1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајли: Над 100 илјади руски војници загинале во Украина

БГ /АФП
10 ноември 2022

Стотици илјади руски и веројатно исто толку украински жртви досега донесе војната во Украина, вели американскиот генерал Марк Мајли. Тој смета дека зимата отвора можност за преговори и крај на војната.

Марк Мајли САД
Марк Мајли, началник на генералштабот на армијата на САДФотографија: Susan Walsh/AP Photo/picture alliance

Најавеното руско повлекување од Херсон и потенцијалната пат-позиција на боиштето во текот на зимата можат да отворат шанса за двете земји да преговараат за мир, изјави началникот на генералштабот на армијата на САД, генералот Марк Мајли. 

Тој рече дека околу 40.000 украински цивили и „далеку над“ 100.000 руски војници биле убиени или ранети во војната, кој влезе во деветтиот месец. „Истото веројатно важи и за украинската страна“, додаде Мајли. 

„Се случува огромно страдање, човечко страдање“, рече Мајли во Економскиот клуб во Њујорк. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот изјави дека е подготвен за мировни преговори со Русија за крај на војната, но само под услов Русија да ги врати сите окупирани украински територии, да исплати компензација за воените штети и да се соочи со обвиненија за воени злосторства. Русија исто така изрази подготвеност за разговори, а неделава најави и почеток на повлекување од Херсон.  

Украински војници на позиции во близина ХерсонФотографија: Metin Aktas/AA/picture alliance

Зеленски предупреди дека Русите глумат повлекување од Херсон за да ја навлечат украинската армија во рововска битка во стратешки важниот град. 

Шанса за преговори 

Мајли, кој е највисоко рангиран американски воен претставник, вели дека Русија распоредила меѓу 20 и 30 илјади трупи во Херсон и дека целосното повлекување може да трае со недели.  

„Првичните индикации се дека тие навистина го прават тоа (повлекувањето, н.з.). Јавно соопштија дека го прават тоа. Верувам дека го прават тоа за да си ги сочуваат силите и да ги зацврстат одбранбените линии јужно од реката Дњепар, но останува тоа да го видиме“, рече Мајли. Тој смета дека постои можност Русите да го искористат повлекувањето за да ги подготват своите трупи за пролетна офанзива, но исто така „постои шанса за преговори“. 

Но за преговорите да имаат шанса, и Русија и Украина ќе мораат да „сфатат“ дека воената победа „можеби не може да се постигне преку воени средства, и затоа треба да се свртат кон други методи“, рече Мајли, наведувајќи го крајот на Првата светска војна како пример за тоа. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми