеми, а до 25-ти (денот на изборите во Србија, н.з.) сè да било во ред?
„Исто така, се поставува и следното прашање: Доколку изборите на 25-ти имаа поинаков резултат, дали таа банка ќе беше во проблеми?“, прашува Дугалиќ.
Според него, не е можно вицегувернери во Народната банка на Србија да не знаеле доколку имало проблеми во Алта банка.
„Во Народната банка имате вицегувернер кој е задолжен за банкарска контрола. А сега тие бараат од други (обвинителството, н.з.) да го направат она што било нивна работа", вели Дугалиќ за Н1.
СДСМ бара кривична постапка
Од опозицискиот СДСМ вчера побараа обвинителството да поведе кривична постапка против Мицкоски, Славески и сите што учествувале во процесите околу Алта банка.
„Уште во декември лани им рековме на граѓаните дека ова е пералница за пари на Вучиќ. До вчера Народната банка не мрдна. Со денови бараме реакција“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој го повика гувернерот да одговори колку пари Александар Вучиќ префрлил во Северна Македонија и дали тие пари останале тука или продолжиле кон Москва, нагласувајќи дека сега, кога ја презеле контролата, институциите не можат да се повикуваат на незнаење.
„Состојбите со банкарскиот систем и банките во соседството, немаат никаква врска со банкарскиот систем во Македонија“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонската банка е самостоен правен субјект кој функционира во согласност со македонските регулативи и законодавство. Најголеми мајстори за загрозување на банкарскиот систем, е антимакедонската СДС. Во нивно време пропаднаа Еуростандард банка и ТАТ, кои го загрозија банкарскиот систем, создадоа недоверба на граѓаните и ги оштетија штедачите“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Нема ризик - има ризик
По одземената лиценца на Алта банка од Белград, и Советот на Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) вчера (1.11.) донесе одлука за одземање на овластувањето за обезбедување услуги за плаќање на платежната институција „Алта Пеј Груп“ ДОО Подгорица.
Само еден ден претходно, на 31-ви октомври, од ЦБЦГ соопштија дека одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на Алта банка од Белград не претставува ризик за финансиската стабилност на Црна Гора, бидејќи платежната институција Алта Пеј Груп во Црна Гора нуди исклучиво услуги за плаќање и трансфер на пари, и дека истата е под надзор на ЦБЦГ.
„Нема статус на банка и не прифаќа депозити од граѓани, па затоа не може негативно да влијае на финансиската стабилност на кој било начин“, соопшти НБЦГ.
Сепак, вчера одлуката била промената. Од ЦБЦГ наведуваат дека било утврдено оти законски пропишаните услови за вршење на таа дејност повеќе не се исполнети.
„Одлуката е донесена во согласност со Законот за платен промет, врз основа на сеопфатна проценка на исполнетоста на регулаторните барања, вклучувајќи ги и критериумите кои се однесуваат на подобноста на квалификуваниот учесник и обезбедувањето стабилно, безбедно и законско работење на платежната институција“, се вели во соопштението.
Уверуваат дека навремено ги презеле „сите потребни активности во рамките на нивната надлежност, со цел - во светлината на актуелните настани - да обезбедат уредно извршување на обврските на Алта Пеј Груп ДОО Подгорица и да ги заштитат интересите на корисниците“.
Проценка на безбедносни ризици
Одлука на ЦБЦГ дојде во ист ден со барањето што вчера го најави пратеничкиот клуб на владејачкото Движење Европа сега (ПЕС), кое најави дека денеска (2.11) ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за безбедност и одбрана на парламентот на Црна Гора за одржување контролна расправа во врска со можно хибридно странско влијание врз медиумите и политичкиот простор на Црна Гора. Како што е наведено во иницијативата од ПЕС, предмет на испитување би биле финансиските, сопственичките и деловните односи на телевизиските емитувачи со национално покривање со компаниите М:тел, Алта банка, Алта пеј груп и други поврзани субјекти.
Од ПЕС бараат да се испитаат можните врски и координација што би можеле да укажуваат на организирано вршење политичко влијание од странство. Како што се наведува во иницијативата, целта е да се утврди дали финансиските, телекомуникациските и медиумските канали биле користени за влијание врз јавното мислење, уредувачката политика и демократските процеси во Црна Гора, и дали во тој контекст постојат безбедносни ризици за Црна Гора.
ПЕС ќе предложи Одборот да одржи контролно сослушување на претставниците на надлежните безбедносни и државни институции и ќе бара релевантни податоци за финансиските, сопственичките и деловните односи на посочените субјекти. Исто така, ќе бара и проценка на можните елементи за хибридно странско влијание, со цел да се утврди дали постојат основи за сомневање за координирани дејства што би можеле да го загрозат медиумскиот плурализам, безбедноста на информациите и демократскиот поредок на Црна Гора.