1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваГлобално

Амнести Интернешнал го обвинува Западот за двојни стандарди

СН/агенции | АРД
28 март 2023

Цврстина кон Москва, попустливост меѓу пријателите: Амнести Интернешнал ги обвини западните земји за двојни аршини во односот кон прекршувањето на човековите права. Организацијата ја критикува и Германија.

Украински цивили во бегство пред руското бомбардирање на Ирпин (архивска фотографија)
Украински цивили во бегство пред руското бомбардирање на Ирпин (архивска фотографија)Фотографија: Wolfgang Schwan/AA/picture alliance

Со оглед на руската војна против Украина,Амнести интернешнал (АИ) критикува за двојни стандарди. „Решителниот одговор“ на Западот на руската агресија против Украина „стои во остар контраст со жалниот недостаток на значајни активности за справување со сериозните прекршувања на човековите права од страна на некои од неговите сојузници, вклучително Израел, Саудиска Арабија и Египет“, соопшти организацијата за човекови права во својот годишен извештај за 2022/23 година. „Руската инвазија врз Украина е „застрашувачки пример“ за тоа што може да се случи кога државите веруваат дека можат да го прекршат меѓународното право и да ги прекршат човековите права без последици“, рече генералната секретарка на Амнести, Ањес Каламар. Реакциите на инвазијата, според Каламар, покажале што може да се направи, кога постои политичка волја. Овие мерки со остри санкции треба да бидат „водилка“ за справување со други прекршувања на човековите права во светот.

„Заглушувачка тишина“ во случајот на Саудиска Арабија

Но, Западот користи двојни аршини, пишува Амнести. Ова им овозможи на Кина, Египет и на Саудиска Арабија, на пример, да избегнат критики за нивниот биланс за човекови права. Двојните стандарди и несоодветните реакции на прекршувањата на човековите права доведоа до неказнивост и нестабилност ширум светот. Конкретно, Амнести ги наведува „заглушувачката тишина“ за билансот за човековите права во Саудиска Арабија, неактивноста кон Египет и одбивањето да се осуди односот на Израел кон Палестинците. 

Маркус Беко, генерален секретар на Амнести Интернешнал, ГерманијаФотографија: AI Deutschland

Генералниот секретар на АИ Германија, Маркус Беко, вели дека оние кои критикуваат и бараат да се почитуваат човековите права во други земји, исто така, мора да го средат сопствениот двор. Беко ја пофали Германија дека прими повеќе од еден милион луѓе од Украина. Но, обезбедувањето заштита за нив, исто така, значи и ставање на располагање на ресурси за да се осигура дека тие се добро сместени и можат да учествуваат во општествениот живот. За ова општините би морале да бидат трајно поддржани од сојузната влада.

„Без двојни стандарди“ во односот кон бегалците

Покрај тоа, не треба да има „двојни стандарди“, порача Беко: Начинот на кој многу земји од ЕУ ги третираат луѓето од Украина е „позитивен“. Но, во исто време тие ги игнорираа правата на бегалците од другите региони во светот на границите на Европа. „Небирократската помош за луѓето од Украина треба да биде пример за односот кон луѓето кои бараат заштита од сите делови на светот“, вели Беко. Во светот во минатата година 103 милиони луѓе биле во бегство. Тоа е за 20 милиони повеќе отколку во 2021 година, и повеќе од кога било досега.

Незаконско насилство против демонстрантите во 85 земји

Покрај бегството, во изминатата година, развој кој боде очи имало и кај протестите. Безбедносните служби употребиле незаконска сила против демонстрантите во 85 од 156 земји што ги опфаќа извештајот на АИ. Тие користеле смртоносно оружје во 35 земји, а  до убиства притоа дошло во 33 држави. Покрај тоа, протестни активисти биле произволно уапсени во 79 земји. Правото на мирни протести е ограничено во 29 земји. Состојбата во Иран е особено загрижувачка, вели Беко. Околу 22.000 луѓе се уапсени од почетокот на протестите во земјата во септември минатата година. Многумина од нив биле малтретирани и мачени во затворите.

Солидарност со протестите на студентите од Иран

01:25

This browser does not support the video element.

Критика на законите за слободно собирање во Германија

Токму поради зголеменото државно насилство врз протестните движења ширум светот, важно е слободата на собирање да остане високо добро и во Германија, предупреди Беко. Затоа АИ гледа „со загриженост дека сè повеќе сојузни покраини донесуваат репресивни закони за собирање кои го ограничуваат правото на мирни протести и ги прошируваат овластувањата на полицијата, на пример во Северна Рајна-Вестфалија, Баварија и неодамна во Хесен“.

Во однос на состојбата на човековите права во Германија, во извештајот, меѓу другото, се критикува и зголемувањето на злосторствата од омраза, на пример со антисемитска заднина. Извештајот се повикува и на одлуката на Европскиот суд за човекови права, според која Германија не успеала адекватно да ги истражи наводите за расно профилирање од страна на полицијата и со тоа ја прекршила забраната за дискриминација. Расното профилирање значи дека луѓето со темен тен се проверуваат почесто или построго од другите граѓани.

Злосторства против човештвото во 20 земји

За првпат, извештајот вклучува и статистика за воените злосторства и злосторствата против човештвото. Тие биле документирани во 20 од 156 земји, опфатени со извештајот, вклучувајќи ја и Украина. Таму руските војници убивале, силувале, мачеле или киднапирале мажи, жени и деца. Во Етиопија и во Мјанмар, владините трупи извршиле масовни убиства и целни напади врз населението.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми