Американците сметаат дека Трамп не е особено религиозен
17 април 2026
Според една анкета, повеќето Американци мислат дека претседателот Доналд Трамп не е особено религиозен. Седумдесет проценти од испитаниците во анкетата на истражувачкиот центар Пју објавена во четвртокот рекле дека Трамп не е особено или воопшто не е религиозен. Дваесет и четири проценти сметаат дека претседателот е донекаде религиозен, додека само пет проценти мислат дека е многу религиозен. Во анкета од 2024 година, повеќе луѓе го оцениле Трамп како религиозен, објави институтот со седиште во Вашингтон.
Ни политичката база на Трамп не е уверена во неговата религиозност. Само осум проценти од републиканците мислат дека 79-годишникот е многу религиозен, а 42 проценти сметаат дека е донекаде религиозен. Пет проценти од белите евангелисти го сметаат Трамп за многу религиозен, а 44 проценти за донекаде религиозен. Сепак, две третини од белите евангелисти, 48 проценти од протестантите и 38 проценти од католиците рекле дека Трамп се залага за некои од нивните религиозни верувања. Околу 80 проценти од белците евангелисти гласачи и мнозинството белци протестанти гласале за Трамп на изборите во 2024 година.
Анкета направена пред нападот врз папата Лав XIV
Во анкетата учествувале 3.592 испитаници. Интервјуата биле спроведени од 6 до 12 април, односно непосредно пред острите вербални напади на Трамп врз папата Лав XIV, како и пред објавата на претседателот на неговата платформа Трут соушал, на која имаше фотографија генерирана со вештачка интелигенција која го претставува како Исус Христос. Таа фотографија е критикувана како богохулна. Трамп често се прикажува како бранител на христијанската вера.