1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Стив Виткоф кај Владимир Путин: Долг разговор, мал резултат

ЕМФ | Тагесшау
12 април 2025

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и рускиот претседател Владимир Путин во Санкт Петербург разговараа повеќе од четири часа - меѓу другото и за Украина. Американскиот претседател ја стави Москва под притисок.

Стив Виткоф и Владимир Путин во Санкт Петербург
Стив Виткоф и Владимир Путин во Санкт ПетербургФотографија: IMAGO/ITAR-TASS

Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф помина повеќе од четири часа во Санкт Петербург разговарајќи со шефот на Кремљ, Владимир Путин, меѓу другото и за руската инвазија на Украина.

Состанокот е завршен, објави доцна вчеравечер (11.04) руската новинска агенција Интерфакс. Конкретни резултати од средбата сѐ уште не се познати.

Песков зборува за можен нов телефонски разговор Путин-Трамп

Според Интерфакс, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, по вчерашните разговори не ја исклучува можноста за нов телефонски разговор меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп. Виткоф донесе порака од Трамп што Путин ја слушаше, изјави Песков.

Разговорите за различни аспекти на решението на „конфликтот околу Украина“ продолжија, вели Песков, оценувајќи дека се работи за тешки прашања. Состанокот, според него, бил добра можност да се претстават различните елементи на позицијата и загриженоста на Русија и преку Виткоф да му се пренесат на Трамп.

Пред разговорите, Песков изјави дека средбата не е од големо значење и затоа не се очекуваат поголеми пробиви.

Трамп врши притисок врз Москва

Трамп, по доаѓањето на Виткоф, изврши дополнителен притисок врз Москва. Тој на платформата Truth Social напиша: „Русија мора да дејствува. Премногу луѓе умираат, илјадници секоја недела, во страшна и бесмислена војна“.

Пред приемот кај Путин, Виткоф се сретна со преговарачот од Кремљ, Кирил Дмитриев. Дмитриев беше во Вашингтон на разговори претходно овој месец.

Трета посета само еден ден по размената на затвореници

Виткоф беше во Русија во март и февруари и притоа исто така разговараше со Путин. По овие средби, Виткоф го опиша рускиот претседател како „голем лидер“ и „не лош човек“. Сегашната посета се одржа еден ден по размената на затвореници меѓу САД и Русија.

Во мандатот на Трамп, САД направија драматична промена во својата политика кон Русија. Тој се залага за прекин на руската војна против Украина, која трае повеќе од три години. Неодамна, тој изрази лутина и кон украинскиот претседател Володимир Зеленски и кон Путин.

САД сакаат да постигнат прекин на огнот овој месец

На неодамнешниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО, американскиот министер Марко Рубио јасно стави до знаење дека Трамп нема уште долго да ја прифаќа тактиката на одложување на рускиот претседател. Доколку не се постигне прекин на огнот до крајот на месецот, Трамп би можел да воведе дополнителни санкции против Русија, објави американскиот информативен сајт Аксиос, повикувајќи се на анонимен извор.

Украина се брани од руската инвазија со помош на Западот од февруари 2022 година. Неодамна, САД се обидоа да посредуваат за 30-дневен прекин на огнот преку преговори. Киев се согласи со предлогот, а Путин постави предуслови за таков прекин на огнот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми