1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арачиново меѓу приоритетите и публицитетите

2 октомври 2023

Едно од досега неисполнетите ветувања на градоначалникот на Арачиново е изградбата на Музеј на ОНА, за кое сѐ уште не била избрана локација

Nord-Mazedonien | Kleinstadt Arachinovo
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Според истражувањето на Институтот за демократија и економски анализи- ИДЕА (тинк-тенк организација основана во март 2023 година во Скопје со поддршка на Европскиот фонд за демократија -EED), која ја следи и оценува работата на јавните институции, Општина Арачиново од 33 дадени ветувања реализирала 15,15 %, а за 66,67% сѐ уште не ги започнала работите. Ова и не е толку лош резултат во споредба со големата општина Струга, која од 103 ветувања не ги започнала работите за дури 93,2%, а градоначалникот Рамиз Мерко го турка четвриот мандат, во чиј тек заврши на црната листа на САД.

Но, она што привлекува внимание е изборот на општинските приоритети. Едно од досега неисполнетите ветувања на градоначалникот на Арачиново е изградбата на Музеј на ОНА, за кое сѐ уште не била избрана локација.

„Сѐ уште не е избрана локацијата каде ќе се гради музејот“, изјавил градоначалникот на општина Арачиново Ридван Ибрахими за ТВ21. Но вели дека има неколку места, меѓу кои кај гробиштата на паднатите борци и објектот на поранешната општина.

„Сè додека не е избрана локацијата, што ми е приоритет, потоа постојат различни форми на тоа - како. Тоа е едно од тие ветувања што ги дадов, на Арачиново му припаѓа на музејот на ОНА. Арачиново има историја за големиот придонес што го даде за време на војната“, вели Ридван Ибрахими.

Општината Арачиново е меѓу ретките која за 1.000 жители ја зголемила бројката на население во споредба со претходниот попис Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Феномени и загуби

Општината Арачиново која се наоѓа на 12 километри од Скопје и е меѓу ретките која за 1.000 жители ја зголемила бројката на население во споредба со претходниот попис. Според пописот од 2021 година има 12.676 жители, 2.848 домаќинства и 2.815 станови. Во еден период таа беше синоним за нелегално производство на цигари, потоа на конфликтот од 2001 година, а пред 7 години стана синоним за почеток на промени. Јавноста сѐ уште се сеќава на популарната изјава на жител на Арачиново од крајот на 2016 година, кога во една тв-анкета тој порача: „Не сакаме федерализација, сакаме канализација!

Во таа општина, каде  пред изборите во 2016 година СДСМ отвори партиски штаб и жителите за првпат ги посети тогашниот лидер на СДСМ, партијата изборно ја ожнеа и најголемата поддршка на Арачиновци. Албанските гласови за СДСМ станаа тема на бројни анализи, најчесто со предзнакот „досега невиден феномен“. Вториот „феномен“ беше поврзан со разочарување: Арачиноци во 2019 година се пожалија дека од СДСМ им било ветено дека ќе бидат вработени 300 пилоти од Арачиново, ама ништо од тоа не се реализирало. Тогашниот лидер на СДСМ објасни дека не зборувале за пилоти, туку за „пилот-проекти“.

Не беа обелоденети пилот-проектите, а темата канализација дојде на дневен ред три години отако социјаледмократите седнаа во власта.

„Арачиново беше првата општина која го прифати и која прва се приклучи на промените. И кога некои зборуваа за федерализација и кантонизација, ние зборувавме за канализација, за се она што е важно за оваа наша општина“, рече Заев во февруари 2020, при обиколката на работите за изградба на каналициска мрежа.

Проектот беше финансиран од Владата во вредност од 100 милиони денари (1.706.800 евра).

Според жителите проблемите не се надминати. Според посоченото истражување, не е започнато покривање и уредување на атмосферскиот (фекален) канал во Арачиново. Станува збор за отворен канал за одведување води што минува низ селото, во кој се исфрлаат и фекални води, што е проблематично за време на летните жеги.

Дали во такви услови Музеј на ОНА е локален приоритет? За потсетување - Општина Арачиново беше посочувана како единствената општина што  воопшто не наплаќа данок на имот,  како што покажа истражувањето на невладината организацијата Центар за граѓански комуникации за наплатата на данок на имот за 2017, 2018 и 2019 година. Образложението од Општината беше дека немаат база на податоци на даночни обврзници, ниту даночно одделение. Во декември 2020 година, Владата донесе одлука да и помогне на општина Арачиново со 500.000 евра неповратна помош, со цел да покрие 51% од пријавените долгови (таква помош беше одредена и за други  задолжени општини).  Арачиново доби помош и следната година, но остана нејасно кон што се насочиле средствата.

Општина Арачиново беше посочувана како единствената општина што воопшто не наплаќа данок на имотФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Забелешки од ДЗР

Државната ревизија во 2021 година утврди низа забелешки за работата на Општина Арачиново, а градоначалникот Ридван Ибрахими, кој на функцијата дојде по локалните избори во октомври 2021 година, тврдеше дека ја затекнал општината со многу неправилности и злоупотреби од претходното раководство и дека очекува одговорност за тоа.

„Со извршената ревизија, изразивме неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2021 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“, се вели во Извештајот на ДЗР.

Констатирани се следниве состојби: системот на внатрешни контроли не е воспоставен со јасно дефинирани и разграничени надлежности и одговорности во однос на потврдување на комплетноста и веродостојноста на финансиските трансакции и нема назначено одговорен сметководител; не е формирана посебна организациона единица за финансиски прашања; слабости во пресметката и исплатата на плата и надоместоците на советниците, како и начинот на ангажирање и исплата на привремено вработените лица; необезбедена соодветна поткрепувачка документација за реалноста и објективноста на дел од евидентираните расходи: звршените градежни работи - изградба и реконструкција на улици и патишта се без одобрение за градба и основен проект, а ставањето во употреба на градбите е без извршен записник за примопредавање; неевидентирање на недвижниот имот сопственост на општината, неевидентирање на инвестиционите вложувања на соодветните позиции, и не е почитуван во целост Законот за јавни набавки при набавките на стоки, работи и услуги.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми