Aмбулантите се полнат со заболени од овчи сипаници
20 март 2024Амбулантите во Северна Македонија и понатаму се полнат со заболени од овчи сипаници, ентероколитиси и пертусис. Ова се трите најчесто пријавувани акутни заразни заболувања во февруари, кога се регистрирани 661 случај на овчите сипаници, по што следуваат ентероколитиси - 207 случаи и 120 заболени од големата кашлица.
За разлика од јануари, кога беа регистрирани 903 случаи, бројката на заразени со варичела опаѓа, но и понатаму е голем бројот на деца кои се заразиле со оваа многу заразна вирусна болест. Во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, се наведува дека во однос на претходниот месец - јануари, се регистрира намалување на бројот на пријавени од овчи сипаници за 26,8 отсто, додека во однос на месец февруари 2023 година, се регистрира намалување за 5,6 проценти.
Заразно заболување кое брзо се пренесува
Варичелата е заразно заболување, брзо се пренесува, а децата најчесто лесно го прележуваат, со осип и благо покачена телесна температура која трае неколку дена. Болниот е заразен два дена пред да се појават сипаниците.
Се работи за доста заразна детска болест предизвикана од варичела зостер вирусот од фамилијата на Херпес вируси. Може да ја прележат и новородени и возрасни лица кои како деца не ја прележале болеста. Клиничката слика кај возрасните е тешка и кај нив се многу почести компликациите од болеста како пневмонија, енцефалитис, миокардитис и други.
Опасност и од морбили
Покрај варичелата, постои опасност од ширење и на малите сипаници (морбилите). Светската здравствена организација деновиве повика да се вакцинираат децата кои не биле вакцинирани против мали сипаници за време на пандемијата со Ковид-19. Болеста лани се појавила во повеќе од 50 земји.
Малите сипаници се многу заразна вирусна болест која предизвикува симптоми слични на грип и осип. Тоа понекогаш може да биде фатално, но може да се спречи со две дози од вакцината. Поради пандемијата „Ковид-19“, речиси 60 милиони деца ширум светот пропуштиле да се вакцинираат.
За да има колективен имунитет, кога вирусот нема лесно да се шири, опфатот со вакцинација треба да биде 95 отсто. Заклучно со 2022 година во Македонија имало само 70.7% вакцинирани деца од морбили. Последен пат во земјата епидемија на морбили беше прогласена во декември 2018 година. Тогаш имало 74.8% вакцинирани. Во Македонија за 50 години, од 1973 година до денес регистрирани се 25 смртни случаи со морбили.
Со вакцина против заразни болести
Големиот процент на невакцинирани децаја враќа опасноста од ширење на овие заразни болести. Па така, во февруари во однос на претходниот месец е регистрирано и зголемување на бројот на заболени лица од ентероколити за 27 проценти, додека во однос на месец февруари 2023 година, има зголемување за 88,2 отсто.
Регистрирани се 120 случаи на голема кашлица. Пријавените случаи се од Скопје, Тетово, Куманово и по еден случај е пријавен од Струмица, Битола, Крива Паланка, Гостивар, Дебар и Струга. Најголем број на заразените се на возраст од 10 до 14 години.
Во однос на вакциналниот статус на заболените, 60 лица се невакцинирани или некомплетно вакцинирани. Од сите пријавени случаи, 23 лица се хоспитализирани.