Србија, НИС и нафтата: Нова година, стара неизвесност
1 јануари 2026
Дали конечно се наѕира решение за ситуацијата околу Нафтената индустрија на Србија (НИС), која се чинеше како бескраен проблем и закана дека Србија ќе остане без енергенти?
Во изминатите месеци се слушнаа и прочитаа многу теории, претпоставки и произволни најави – од стечај до национализација.
Српската страна цело време се однесуваше како случаен минувач кој не сака да се меша во сопствената работа. Повеќето српски функционери зборуваа за НИС како за проблем за кој расправа некој друг, и, како по стар добар обичај, очекуваа да се случи „нешто“.
Рафинеријата во Панчево го прекина работењето, но властите се фалат дека и покрај тоа граѓаните не почувствуваа недостиг на нафтени деривати. Како некој вид опомена од Москва пристигна повеќепати повторена порака дека се очекува почитување на договорите, и дека гасниот аранжман е продолжен за само три месеци.
Американски ОФАК го продолжува рокот – што значи тоа за Србија?
Најава за можно решение пристигна кога американската страна го одложи решавањето на проблемот со одлука на својата Агенција за контрола на странски средства (ОФАК) да го продолжи рокот за излез на руското сопствеништво од НИС до 24 март.
Неколку часа пред новата година пристигна и вест дека ОФАК ја продолжил лиценцата на НИС до 23 јануари. Рафинеријата повторно ќе работи по прекин од 36 дена.
„Тие одлуки сепак значат само понатамошна неизвесност за потрошувачите и економијата на Србија“, оценува за ДВ Милан Ќулибрк, уредник на економската рубрика на неделникот Радар:
„Тоа значи кратко здивнување, но и понатаму останува неизвесност до 24 март, бидејќи во најлош случај горивото ќе мора да се увезува, дотогаш ќе се потрошат некои резерви, и не ја исклучувам можноста пред крајот на тој рок да почнат проблеми во снабдувањето“, вели нашиот соговорник.
Удар за српската индустрија и економијата
Слична загриженост изрази и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој изјави дека ваквите одложувања не значат многу, бидејќи проблемот со снабдувањето мора брзо да се реши.
Милан Ќулибрк додава дека проблем е што рафинеријата има пауза во работењето, бидејќи секој ден нејзиното неработење е голем трошок, а покрај тоа таму не се произведува само бензин, туку и други производи потребни за домашната петрохемија.
„Да не заборавиме дека НИС во структурата на српската индустрија учествува со шест проценти, и сѐ додека таа евентуално стои, нема да го има тој удел во индустријата“, предупредува Ќулибрк.
Продажба на НИС на МОЛ – решение или нов ризик?
Актуелните вести сега во прв план ја ставаат продажбата на НИС на унгарскиот МОЛ, но тоа веќе е проследено со бројни предупредувања.
Се предупредува дека може да се случи Виктор Орбан во текот на 2026 година да ја изгуби власта, што би значело и поинаков однос кон Русија, а исто така се наведува дека МОЛ би можел да ја затвори рафинеријата во Панчево.
Но „унгарското сценарио“ делува привлечно, бидејќи се истакнуваат добрите врски на триаголникот Белград-Москва-Будимпешта, но тоа може да биде причина за сомнеж и недоверба од американска страна.
„Србија, да беше нормална држава, можеше да го искористи правото на предност при купување“, истакнува Ќулибрк, „но тука се поставува прашањето што ако државата преземе. Што би било со НИС сите овие години ако го водеше некој како Милорад Грчиќ, кој го упропасти Електростопанство на Србија?“
„Што се однесува до МОЛ, тоа сега изгледа како решение за моменталниот проблем. Унгарија и МОЛ секако имаат економски интерес, бидејќи со таа трансакција МОЛ практично би ја презел енергетската контрола на целиот регион. Ако таква грешка беше направена во 2008 година, мислам дека не мора да ја повториме и овој пат“, предупредува Ќулибрк.
Србија во преговарачки мрак: Американски услови и руски интереси
Постои впечаток дека во изминатата година настапи целосна конфузија поради ставот на американската страна за НИС.
Имено, упорно се зборува за некакви намалени проценти на сопственост или за продажба на трета страна, иако е прилично јасно дека Америка не сака парите од продажбата на НИС да завршат кај кого било во Русија.
„Јасно е дека Американците нема да дозволат Русите, ако постигнат договор со кој било купувач, едноставно да ги земат тие пари“, вели Ќулибрк.
„Разбирливо е зошто Гаспром не сака да го продаде тоа. Зошто би се согласил да продадам успешно претпријатие, кое има стратешка контрола над голем дел од пазарот на Балканот, па да чекам пари кога санкциите ќе бидат укинати?“
„Затоа воопшто не сум сигурен дали тие воопшто сакаат да го продадат, дали преговараат, а верувам дека тоа не го знае ни нашата министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ“, смета Ќулибрк.
Проблемот на несериозна држава
Властите ќе мора да направат нешто за да ги заштитат своите интереси, продолжува соговорникот на ДВ, но прашањето е што е тоа нешто?
„Државата би морала да укаже дека во тој меѓудржавен договор стои дека секоја земја мора да обезбеди своја енергетска стабилност. Американските санкции се виша сила, но српскиот пазар наскоро ќе има проблем со снабдувањето, и тоа е доволна причина за една сериозна држава да каже – не смееме да го дозволиме тоа.“
„Не сум сигурен дека сме сериозна држава, бидејќи да бевме, немаше сега да го чекаме 24 март да се случи нешто“, напоменува Ќулибрк.
Дел од српската опозиција како решение понуди предлог-закон за воведување принудна управа во НИС, но Милан Ќулибрк смета дека тоа за ОФАК не е доволно.
„Јасно рекоа дека сакаат рускиот удел да се сведе на нула. Тоа можеби можеше да биде решение пред десет месеци. Но, најлошо од сè е што не знаеме што нашите власти ѝ ветиле на Русија, па сега не смеат да ги штитат државните интереси“, заклучува за ДВ уредникот на економската рубрика на неделникот Радар.