1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Американска политика: Старците не сакаат да одат во пензија

30 јули 2022

Џо Бајден, Доналд Трамп, Ненси Пелоси, Мич Меконел...највлијателните политичари во САД се во веќе поодминати години. Но, немаат намера да престанат. Младите чувствуваат дека нивните маки малку некој ги разбира

USA Präsidentschaftswahlen TV Debatte Trump Biden
Фотографија: Mike Blake/Reuters

Пред четири години во американскиот Сенат се одвиваше бизарен дијалог. Сенаторот Орин Хач од Јута, кој почина годинава во април, тогаш имаше 84 години и го испрашуваше газдата на Фејсбук, Марк Закерберг, за време на сослушувањето пред Сенатот.

„Како го одржувате деловниот модел кога муштериите не плаќаат за Вашите услуги?“, праша Хач. Закерберг мораше да му го објасни тоа што го знае речиси секое дете: „Сенаторе, продаваме огласи.“

Таа расправа често се цитира при поплаките на просечната старост на политичарите во Соединетите Американски Држави. Критичарите велат дека тоа е повеќе геронтократија  отколку демократија.

Сенаторите во просек се стари 63 години, конгресмените пак – 58. За споредба, во германскиот Бундестаг просекот на староста е 47 години. А медијаната на американското население е на 38 години.

Генерациите имаат различни проблеми

„Дефинитивно ни треба орган на власт кој би го претставувал населението. Ни требаат млади луѓе во власта, различни бекграунди, учители, медицински сестри. А не постојано едно па исто“, вели Максвел Алехандро Фрост (25), демократски кандидат за Конгресот од Флорида.

Фактички, Фрост е токму доволно стар за да смее да се кандидира за Долниот дом. Кандидатите за сенатори мораат да имаат најмалку 30 години.

Тоа значи дека 30 проценти од населението нема претставници на свои години. А тоа има последици. „Имаме проблеми какви што нашите родители и нивните родители ги немале“, изјави Фрост за ТВ НПР. „На пример, климатската криза сега се случува.“

Но, најмоќните на младиот Фрост би можеле да му бидат баби и дедовци. На пример, водечката дама на Демократите, Ненси Пелоси, главниот Републиканец Мич Меконел и секако  претседателот Џо Бајден.  Сите имаат по околу 80 години.

Фрост вели дека тие луѓе не треба да бидат отфрлени поради нивните години, дека тие се искусни политичари. И- што е посебно важно во американската политика, имаат многу врски преку кои се наоѓаат донатори за политички кампањи.

Еден таков е републиканскиот сенатор Чак Грејсли (88) од Ајова, кој повторува дека е полн со енергија и дека секое утро пешачи околу три километри. Во ноември планира повторно да се кандидира – а голема е веројатноста дека повторно ќе биде избран.

Сомнеж во состојбата на Бајден

За претседателот Бајден и неговата состојба долго се шпекулира. Многумина од Демократите сметаат дека е подобро во претседателската трка по две години да се оди со друг кандидат. Во тоа ги убедуваат честите гафови на Бајден, кога не може да се присети на одредени зборови и ги меша поимите. Неодамна падна од велосипед.

Но, Бајден изгледа нема намера да отстапи. „Њујорк тајмс“ неодамна разговарал со 50 угледни Демократи, кои сите сакаат Бајден да не се кандидира во 2024 година, кога ќе има полни 82 години.

„Да се биде претседател е несфатливо напорна задача“, изјавил за весникот Дејвид Акселрод, шеф на кампањата на бившиот претседател Барак Обама. Во случај Бајден да ја трча претседателската трка, „тоа би била голема тема“, вели Акселрод.  

Некои анкети покажуваат дека мнозинство Американци се убедени дека  актуелниот претседател не е доволно фит   за оваа работа и дека не треба повторно да се кандидира. Неговиот, како што изгледа  најголем конкурент, Доналд Трамп, се перципира како многу повитален, иако и тој би имал 78 години за време на идните избори.

Но, колку и да се жалат критичарите и младината, на многу избирачи годините како да не им пречат. А тоа не е никакво чудо: пензионерите во САД се најдисциплинирани гласачи.

НР(АРД, НЦЦ)

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми