1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Апел до срцето на Америка - благи тонови на Зеленски во САД

дпа
22 септември 2023

При оваа посета на САД, Володимир Зеленски често го употребуваше зборот „благодарам“ - во Белата куќа, Сенатот, Претставничкиот дом, во обраќање до граѓаните. На речиси понизен начин тој се бори против заморот од војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден во ВашингтонФотографија: Jim Watson/AP/picture alliance

Володимир Зеленски стои покрај својата сопруга Олена во голема куполна сала во Националниот архив во Вашингтон. Двајцата наизменично се менуваат пред микрофонот и се обраќаат на поканетите гости, но пред сè на американскиот народ. Нивната централна порака гласи: „Ви благодариме“.

„Нема ниту еден човек во Украина кој не чувствува благодарност кон вас, Америка“, вели Зеленски. „Кон вас што ни помагате - не затоа што морате, туку затоа што вашето срце не ви дозволува поинаку“. 45-годишникот додава: „Тоа е хуманост“. Тоа е она што ги одликува Америка и Украина.

Националниот архив е на половина пат помеѓу Белата куќа и Конгресот - двете места каде Зеленски го помина денот брзајќи од еден состанок на друг, за да побара  дополнителна поддршка за својата земја.  Украинецот се обидува не да им се обраќа само на политичарите, туку на луѓето во државата.

Во салата се и украински младинци на лекување во САД поради здобиени рани во војната, лекари кои во американските болници лекуваат ранети Украинци, активисти и други луѓе кои организираат  донаторски акции за Украина.

Зеленски поединечно ги повикува помагачите на бината, го фали нивниот ангажман и зборува повторно за неговата благодарност и за големите срца на Американците.

„Ако Америка немаше такви луѓе, во светот повеќе немаше да има слобода“, вели тој. „Им благодарам на сите, на секој Американец, секој во светот кој помага - за секој спасен живот во Украина“.

Олена Зеленска вели дека нејзината земја никогаш немала толкава причина да биде благодарна. Одвреме-навреме се чини дека длабоко вдишува, изгледа нервозно. Зеленски, исто така, изгледа попромислен и поповлечен од вообичаено. Вечерта не зборува борбениот, воен претседател, туку речиси понизен и скромен шеф на земјата.

Акција на убедување

Зеленски изгледа стана болно свесен дека станува потешко да се убедат луѓето во САД и на други места во светот  да вложуваат во големи размери пари во војна,  чиј крај не е ни оддалеку на повидок.

Средба на украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа во Вашингтон, САДФотографија: Drew Angerer/Getty Images

Зеленски последен пат го посети главниот град на САД на крајот на минатата година. Непосредно пред Божик, тој беше примен како херој, зборуваше пред двата дома на американскиот Конгрес, на места проследен со овации на парламентарците, и дома се врати со огромен воен пакет во обем од 1,85 милијарди американски долари (1,73 милијарди евра). Девет месеци подоцна, се појави одреден воен замор. Овојпат Републиканците, кои сега располагаат со тесно мнозинство во Претставничкиот дом, му ускратија голем говор во Парламентот. И новата воена помош, што американската влада му ја вети при оваа посета, одговара само на дел од пакетот што го доби тогаш.

Постои значителен скептицизам во делови од Републиканската партија во однос на продолжување на вложувањето огромни суми американски даночни пари во одбраната од руската инвазија. Од почетокот на војната, САД имаат дадено речиси 44 милијарди долари воена помош за Киев - повеќе од која било друга земја. Мнозинството од Републиканците во Конгресот стојат зад континуираната поддршка за Украина. Против тоа се особено тврдокорните десничари. „Јас нема да поддржам ниеден дополнителен цент да оди за Украина", изјави републиканскиот сенатор Роџер Маршал непосредно пред посетата на Зеленски и најави бојкот на термин со украинскиот претседател во Конгресот.

Во последните денови и други Републиканци се пожалија дека Америка веќе не треба да ја отвора бланко чековната книшка за Киев. Во САД е време на изборна трка и со секој ден со кој следните претседателски избори во ноември 2024 година се сѐ поблиску, популистичките пораки од овој вид веројатно ќе се зголемуваат.

И така, Зеленски брза од еден до друг термин при неговата посета на Вашингтон: во Сенатот, во Претставничкиот дом, во Министерството за одбрана, во Белата куќа. Демократскиот претседател Џо Бајден ветува дополнителна поддршка за Украина и прави напори за охрабрување: „Американскиот народ, Демократите и Републиканците исто така, семејствата низ нашата земја разбираат за што се бори Украина“, вели тој. Но тој засега сепак не ја исполнува новата желба на неговиот украински колега за ракети од типот АТАСМС.

А Зеленски има многу работа околу убедувањето во Конгресот.

Зад затворени врати тој на сенаторите и пратениците од двата партиски табора им ја презентира ситуацијата на боиштето. И таму тој изразил благодарност, како што известуваат членовите на Конгресот по средбата. Но, дава и драматични изјави. Зеленски имаше „моќна порака“, напиша демократскиот сенатор Ричард Блументал по средбата на платформата X (поранешен Твитер). Зеленски на сенаторите им рекол: „Вие дадовте пари, ние дадовме животи“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот министер за одбрана Лојд Остин во ВашингтонФотографија: Ukraine Presidency/Zumapress/picture alliance

Во првите месеци од војната, украинската влада настапуваше делумно многу смело и нижеше барања за вооружени системи од Западот едно по друго. Американската влада на почетокот го бранеше ваквото однесување со зборовите дека оној кој е во војна и кој се бори за својата егзистенција, од нејзин аспект треба да има доволно оружје и муниција. Но, во меѓувреме и таа става јасно на знаење дека милијардската помош за Украина мора да биде проследена со комуникативна поддршка за граѓаните и гласачите да не се чувствуваат измамени.

Порака до Украина

Во јули, советникот на Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен на маргините  на самитот на НАТО  во Вилнус, иритирано одговори на критиките на украинска активистка која се пожали дека нејзината земја не е примена во военот сојуз. Американскиот народ прави секакви можни напори за да ѝ помогне на Украина, возврати Саливен. „И мислам дека американскиот народ заслужува одредена благодарност“.

Пораката пристигна. Зеленски десетици пати во својата кратка посета на главниот град на САД рече „Ви благодариме“. И за време на својот настап во Националниот архив заврши со овие зборови: „Ви благодарам за сè. Ви благодариме за поддршката. Украина никогаш нема да го заборави ова“.

Истата вечер тој отпатува за Канада за и таму да побара поддршка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми