1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Љубомир Фрчкоски најавува дека ќе се повлече од функцијата

ДТЗ
8 јули 2024

Во писмен допис Фрчкоски порача дека се шират лаги за неговото работење и дека притисокот е единствено поради тоа што не е „погоден“ на идеологијата на новите власти.

Љубомир Фрчкоски
Љубомир Фрчкоски најавува дека ќе се повлече од функцијатаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

По промената на власта во Северна Македонија, се најавуваат турбуленции и во дипломатијата. По притисокот и обвинувањата за финансиски малверзации, амбасадорот во Постојната мисија на РСМ при ООН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, најавува дека сам ќе се повлече од функцијата. Во писмен допис порача дека се шират лаги за неговото работење и дека притисокот е единствено поради причина што не е „погоден“ на идеологијата на новите власти. На увид ги стави документите за уплати со цел јавноста да биде информирана дека немало затајување пари од сукцесија на објекти, ниту пак непотребни трошоци спротивно на правилниците за работа на дипломатско-конзуларните претставништва.  

Повик за ревизија на работењето 

Медиумите деновиве објавија информација дека Фрчкоски е повикан на консултации во МНР поради финансиски малверзации – затајување материјални средства од сукцесија на објекти, трошење финансии спротивно на правилниците на работа на дипломатско-конзуларните претставништва и непостапување по добиените насоки кои во изминатиот период ги добивал од МНР.

„Не е никаков проблем амбасадорот да се повлече од функцијата кога не е „погоден“ на идеологијата на новите власти. И тоа е спремен да го направи. Амбасадорот моментално е на боледување по кое ќе се повлече од функцијата, за што МНР нема потреба да измеќарува“, се вели во сооппштението.

Според мисијата на РСМ во ООН, начинот кој МНР го бира за таа операција на отстранување на амбасадорот, со конструкција на валканици во финансиското работење наспроти толку претходни и сегашни деманти е срамен, заслужува секаква осуда и покажува неприфатливо ниво на комуникација во јавноста. Мисијата го повикува МНР кој има инструменти, да испрати ревизија која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење.

Мисијата во ООН го повикува МНР кој има инструменти, да испрати ревизија која ќе ја утврди состојбата во целокупното работење.Фотографија: picture-alliance/AA/ C. Ozdel

Обвинувања за злоупотреби

Дел од обвинувањата упатени на адреса на амбасадорот Фрчкоски се уште од 2023 година, кога беа демантирани од тогашниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, а се однесуваа на добиените пари за сукцесија на објектот на поранешната СФРЈ во Њујорк. Тврдењата беа дека „амбасадорот со тогашниот премиер прави матни зделки со тие пари и не ги внесува во буџетот каде законски припаѓаат“. 

Од МНР тогаш тврдеа дека средствата од заедничката продажба на објектот на Мисијата на поранешна СФРЈ при ООН се делумно префрлени на сметката на Постојаната мисија во Њујорк, а соодветно на локалните правила и продажните услови, а се очекува да биде префрлен и преостанатиот износ со што ќе се заокружи целата купопродажна трансакција согласно договорот. Во врска со начинот на кој ќе се употребат овие средства, откако ќе бидат вратени во буџетот, постои заклучок на Влада со кој е предвидено од овие средства да бидат купени простории за постојаната мисија во ОН во Њујорк како и објект за амбасада во Софија, објасни лани МНР. 

Нема пари за лекарско осигурување 

Мисијата ги стави на јавен увид јавните документи од уплати на средства од сукцесијата во буџетот во три наврати, со што, според нив, целосно се демантираат тврдењата на МНР.

„Службите во МНР не ѝ доставуваат на мисијата соодветни средства за лекарско осигурување на вработените во мисијата со што се крши законската обврска тоа безусловно да се обезбеди (на основа на погрешно направен тендер на вработена во мисијата која сега е во кабинетот на министерот), а чие необезбедување повлекува кривична одговорност. Мисијата чува некои минимални средства на државната, своја сметка во случај МНР да не обезбеди средства, а законската обврска принудува тие да ѝ се платат на здравствената компанија во САД.И тоа е сè. И тоа е јасно и транспарентно“, се наведува во соопштението. 

Од Мисијата реагираат и дека е „срамна и мизерна е забелешката на службите во МНР дека амбасадорот злоупотребил службена картичка за авионски карти кон Македонија“. „Амбасадорот имаше итна медицинска интервенција во Македонија и беше на погребот на својот починат брат – ненадејни настани кои го примораа привремено да искористи пари од мисијата за авио билет, кои секако деновиве ги надомести од свои приватни средства“, се наведува во соопштението. 

Љубомир Фрчкоски замина како амбасадор во ОН во март 2022 година, со указ кој го потпиша тогашниот претседател Стево Пендаровски. Шефот на државата го потпиша Указот, откако Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ не ја закажуваше седницата на Комисијата за надворешни работи за да може Фрчкоски да ги одбрани тезите. Фрчкоски претходно беше кандидат за амбасадор во Вашингтон.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми