Анкетна комисија за Пулс: Жестоки дебати во Собранието
9 декември 2025
Целиот државен врв - премиерот Христијан Мицкоски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши, заедно со пратениците и семејствата на загинатите во пожарот во Кочани,присуствуваа на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.
Седницата започна напладне, а единствена точка на дневниот ред беше претставката од Здружението „16 март 2025 Кочани“. Родителите на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ побараа правда и одговорност за трагедијата која одзеде 63 животи и повреди над 200 лица.
Мицкоски: Правда само во судски процес
Премиерот Мицкоски пред новинарите изјави дека „правда на Анкетна комисија не може да има“, нагласувајќи дека единствено судскиот процес може да донесе праведна разрешница. Тој изрази сочувство за загинатите во трагедијата и порача дека државата ќе направи се што може за да им помогне на тие што се лекуваат.
Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ побараа изземање на Димитар Апасиев, претседател на Комисијата, тврдејќи дека ја свикал седницата „само за да копа по болката на родителите“. Пратеничката Иванка Василевска предупреди дека форматот на Комисијата нема правен основ за поведување одговорност и може да се искористи за политички манипулации.
Таа го прочита писмото од јавниот обвинител Љупчо Коцевски, во кое се наведува дека за трагедијата се водат три постапки: една во фаза на судење во Основниот кривичен суд Скопје и две во истрага – во Обвинителството за организиран криминал и во ОЈО Кочани. Коцевски во дописот предупредува дека паралелни постапки пред Комисијата можат да ја компромитираат истрагата.
Апасиев: „Гласот на мајките не може да биде замолчен“
Апасиев остро реплицираше на Василевска:„На вистината не ѝ е потребна поддршката на вмровците за да биде вистина. Гласот на мајките не може да биде замолчен дури ни од овој парламент“.
Тој нагласи дека Комисијата не врши истражни функции, но нејзините наоди можат да бидат основа за поведување постапка за утврдување одговорност на носителите на јавни функции.
Семејствата: „Нашата болка заслужува правда“
Марија Петрушова од Здружението „16 март 2025 Кочани“ побара случајот да се третира како сериозна повреда на човековите права, со акцент на правото на живот. „Оваа трагедија не е само последица на една искра, туку на системски пропусти кои го загрозуваат правото на живот и безбедност“, рече Петрушова.
Барањата на семејствата се итна институционална поддршка за сите семејства, јасен одговор за доцнењето на истрагата и конкретни рокови за завршување на постапките.
„Владата има законска, морална и човечка обврска да постапи јасно, праведно и одговорно. Нашите деца го заслужуваат тоа. Нашата болка го заслужува тоа“, додаде Петрушова.
Седницата беше свикана од Димитар Апасиев по претставка на родителите. Од Левица порачаа дека власта „го полага испитот за доверба“ и дека нема простор за партиски калкулации.
„Поминаа девет месеци од трагедијата, а Собранието не презеде ниту една суштинска мерка“, нагласија од партијата.