1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Ескалација: САД презедоа ирански товарен брод

ЖА / агенции
20 април 2026

Американската морнарица нападна и презеде ирански товарен брод во Оманскиот Залив, Иран го прогласи инцидентот за пиратство и ги отфрли преговорите со САД.

Американската морнарица заплени ирански танкер во Оманскиот Залив
Ескалација во судирот меѓу Иран и САД - двонеделното примирје влегува во своите последни деновиФотографија: CENTCOM/Handout/REUTERS

Иран остро ги обвини САД за кршење на примирјето по нападот врз ирански товарен брод во Оманскиот Залив. Врховната иранска воена команда најави одмазда и го оцени инцидентот како „пиратство“, објавија државните ирански медиуми.

Американскиот претседател  Доналд Трамп  го потврди нападот. Преку неговата платформа Трут Соушл, Трамп соопшти дека товарниот брод „Тоуска“, кој пловел под иранско знаме и бил долг 274 метри, се обидел да ја пробие американската поморска блокада. Според него, тоа „лошо завршило за екипажот“. Трамп претходно го обвини Техеран и за прекршување на примирјето, наведувајќи дека во саботата имало ирански напади во Ормускиот Теснец врз еден француски и еден британски брод.

Бродот е под американска контрола

Американската Централна команда соопшти дека иранскиот брод пловел кон пристанишниот град Бандар Абас, во Ормускиот Теснец. Во период од повеќе од шест часа, американската војска упатувала предупредувања, но екипажот не реагирал.

Според Американската Централна команда, американски воен брод потоа му наредил на екипажот да го напушти машинскиот отсек, по што со неколку истрели бил оневозможен погонскиот систем на бродот. По интервенцијата, товарниот брод бил ставен под целосна контрола на американската морнарица.

Тензиите околу Ормускиот Теснец се зголемуваат

САД воведоа поморска блокада за сите бродови кои за одредишта имаат иранските пристаништа. Според американските извори, досега на најмалку 25 бродови им било наредено да се вратат или да го променат правецот. Трамп тврди дека „Тоуска“ е на американската санкциска листа поради нелегални активности и дека се проверува товарот на бродот.

Состојбата околу Ормускиот Теснец останува исклучително напната.  Иран во саботата ја укина одлуката за отворање на теснецот,  само еден ден по нејзиното донесување, наведувајќи ја континуираната американска блокада како причина.

Преку  Ормускиот Теснец  вообичаено минува околу една петтина од светските испораки на нафта и течен природен гас. По почетокот на  американско-израелските напади врз Иран  кон крајот на февруари, Техеран речиси целосно го затвори теснецот за меѓународниот поморски сообраќај, што доведе до значителен пораст на цените на нафтата и течниот гас на глобалните пазари.

Иран одбива нова рунда преговори

Нападот врз иранскиот товарен брод се случи непосредно пред истекот на двонеделното примирје меѓу САД и Иран, кое завршува во среда. Трамп во неделата најави дека  американски преговарачи ќе отпатуваат во Пакистан за нови разговори.

Иран, пак, засега ја отфрли можноста за нова рунда преговори. „Во моментов не постојат планови за учество во следната рунда разговори меѓу Иран и  САД“,  објави државната телевизија ИРИБ, повикувајќи се на ирански извори.

Првата рунда разговори,  одржана со посредство на Пакистан пред една недела, заврши без конкретни резултати. И покрај новите тензии, во пакистанската престолнина Исламабад продолжуваат подготовките за можна нова средба, при што е воведено ограничување на јавниот превоз и се засилени безбедносните мерки.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми