Неколку сценарија за дислокација на „Усје“
26 декември 2025
По протестите на еколошките иницијативи, се отвори можноста за дислоцирање на цементарницата „Усје“ од Скопје. Но, според експертите, оваа постапка е исклучително комплексна и може да трае со години. Во игра се неколку сценарија, а клучна улога имаат Владата и надлежните институции.
Процесот може да трае 5-6 години
Поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, за Дојче веле изјави дека реализацијата на идејата би можела да трае пет до шест години, дури и ако се започне веднаш.
„Најпрво треба да се најде локација и да се изработи урбанистички проект надвор од населено место. Потоа следуваат нова Студија за влијанија, купување и пренамена на земјиштето, одлука на Владата, изградба на нова цементара и потребната инфраструктура“, објаснува Петровска.
Според неа, можно е да се бара и Студија за рушење и демонтажа на постојната фабрика, што дополнително го усложнува процесот. „Со барање локација, урбанизам и студии може да поминат две години пред да започне градбата, а за изградба и санација уште најмалку три години“, додава таа.
Сценарија за дислокација и ризици
Петровска предупредува дека постои реално сценарио во кое компанијата „Титан“ би можела да одлучи да престане со работа или да уценува со отпуштања на работници, доколку процесот се покаже како неисплатлив.
„Ако има политичка волја и државата даде помош – државно земјиште, соработка околу документација и можеби поволен кредит од меѓународни финансиски институции – секој проблем може да се реши. Многу е тешко, но не е неизводливо“, нагласува Петровска.
Владата е на потег – изјава од премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе постапи согласно ингеренциите:
„Да ги видиме заклучоците и согласно ингеренциите ќе постапиме. Колку што видов се бараат вонредни инспекциски контроли и надзор, тоа не е проблем. И што се однесува до дислокација, и тоа не е никаков проблем за Владата. Но, сакам да дојдам до суштината – загадувањето е резултат на децениската негрижа да се обезбедат алтернативни извори на затоплување“.
Мицкоски нагласи дека граѓаните немаат опција за затоплување на домовите: „Немаме далечинско греење и гас. Како Влада работиме на проект за когенеративна централа, следната година очекувам да ги имаме деталите. Со тоа сериозно ќе се реши проблемот со затоплувањето, но треба време. Притисокот е голем, но имаме цел и чекориме кон нејзина реализација“.
„Сите го дишиме истиот воздух“, порача премиерот, нагласувајќи дека е потребно системско решение.
ДОМ бара итни мерки додека трае постапката
Од Демократска обнова на Македонија (ДОМ) предупредуваат дека дислокацијата е „исклучително сложена правно-финансиска операција“ без јасна временска рамка и финансиска конструкција.
„Граѓаните немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима“, велат од партијата.ДОМ инсистира на итни мерки како јавен мониторинг во реално време на емисиите, забрана за горење отпад и користење алтернативни горива, временско поместување на ремонтите во зимските месеци, технолошка надградба со влажни испирачи и засилени инспекции на малите загадувачи.
„Иницијативите се добри за подигање на свеста, но на Скопје му требаат решенија. Дислокацијата е иднината, но транспарентноста и забраната за горење отпад се сегашноста која мораме да ја обезбедиме“, порачаа од ДОМ.