1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦГК: Секој трет договор за набавка склучен во четири очи

ДТЗ
29 мај 2023

Во постапка во која учествувала само една фирма се склучени 9.305 договори, во вкупна вредност од 427 милиони евра. Отсуството на конкуренција е сериозен проблем, укажуваат од Центарот за граѓански комуникации

тендер
Секој трет договор за набавка склучен во четири очиФотографија: Colourbox/M. Chab

Секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за 9.305 договори, во вкупна вредност од 26 милијарди денари (427 милиони евра). Просечно лани имало по три понуди на тендер, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021. Околу 90 % од мониторираните тендери се спроведени подоцна од рокот кој бил предвиден во плановите за јавни набавки. Поништени се 31 % од постапките за јавни набавки, а низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 31 милион евра. Ова го покажува Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), спроведени од јануари до декември 2022 година, во кои се вклучени и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на постапките за јавни набавки и анализа на постапките пред Државната комисија за жалби по јавни набавки. 

Роковите не се почитуваат 

Анализите покажуваат дека роковите за отпочнување на тендерските постапки наведени во плановите за јавни
набавки речиси воопшто не се почитуваат. Дури 90 % од мониторираните постапки се спроведени со задоцнување, и тоа од 1 до 8 месеци. Така се доведува во прашање ефикасноста на функционирањето на институциите, но воедно и улогата
која плановите за јавни набавки треба да ја имаат во однос на поттикнување на конкуренцијата.

Тоа што секој трет договор за јавна набавка во 2022 година е склучен во постапка во која учествувала само една фирма, според ЦКГ е проблематично, бидејќи отсуството на конкуренција води кон зголемување на ризикот во тендерите да не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари.  Исклучително високиот удел на поништени постапки, пак, фрла сомнеж врз објективноста и законитоста во донесувањето на овие одлуки за поништување. Во 2022 година се поништени дури 31 % од тендерите.

Предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки во 2022 година биле 270 тендери, што укажува на благ пораст во однос на 2021 година и на мал опфат на контрола од само 1,18 %. Во текот на 2022 година, Бирото за јавни набавки за првпат има доставено два предмети до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за можни злоупотреби на одредбите од јавните набавки. 

Вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас во 2022 година изнесува 31 милион евраФотографија: Colourbox

Договори без оглас 

Вредноста на договорите склучени низ нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас во 2022 година изнесува 31 милион евра и бележи намалување во однос на претходната година за 30 %. Гледано на ниво на институции, две третини од вредноста на склучените договори без објавување оглас им припаѓаат на АД Електрани. 

Најниската цена била користена како критериум за избор на најповолната понуда во дури 94 % од тендерите спроведени во 2022 година, исто како и претходната година. Наспроти тоа, отпаѓа примената на електронската аукција, која е применета во 73 % од тендерите наспроти 89 % во 2021 година. 

Според анализата, се намалува бројот на жалби од фирмите кои во 2022 година до Државната комисија за жалби по јавните набавки поднеле 751 жалба, што е за 34 % помалку од претходната година. За 63 % од фирмите, ’најниската цена‘ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.

Исто така, 93 % од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот, а 54 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите. Според анализата, 46 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а 18 % изјавуваат дека лично се соочиле со корупција на тендерите. 

Според анализата, 46 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки, а 18 % изјавуваат дека лично се соочиле со корупција на тендерите.Фотографија: fovito/Fotolia

Препораки 

Центарот за граѓански комуникации препорачува институциите доследно да ги почитуваат плановите за јавни набавки и да работат врз стимулирање на конкуренцијата, бидејќи само таа е гаранција за рационално трошење на јавните пари.  За да се почувствуваат вистинските ефекти од управната контрола во насока на намалување на злоупотребите и корупцијата, Бирото за јавни набавки, во согласност со Законот за јавните набавки, тие укажуваат дека  треба позначајно да го прошири опсегот на контролата и на тендерите, врз основа на проценка на ризиците или по случаен примерок. ЦКГ смета дека примената на е-аукцијата треба да биде исклучок, а не правило во спроведување на постапките за јавни набавки.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми