1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пад на поддршката за влез во ЕУ, евроскептицизам кај младите

ДТЗ
18 декември 2023

Постои сѐ поголем етнички јаз помеѓу Македонците и Албанците во однос на евроинтеграцијата. Само 24% од испитаниците се согласуваат да се промени Уставот.

Скопје
Пад на поддршката за влез во ЕУ, евроскептицизам кај младитеФотографија: DW/A. Ancite

Пад на поддршката за членство во ЕУ, неодлучност, сѐ поголем етнички јаз помеѓу Македонците и Албанците во однос на евроинтеграцијата, се само дел од заклучоците од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Europe house. 

Во 2023 година, 60% од македонското население ги поддржува  перспективите на земјата за членство во ЕУ, што е намалување од 4% во однос на претходната година и го означува најнискиот процент на поддршка досега. Само половина од младата популација (18-24 години) го поддржува членството во ЕУ. За 20% од населението членството во ЕУ воопшто не е важно, а 12% од населението е отворено евроскептично.Но, и покрај турбулентниот пат кон неа, Унијата продолжува да биде перцепирана како најголем донатор, економски партнер и сојузник на државата.

Само 24% од испитаниците се согласуваат да се промени Уставот за внесување на бугарското малцинство за да продолжиме со интегративниот процес. Скоро две третини или 65% од испитаниците сметаат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минати криминални дејствија.

Податоците кои се користени во анализите произлегуваат од анкетно истражување на јавното мислење спроведено во текот на месец ноември 2023 година на примерок од 1.000 испитаници. 

Пад на поддршката 

Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски, вели дека од 2014 година до сега, ЕУ има најнизок степен на поддршка која годинава изнесува 60%, но дека сепак мнозинството граѓани ја поддржуваат ЕУ.

„Голем дел на овој пад се должи на горчливото искуство на земјата со критериумите што го има за започнување на преговори, кои не секогаш беа објективни. Но, таа перспектива не треба да биде приоритет, туку приоритет треба да биде што нашата земја прави за да се приближи до Унијата. Треба да се фокусираме на патот кон ЕУ и реформите и тие да ги правиме поради самите себе. Фрустрацијата која што ја чувствуваме не треба да биде аргумент за скршнување од овој пат“, смета тој.

Даниел Браун, директор на канцеларијата на фондацијата Конрад Аденаур во Скопје не е изненаден од резултатите коишто се должат на тешкотиите кои што Северна Македонија ги имаше во евроинтегративниот процес изминатите години. 

Oд 2014 година до сега, ЕУ има најнизок степен на поддршка која годинава изнесува 60% но дека сепак мнозинството граѓани ја подржуваат ЕУ.Фотографија: Jane Dimeski



„Од една страна не е изненадување дека паѓа ентузијазмот, но од другата страна бројот на луѓе кои што се евроскептици не се зголемува. Тоа значи граѓаните покажуваат фрустрација. Зборуваме за земја која што две декади е кандидатска членка, а има и нерешени прашања со соседите. Сите тие работи се разбирливи, но земјата има многу задачи кои што треба да ги заврши, односно потребен е прогрес во реформскиот процес. И двете страни треба да работат за Северна Македонија да се приближи кон ЕУ, затоа што ако сме искрени - сите ние ја сакаме истата работа, а тоа е интеграција на С. Македонија во ЕУ“, вели Браун. 

Апатија 

Популацијата на неопределени и апатични испитаници во изминативе три години се зголеми на приближно 30%. Сè поголем е бројот на неопределени испитаници во двете етнички групи.  Испитаниците со високо образование и високи примања имаат тенденција да даваат поголема поддршка за членството на земјата во ЕУ. Само 53% од младата популација (18-24 години) го поддржува членството во ЕУ. Членството во ЕУ е многу важно за 40% од населението. За 20% од населението членството во ЕУ воопшто не е важно.

„Иако поддршката за ЕУ опаѓа, сепак може да се каже дека евроскептицизмот не расте, односно поголем дел од граѓаните стануваат неодлучни и неопределени по ова прашање, но и не се противат експлицитно“, вели Трошановски.  

Јаз 

Но, анализите покажуваат дека постои се поголем етнички јаз помеѓу Македонците и Албанците, иако и двата етникума со мнозинство го поддржуваат членството во ЕУ. Па така, 57% од етничките Македонците го поддржуваат членството во ЕУ, а значително поголем процент од етничките Албанците (78%) се за членство во ЕУ. Етничките Македонци генерално се попесимисти и покритични кон процесот на пристапување во споредба со етничките Албанци.

Мнозинство од граѓаните ја сметаат ЕУ за најдобар сојузник, но 30 проценти од граѓаните се неодлучни дали сакаат или не сакаат да влезат во ЕУ.  Исто така, 66% од населението смета дека земјата не е подготвена за членство во ЕУ, а повеќе од една третина од населението го дели мислењето дека воопшто нема напредок во пристапниот процес.

Понатаму, 44% од населението смета дека неспособноста на земјата да обезбеди задоволителен успех на реформите стана најважна причина за тоа зошто земјата не може да се стекне со членство во ЕУ. Една третина од населението верува во пореалната перспектива Северна Македонија да стане членка на ЕУ во следниве 10 години. Една третина од населението е песимист и не верува дека земјата некогаш ќе стане членка на ЕУ. Исто така, 90% од испитаниците не веруваат дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе го намали иселувањето на младото население во странство.

Има значителни разлики во перцепциите на поддржувачите на двете најголеми политички партии во однос на процесот на пристапување во ЕУ. Додека 60% од гласачите на СДСМ го делат мислењето дека земјата е подготвена за членство во ЕУ, повеќе од 83% од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ веруваат во спротивното

Поддршката за членство во ЕУ кај симпатизерите на СДСМ ги одразува ставовите на партиското раководство и изнесува 90 отсто. Се намалува процентот на евроскептични ставови кај симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од една третина од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се или неопределени (20%) или не би гласале на хипотетички референдум за членство во ЕУ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми