Кипарските Турци се свртеа против политиките на Ердоган
21 октомври 2025
На избори кои можат да го обликуваат идниот пат на турско-кипарската заедница, а потенцијално и на целиот Кипар, турските Кипарци го избраа својот нов лидер. 55-годишниот умерен политичар Туфан Ерхурман е поддржан од левичарската партија ЦТП, помали прогресивни партии и синдикати. Тој го победи својот ривал, досегашниот претседател на „Турската Република Северен Кипар“ (ТРСК), Ерсин Татар, освојувајќи 62,8% од гласовите наспроти 35,5% за Татар.
Ова е најголема изборна победа во историјата на турско-кипарските избори од времето на нивниот историски лидер и основач на самопрогласената држава признаена само од Турција, Турската Република Северен Кипар (ТРСК), Рауф Денкташ.
Победата во неделата беше прославена соодветно, со илјадници турски Кипарци кои излегоа на улиците на северна Никозија и го слушаа Туфан Ерхурман како ветува промени, придружуван од звуците, неслучајно, на традиционалната кипарска песна „Тилириотиса“.
Порака за федерација и идентитет
Во изјава за ДВ, академикот и поранешен член на Европскиот парламент Нијази Кизилјурек рече: „Убедливата победа на Туфан Ерхурман испраќа јасна политичка порака за волјата на мнозинството од турско-кипарската заедница да се врати на преговарачката маса за решение на кипарскиот проблем.“
Кизилјурек се осврнува на поделбата на островот на грчкокипарски југ и турскокипарски север по воената интервенција на Турција во 1974 година, и по меѓуетничкото насилство во 1960-тите.
Навистина, Ерхурман водеше кампања со платформа за враќање на преговорите врз основа на резолуциите на ОН. Тој ја критикуваше политиката на Татар и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кои се залагаат за решение со две држави, нарекувајќи ја таа стратегија „слепа улица“.
Според Кизилјурек, изборниот триумф на Ерхурман испраќа и јасна порака за преосмислување на односите меѓу турските Кипарци и Анкара, особено во однос на политиката на АК-партијата на Ердоган за наметнување на политичкиот ислам во заедницата.
Зачувување на секуларизмот кај турските Кипарци
Ерхурман се кандидираше за претседател со цел да го зачува секуларизмот кај турските Кипарци и видливоста на нивниот кипарски идентитет, осудувајќи ја толеранцијата на Ерсин Татар кон обидите на Турција да го вкорени политичкиот ислам во турскокипарското општество.
„Турскокипарската заедница не прифаќа надворешно мешање,“ објасни Кизилјурек, додавајќи: „Турските Кипарци се најсекуларната муслиманска заедница во светот, а секуларизмот е дел од нивниот идентитет.“
Цитирајќи ги протестите што избувнаа во април, кога владата на Татар, под водство на турската амбасада, се обиде да го легитимира носењето шамии во училиштата на Кипар, Кизилјурек рече: „Татар беше поразен затоа што реши да се усогласи со Анкара по ова прашање, за разлика од Туфан Ерхурман, кој беше присутен на сите демонстрации против шамии.“
Позитивен развој за грчкокипарското раководство
Новата динамика во турскокипарската заедница се очекува да поттикне развој во преговорите за Кипар, кои се „замрзнати“ веќе седум години. Претседателот на Република Кипар, Никос Христодулидис, грчкокипарскиот претставник во преговорите, му честиташе на новиот турскокипарски лидер и рече дека очекува „средба со г. Ерхурман што е можно поскоро и почеток на суштински преговори од точката каде што беа прекинати.“
Христодулидис го означи претстојниот неформален истражувачки состанок најавен од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за следниот месец како критична можност за повторно започнување на процесот. Лидерите на двете главни партии во Република Кипар, Анита Деметриу и Стефанос Стефану, исто така ја опишаа победата на Ерхурман како развој што може да го отвори патот за продолжување на преговорите. И лидерот на грчкокипарската десница и генералниот секретар на грчкокипарската левица рекоа дека турските Кипарци ја отфрлиле идејата за две држави и поддржале федерација, изразувајќи надеж за обновени преговори.
Во изјава за ДВ, поранешната министерка за надворешни работи на Република Кипар, Ерато Козаки-Маркулис, забележа дека изборот на Ерхурман сам по себе не може да го реши кипарското прашање.
„Несомнено, тоа е сеизмичка промена во ставот на турскокипарската страна, која во последните пет години остана крута во безизлезното барање за решение со две држави“, рече таа. „Сега, треба да видиме како Турција може да се убеди да го промени својот став, и под кои услови. Тоа ќе зависи и од ставот на грчкокипарската страна, и дали она што е изјавено за продолжување на преговорите од точката каде што беа прекинати ќе се претвори во акција.“
Се чека одговорот од Анкара
Засега, ставот на Ердоган по победата на Ерхурман останува нејасен. Во својата прва изјава по објавувањето на резултатите, Ердоган избегна да се осврне на кипарското прашање, само ја пофали „демократската зрелост на турските Кипарци“ и изрази надеж дека „овие избори ќе бидат корисни и за Турција и за ТРСК.“
Помалку воздржан беше одговорот на Девлет Бахчели, партнер во владејачката коалиција на Турција, кој повика парламентот на „ТРСК“, доминиран од националистичката десница, „итно да се состане, да прогласи дека враќањето кон федерално решение е неприфатливо и да одлучи да се приклучи кон Република Турција.“
Таков развој не се очекува. Наместо тоа, поверојатно е распишување предвремени избори за нов парламент.