1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анкетна комисија: Кој ќе сведочи за скандалот на Онкологија?

ДТЗ
5 октомври 2023

„Нема да дозволам во ниеден момент оваа комисија да се претвори во парасудски орган. Ние сме пратеници и политичари кои ќе бараат политичка одговорност“, вели претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи

Рашела Мизрахи
„Очекувам заклучоци за вистината, дали има и чија е одговорноста во случајот“, вели Рашела МизрахиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Поранешни министри ќе бидат повикани пред Анкетната комисија која што ја формираше македонското Собрание со цел да се утврди евентуалната одговорност за скандалот во Клиниката за онкологија и злоупотребата на цитостатици. Претседателката на Комисијата, Рашела Мизрахи најавува дека за случајот ќе бараат да се информираат и од сегашниот министер за здравство, Фатмир Меџити, но и од неговите претходници - Белим Сали и Венко Филипче.  

„Нема да дозволам во ниеден момент оваа комисија да се претвори во парасудски орган. Ние сме пратеници и политичари кои ќе бараат политичка одговорност“, вели претседателката на Анкетната комисија, Рашела Мизрахи. 

Политичка одговорност 

Скандалот на Онкологија, според неа, всушност е трагедија. „Бараме политичка одговорност, а таа е објективна. Од наодите на Анкетна комисија може да произлезат заклучоци кои ќе бидат основа за отворање постапка за утврдување на одговорност кај носителите на јавните функции согласно членот 76 од Уставот“, изјави Мизрахи по денешниот прв состанок на Анкетната комисија во Собранието.

Таа изрази искрена надеж дека ова ќе биде првата анкетна комисија која што ќе ја заврши задачата - ќе утврди наоди и ќе предложи решенија.

„Очекувам дека веќе в понеделник попладне или вторник во текот на денот ќе има закажана седница на Комисијата“, најави Мизрахи. Според неа, сите заменици и членови на Комисијата се согласиле да работат секој ден вклучувајќи и викенди, доколку темпото тоа го побарува.

Седница на Анкетната комисија за скандалот на Клиниката за ОнкологијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Согласно процедурата, во наредниот период ќе бидат испратени покани и до актуелниот и до поранешни министри за здравство, но и до други лица коишто треба да помогнат во расветлување на сите аспекти на случајот. 

„Очекувам заклучоци за вистината и дали и во колкава мера е политичката одворност. Очекувам заклучоци кои ќе покренат изнаоѓање на системски решенија за да се превенираат вакви скандали и трагедии во иднина“, додаде Мизрахи. 

Очекувања 

Пратеникот од СДСМ, Ненад Коциќ, вели дека тој и неговата пратеничка група се најзаинтересирани да видат дали, кога и од чија страна биле направени евентуални злоупотреби со терапија на Клиниката за онкологија.  

„Апсолутно застануваме против злоупотребата на народните пари што оваа Влада ги одвоила за биолошка терапија и сме заинтересирани да видиме дали, кога и од чија страна со име и презиме биле направени евентуални злоупотреби со истата терапија“, рече Коциќ. Тој бара да се разгледа дали некој ги криел предметите во фиока или друга злоупотреба. 

Надлежности 

Комисијата која што беше формирана за случајот со Онкологија, ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите кои се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во оваа Клиника и целокупниот здравствен систем.

Анкетната комисија е формирана откако во јавноста беа објавени информации за злоупотреба на терапијата за пациенти болни од рак, за што истрага отвори и Јавното обвинителство.Пациенти болни од рак и нивните семејства секој понеделник протестираат и бараат правна разврска на случајот.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми