1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Судскиот совет ќе ја чешла работата на сите судии

4 февруари 2026

По утврден план и динамика ќе се проверува работата на судиите во сите апелациони и основни судови во земјата. Први под лупа ќе бидат Апелациониот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, гестикулира додека говори седнат на маса.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, го најави планот за проверка на работата на судиите во сите судови во земјатаФотографија: Petr Stojanovski

Работата на судиите ќе биде подложена на систематски преглед. „Нога повлече" апелацискиот судија Ѓоко Ристов, осомничен за противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен со дејствија на корупција и трговија со влијание, при што во домот на неговите родители во Неготино беа најдени соѕидани 350 илјади евра. Но тој сигурно нема да биде единствениот судија чија работа ќе биде под лупа на Судскиот совет.

Советот на седница донел одлука да биде проверена работата на сите судии во Апелациониот суд Скопје, но и не само таму. Според претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, планот е да се продолжи со проверка на работата на судиите во сите апелациони судови, како и на судиите во основните судови во целата земја, според план и динамика што треба да се утврди.

Таа постапка бара време. Со оглед дека станува збор за обемна работа, но и ограничени кадровски ресурси на Судскиот совет, проверката не може истовремено да тече во сите судови, па извесно е дека најпрво ќе почне во најголемите судови во земјата - Апелациониот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.

Многу претставки, колку казни?

Најмалку шест предмети во кои постапувал апелациониот судија Ѓоко Ристов, во моментов се под лупа на Судскиот совет, по добиени аномнимни претставки. Засега нема податоци дали Комисијата утврдила одреден пропуст во неговото работење, бидејќи се уште се разгледуваат предметите, а извештајот се очекува до крајот на неделава.

Претставки за работата на судиите има многу. Според претседателот на Судскиот совет, речиси секој судија во државата е опфатен со некаква претставка.

Проверката на судиите од страна на Судскиот совет најпрво ќе почне во најголемите судови во земјата - Апелациониот, Кривичниот и Граѓанскиот суд во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

 „Четристотини и двесет судии се, сите се опфатени. Огромен процент од нив се однесуваат на странка која што не е задоволна од исходот на спорот. Вложува жалба до повисок суд, а истовремно праќа претставка кај нас и содржината речиси е иста со жалбата“, ја опиша Камбовски состојбата во гостување на ТВ Сител.  

За судијата Ристов во последните три години имало 4-5 претставки, но не поеднични за него, туку „во пакет" со други судии. По сите тие претставки било постапено. Лани Ристов бил парично казнет од Судскиот совет, заради утврдена повреда за случај кога не се изземал во предмет во кој требало да се изземе.   

Најчестиот „лек“ - парична казна 

Судскиот совет и во претходни случаи најчесто при утврдени повреди во работата на судиите изрекуваше парични казни. Последниот објавен извештај за работата на ова тело во 2024 година, го покажува истиот тренд.

По поднесени барања, во 2024 година Советот на 6 судии им изрекол дисциплински мерки: на еден судија намалување на плата во висина од 15% од месечната плата во траење од три месеци, на двајца намалување на плата во висина од 30% во траење од шест месеци, на четвртиот намалување на платата од 30% во траење од два месеца, а на двајца судии им била изречена дисциплинска мерка - Јавен укор.

Во 2024 година биле поднесени 97 барањa за утврдување на одговорност за судија или претседател на суд против 210 судии. Комисиите на известители отфрлиле 130 барања, а Советот донел одлука за запирање на 49 постапки за утврдување на одговорност против судија или претседател на суд.

Во 2024 година кај еден судија бил утврден престанок на судиската функција, поради тоа што бил осуден со правосилна судска одлука.

Да не беше „црната листа" и натаму ќе судеше

Освен да утврдува престанок на судиската функција, Советот согласно со законските надлежности, помеѓу другото е надлежен и да разреши судија од вршење на судиската функција поради потешка дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Судскиот совет таквата можност првично ја пропушти во случајот со апелацискиот судија Енвер Беџети, за кој беше утврдено дека 9 месеци го чувал во фиока предметот за масовното незаконско прислушување „Тврдина-Таргет“ во кој беше обвинет Сашо Мијалков, со една цел - предметот да застари.

А со цел поведението на овој судија да не биде ставено на дневен ред, и беше направен пуч на тогашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, и беше избран нов претседател. Управниот суд подоцна ја врати Дамева на претседателската функција, но ниеден од пучистите не беше повикан на одговорност.

Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева беше жртва на пучФотографија: Petr Stojanovski/DW

Подоцна Беџети од Судскиот совет беше казнет само со намалување на платата од 20% во траење од шест месеци. Откако во декември 2024 година беше ставен на „црната листа" на САД, неколку месеци подоцна Судскиот совет конечно го разреши Беџети од судиската функција. 

Високи етички стандарди

За да не се повторуваат такви случаи, стратегијата на Судскиот совет е да организира обуки на две до три години, на кои ќе ги потсетува судиите што е морал и професионална етика.

„Во ова време во кое живееме, лесно се заборава и се бришат тие граници - што е етичко, што е неетичко. Најголема надеж имам во мнозинството од судиите: 99% од нив се чесни, работливи, професионалци, кои за жал, се жртви на тој, еден процент, кој успева да ја распие сликата за целото судство“, рече Камбовски.

Како голем проблем го посочи недостигот на средства и на вработени, пред се во стручните служби, но по разговори со Владата очекува да се одобрат вработувања со кои ќе се ублажи состојбата.

Министерот за правда Игор Филков на вчерашната конференција „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија“, порача дека дигитализацијата и човечките ресурси се клуч за ефикасно и независно судство. 

Ова е критичен и одлучувачки момент за правосудниот систем. Мораме јасно и објективно да ја согледаме состојбата, затоа што само преку прецизна процена можеме да дојдеме до одржливи решенија“, рече Филков. 

Посебен акцент стави на Патоказот за спроведување на стратегијата за човечки ресурси за судската мрежа.

„Предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат, доколку навистина сакаме резултати што ќе бидат мерливи, видливи и одржливи. Реформите мора да обезбедат пополнување на работните места, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност и високи етички стандарди“, рече министерот за правда.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми