Санкции: На Абас не му е дозволено да патува во САД
30 август 2025
Неколку недели пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, владата на САД воведе визни санкции против претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Американскиот Стејт департмент за новинската агенција ДПА потврди дека од санкциите се засегнати Абас и околу 80 други претставници на Палестинските автономни власти (ПА). Во нивните случаи ќе бидат поништени постојните визи и нема да бидат издадени нови. Од визните ограничувања е ослободена официјалната мисија на Палестинските автономни власти во Обединетите нации. Таа има само статус на набљудувач и не е полноправна членка на ОН.
Поради потегот на американската влада, Абас веројатно нема да може да патува во Соединетите Американски Држави за Генералното собрание на ОН. Состанокот ќе се одржи од 22 до 30 септември. Седиштето на ОН во Њујорк се наоѓа на територија со посебен статус која, строго погледнато, не е дел од САД, но бидејќи нема свој аеродром, странските делегации прво мора да влезат на американска територија пред да продолжат дотаму. Ова не е можно без виза.
Кабинетот на Абас зборува за прекршување на договорот на ОН
Кабинетот на Абас изрази „длабоко жалење и чудење“ од одлуката на американскиот Стејт департмент. Во соопштение се изразува надеж дека администрацијата во Вашингтон ќе го преиспита и ќе го ревидира овој чекор. За време на мандатот на претходникот на Трамп, Џо Бајден, како и за време на првото претседателство наДоналд Трамп, Абас секогаш можеше да држи говори во Обединетите нации за време на Генералното собрание.
Овој потег го прекршува Договорот за седиштето на ОН од 1947 година, кој предвидува дека САД генерално се обврзани да им дозволат на странските дипломати пристап до Обединетите нации во Њујорк. Сепак, Вашингтон соопшти дека може да одбие визи од безбедносни, екстремистички и надворешнополитички причини.
Палестинската држава е проблем за САД?
САД веќе воведоа визни санкции против ПЛО и ПА кон крајот на јули. Ново е што претходно издадените дозволи за влез сега се поништуваат. Американскиот Стејт департмент ја оправда одлуката со тоа дека организацијата и властите прво мора „доследно да го отфрлат тероризмот“ пред да можат да се сметаат за партнери во мировниот процес. Тие, исто така, ги обвинуваат палестинските организации дека се стремат кон „еднострано признавање“ на палестинска држава.
Се очекува голем број земји да признаат палестинска држава во Њујорк, вклучително и Франција, Велика Британија, Канада и Австралија. САД се противат на тоа.
Ова не е првпат САД да влијаат врз Генералното собрание на ОН со својата визна политика. Во 1988 година, американската влада одби пред Генералното собрание на ОН да му издаде виза на тогашниот шеф на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Јасер Арафат. Како реакција на тоа, состанокот беше преместен во Женева за Арафат да може да одржи говор.