САД за првпат дозволија продажба на лабораториско месо
22 јуни 2023Соединетите Американски Држави станаа втората земја во светот, по Сингапур, која го отвори патот за вештачкото месо да стигне до потрошувачките чинии, така што во средата (21.06.2023) за првпат одобри две компании да продаваат „пилешко месо“ создадено во лабораторија.
Американското Министерство за земјоделство ги разгледа и ги одобри инфраструктурните безбедносни системи на „Апсајд Фудс“ и „Гуд Мит“, изјави портпаролот на министерството за новинската агенција АФП.
Поради тоа, Федералната служба за санитарна инспекција на храна „издаде три известувања за усогласеност на установите што прават (...) производи добиени од животински клетки.“, рече тој во соопштението, а и припадна на компанијата „Џоин Биолоџикс“ која соработува со компанијата „Гуд Мит“.
„Оваа дозвола суштински ќе го промени начинот на кој месото доаѓа на нашите трпези“, рече Ума Валети, извршен директор и основач на „Апсајд Фудс“, и во изјавата го поздрави овој „џиновски чекор кон поодржлива иднина“.
Вештачко месо и во врвни ресторани
Џош Тетрик, соосновач и извршен директор на компанијата „Ит Џаст“ која е компанија-мајка на „Гуд Мит“, беше одушевен што месото одгледано во лабораторија сега е „дозволено за продажба“.
Во 2020 година, неговата компанија беше првата која доби одобрение во Сингапур да донесе вештачко месо на пазарот.
Францускиот готвач Доминик Крејн веќе нарачал „месо“ од „Апсајд Фудс“ за својот ресторан во Сан Франциско по објавувањето на лиценцата.
Популарниот готвач Хозе Андрес, исто така, ќе ја набави првата американска серија вештачко пилешко месо од компанијата „Гуд Мит“, која ќе се служи во еден од неговите ресторани во Вашингтон.
Колку е еколошко „месото од епрувета“?
Многу стартапи имаат за цел да произведуваат и продаваат таканаречено „лабораториско“ или „вештачко месо“ за да им овозможат на луѓето да јадат животински протеини со помало влијание врз животната средина отколку интензивното земјоделство и без страдање на животните.
Овие производи се разликуваат од замените на растителна основа, како што се „шницлите“ на база на соја и други состојки кои ја имитираат текстурата и вкусот на месото без содржина на животински протеини.
Но, „лабораториското месо“ е сè уште многу компликувано и многу скапо за производство. И натаму има прашања за вистинското влијание на оваа алтернатива врз животната средина, особено за нејзината потрошувачка на енергија и за безбедноста на здравјето.
Недамнешното истражување на Универзитетот Калифорнија во Дејвис, кое сè уште не е прегледано од други научници, покажа дека сите фази на лабораториско производство на месо бараат многу енергија и испуштаат голема количина штетни гасови, кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.