Раперот „Диди“ осуден на повеќе од четири години затвор
4 октомври 2025
Судскиот процес против американскиот рапер Шон „Диди“ Комбс заврши со казна од четири години и два месеца затвор поради сексуални престапи.
Судијата Арун Субраманијан во петокот (3.10) во Њујорк одреди казна затвор од вкупно 50 месеци. Комбс беше казнет и со парична казна од 500.000 долари (приближно 426.000 евра).
Поротата го прогласи Комбс за виновен на почетокот на јули за подведување. Обвинителството, имено, го товареше раперот дека со закани и насилство пронудувал жени на учество во забави со секс и дрога.
Комбс беше ослободен од главното обвинение - формирање криминална организација.
Обвинителството бараше казна од над 11 години за 55-годишниот музичар. Неговата одбрана, пак, сметаше дека е доволна казна од 14 месеци и најави жалба на пресудата.
Раперот на крајот од судењето, кое започна пред пет месеци, побара од судијата поблага казна. Кратко пред изрекувањето на пресудата, Комбс рече дека „вистински жали“ и побара од судијата „милост“.
Oбвинителката Кристи Славик, пак, нагласи дека Комбс не ја презел одговорноста за своите постапки. „Се чини дека мисли оти законот не важи за него“, критикуваше таа.
Адвокатката на Комбс, Никол Вестморленд, исто така побара поблага казна. Комбс е „само човечко суштество, тој направил грешки“, рече таа, со глас задушен од солзи. Според неа, никому не му е од помош ако го стават во затвор со години.
Шесте возрасни деца на Комбс, на крајот од судењето исто така упатија емотивна молба за својот татко. Најстариот син Квинси Браун го нарече раперот „променет човек“. Ќерката на Комбс, Д'Лила, го замоли судот: „Ве молам, дајте му шанса на нашето семејство да се излечи заедно“.
Комбс, познат по уметничките имиња Паф Деди, П. Диди и Диди, беше еден од најуспешните хип-хоп музичари во светот во 1990-тите, освојувајќи три Греми награди. Поранешната девојка на Комбс, пејачката Касандра „Кеси“ Вентура, го тужеше музичарот во 2023 година поради долгогодишно злоставување и силување.
Вентура беше еден од двајцата главни сведоци на судењето. Заедно со неа сведочеше и жена која себеси се нарекуваше „Џејн“ за да избегне да биде идентификувана. Двете понекогаш даваа драстични описи на насилство и злоставување во нивните врски со Комбс.