1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангел наместо Каили: Нов почеток за Европскиот парламент?

Ела Џојнер
19 јануари 2023

Меѓународниот углед на ЕП е нарушен по аферата „Катаргејт”. Доаѓањето на Марк Ангел на местото на Ева Каили, кој е од истата партија како и таа, укажува дека европратениците не целат високо, предупредуваат аналитичари.

Новоизбраниот потпретседател на ЕП, Марк Ангел од Луксембург
Новоизбраниот потпретседател на ЕП, Марк Ангел од ЛуксембургФотографија: picture alliance/dpa

Ако корупцискиот скандал „Катаргејт” што го потресе Европскиот парламент даде полет на нечија кариера, тоа е секако Марк Ангел. Членот на партијата Социјалисти и Демократи од Луксембург ја презеде функцијата на посрамотената поранешна потпретседателка, Гркинката Ева Каили. Таа минатиот месец беше уапсена и е обвинета за корупција и дека е дел од криминална група, како и за перење пари.

Катар е осомничен за поткуп на законодавците за да се врши влијание на политичките одлуки на ЕУ. Земјата ги отфрла таквите обвинувања. Повеќе лица кои имаат врска со законодавниот дом на ЕУ беа приведени по рациите спроведени минатиот месец во Брисел кога белгиската полиција најде речиси 1,5 милиони евра. Некои наскоро потоа беа ослободени. Четворица осомничени, вклучително и Каили, се соочија со обвиненија.

Ангел кратко застана за да го поздрави резултатот од гласањето со кое тој стана еден од 14 потпретседатели во Европскиот парламент. Колегите аплаудираа, а тој им даде знак брзо да престанат.

Ева Каили во Европскиот парламентФотографија: EP/REUTERS

Потпретседателската улога е релативно минорна во големата слика. Потпретседателите се задолжени да носат правила за „беспрекорно функционирање” на парламентот, стои на страницата на овој орган. Тие составуваат прелиминарен нацрт буџет и одлучуваат за административни, персонални и организациски прашања. Надвор од ова, претседателот може да им делегира и посебни задачи на своите заменици.

Не очекувајте Ангел да го спаси Европскиот парламент

Со други зборови, Ангел нема нужно да спроведе „чистка” во Европскиот парламент. Таа задача главно ја има претседателката Роберта Мецола чија матична партија е Европската народна партија и која веќе претстави план со 14 точки за реформи кои треба да спречат повторување на скандал како „Катаргејт”.

„Нема да има неказнивост, нема да им туркање на нештата под килим и нема нештата да си продолжат како вообичаено", рече Мецола минатиот декември кога вети „широки реформи”, додавајќи дека таа “лично ќе се погрижи за овие работи”.

И покрај тоа, Алберто Алемано, основач на адвокатската групација “Добрите лобисти” рече дека изборот на Ангел за нов потпретседател претставува “промашена можност” за Европскиот парламент да покаже дека тие се сериозни во искажаните намери. „Ангел професионално не е докажан на полето транспарентност и интегритет," забележува професорот на Париската школа за бизнис ХЕЦ. Ангел актуелно е потпретседател на Комитетот за вработување и социјални прашања. Тој е член и на други комисии и делегации, од кои ниту една нема јасна поврзаност со прашањата што ги отвори аферата „Катаргејт”.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта МецолаФотографија: Benoit Doppagne/BELGA/dpa/picture alliance

59-годишниот потекнува од истата политичка фракција како и Каили, којашто е втората најголема во парламентот со 705 пратеници. Неколкумина од нив се суспендирани, а поранешни членови се главни осомничени во истрагата „Катаргејт”. Партијата вети дека ќе спроведе и интерна истрага која сѐ уште не е започната.

Враќање на старите навики?

Во светло на најголемиот корупциски скандал што било кога го погодил Парламентот, реакцијата до сега беше бледа, овенува Алемано. „Институционалната реакција од Европскиот парламент, како и од Комисијата, сугерираат дека лидерите на ЕУ се воздржани во однос на јавно признавање на системското промашување на режимот за етика на Европскиот парламент и на нивните политички партии во селектирањето и мониторирањето на актуелните и поранешните европратеници" вели Алемано за ДВ.

Запрашан зошто за нив е прифатливо и натаму да ја држат функцијата и покрај сериозни обвинувања на сметка на нивни членови (од кои многумина сега се суспендирани), претседателот на партијата Социјалисти и Демократи, Ираце Гарсија Перез посочи на договорот за поделба на власта меѓу трите најголеми парламентарни групи по изборите во 2019 година, според кој таа функција им следува на нив. „Сметаме дека треба да се држиме до договорот," изјави Гарсија за новинарите во Стразбур, посочувајќи дека и останатите две страни од тој договор, Европската народна партија и Партијата за обнова на Европа, исто така сакаат да го испочитуваат.

Покрај партијата на Социјалисти и Демократи, само партијата од екстремната десница ИД и партијата на Зелените кандидираа свој човек за изборот на нов потпретседател на Европскиот парламент.

Предлозите за реформи на Мецола кои вклучуваат забрана за склучување парламентарни „групи на пријателства” со трети земји, како и воведување задолжителна пауза од вработување во приватни фирми во одреден период по престанокот на функцијата со што треба да се спречи можно лобирање на поранешните европратеници и конфликт на интерес, за Алемано не одат доволно далеку. Партијата на Социјалисти и Демократи, Зелените и Левицата го поздравија предлогот на Мецола, но исто така побараа и поамбициозни мерки.

Запленетите пари во рамките на корупцискиот скандал „Катаргејт“Фотографија: AFP

Аналитичари предупредуваат: парламентот го потценува скандалот

Исто како и Алемано, аналитичарката Камино Мортера од Центарот за европски реформи е загрижен дека Европскиот парламент ги потценува димензиите на потребната реформа. „Не мислам дека парламентот сфатил дека со тоа што нема да се реформира и нема да се искористи оваа шанса да се направи нешто значајно против таквите појави, тие самите се изложуваат на уште поголеми критики" вели Мортера за ДВ.

Всушност парламентот ризикува да стане нерелевантен или контрапродуктивен во напорите да ја искорени корупцијата или повреди на правната држава во рамки на ЕУ и светот воопшто, вели таа.

Поранешниот европратеник Пјер Антонио Панцери, еден од клучните осомничени во „Катаргејт”, се согласил да соработува со истражителите, соопштија белгиските власти во вторникот неделава. Панцери се согласил да сподели информации за страните вмешани во скандалот и криминалите наводно сторени во овој случај, што може да доведе до зголемување на листата на осомничени.

Како единствена директно избрана европска институција, парламентот испрати петиција до другите европски институции како Европската комисија и Советот на Европа кои се составени од европските лидери, низ годините да му се дадат поголеми овластувања што до некаде беше и успешно. Но, поголемата одговорност не оди рака под рака со поголема отчетност, предупредува Мортера.

Во пресрет на европските избори во 2024 година, Европскиот парламент кој одамна бара да игра поголема улога во назначувањето на врвните функционери во Европската комисија, може да се соочи на пример со тоа дека барањата за поголема моќ се заслабнати, оценува Мортера.

„За жал ова ќе биде една од големите стории, ако не и најголемата што просечниот граѓанин ја чул во врска со Европскиот парламент" рече таа.

„Мислам дека ќе биде многу штетно за ангажманот и учеството на граѓаните на изборите на нови европратеници.”

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми