1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Багери оштетија предисториска населба стара 8.400 години

ДТЗ
10 февруари 2023

Оштетувањата се направени за време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен. Уништени се дел од предисториските ровови и градби. Археолозите апелираат да престане уништувањето на локалитетот

Археолошкото наоѓалиште Влахо
Оштетување на северниот дел на археолошкото наоѓалиште Влахо кај битолското село ЖивојноФотографија: Goce Naumov

Багери кои ископувале јаглен кај Битола оштетиле неолитско наоѓалиште старо околу 8.400 години, алармираат археолозите. Со тоа е загрозена повеќегодишната работа на тим на македонски и европски археолози на локалитетот „Влахо“ кај битолското село Живојно. Тимот кој работи на локалитетот повеќе од три години, досега открил дека тој крие вредно археолошко богатство. Пронајдена е керамика, органски остатоци на разни култури, како и дури десетина ровови. 

„Од нив за жал сега неколку се оштетени. Поради зачувување на овие уникатни обележја на еден од најстарите неолитски локалитети во Европа, неопходна е негова трајна заштита и темелно истражување“, апелира тимот археолози. 

Оштетувањето се случило неодамна, а археолозите за тоа биле алармирани од локалното население. Благодарение на одговорноста на жителите од Живојно и брзата интервенција на надлежните, оштетувањето на овој ексклузивен локалитет во Македонија е запрено. На тој начин спречено е поголемо девастирање на оваа предисториска населба која во последниве години е истражувана од неколку меѓународни истражувачки екипи и тоа со поддршка на Европската Унија, Фондацијата Западен Балкан, германската Фондација за истражување на тумбите и македонското Министерство за култура. 

Делови од археолошкото наоѓалиште ВлахоФотографија: Goce Naumov

Уништени предисториски ровови

Оштетувањата на овој археолошки локалитет, кој е веќе внесен во националниот регистар на наоѓалишта, се направени за време на подготовките на теренот за експлоатација на јаглен. Притоа, преку ископи на земја со механизација, уништени се дел од предисториските ровови и градби што се протегаат на источниот и северниот периферен дел од неолитската населба.

„За жал, поради експлоатирањето на јаглен, наспроти законските регулативи јасно укажани од Управата за заштита на културното наследство и Завод и музеј – Битола, оштетени се рововите од североисточниот дел на овој локалитет, како и површинските слоеви во северниот и источниот дел, а во кои се констатирани остатоци од неолитски градби, садови, фигурини, алатки. На тој начин оневозможено е натамошно проучување на овој дел од локалитетот“, вели за ДВ Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата. 

Со продолжување на експлоатацијата на јаглен во рамки на локалитетот и неговата близина, тој предупредува дека дополнително ќе се уништуваат археолошките содржини.

„Самото копање, бушење и користење експлозиви ќе предизвика тресење, но исто така и ерозија на археолошките слоеви кои се наоѓаат во близина на веќе започнатиот ископ. Неопходно е запирање на овие активности кои во иднина можат да доведат и до целосно уништување на локалитетот, но исто така и целосна правна и просторна заштита како би се зачувала оваа мошне ретка неолитска населба во европски рамки“, предупредува Наумов.  

Зошто е значаен локалитетот?

Резултатите од истражувањата на „Влахо“ во Пелагонија покажале дека населбата е основана пред околу 8.400 години. Притоа, преку деталните геомагнетни снимања на теренот се утврди уште една карактеристика, незабележана во толкав обем кај ниту еден друг познат неолитски локалитет. Имено, се покажа дека на него се присутни дури десетина ровови, од кои, за жал, неколку се веќе оштетени. Поради зачувување на овие уникатни обележја на еден од најстарите неолитски локалитети во Европа, неопходна е негова трајна заштита и темелно истражување. 

Македонски артефакти и икони на нелегалните пазари во Азија 

Локалитетот Влахо кај Живојно во Пелагонија е познат уште од 1970-те години и внесен во регистарот на археолошки локалитети, како и во „Археолошката карта на Република Македонија“ публикувана во 1994 година. Потемелно почнува да се истражува во 2020 година кога е систематски рекогносциран, а потоа во 2021 и 2022 година се продолжува со археолошки ископувања, геомагнетно скенирање, хронолошка, археоботаничка, геоархеолошка и археозоолошка анализа. Оваа година предвидено е да се продолжи со негово теренско и кабинетско истражување, како и со лабораториски анализи кои се во тек. 

Влахо е најстаро неолитско наоѓалиште во МакедонијаФотографија: Goce Naumov

„Фокусот на истражувањата во последните години, како и ексклузивните резултати добиени од нив, укажуваат на специфична населба која во моментов претставува најрано датираниот неолитски локалитет во Македонија. Неговото датирање ја помести хронолошката граница за почетокот на неолитот во овој регион и тоа за цели 300 години и воедно за неолитизацијата на Балканот и Европа, што го прави и еден од најраните од овој период на континентот“, вели Наумов. 

Импресивни градби 

Дополнително на овие извонредни информации, според него, геомагнетното скенирање потврди постоење на десетина рова во концентричен и правоаголен распоред и уште неколку други во нивна близина, што во моментот претставува единствен ваков предисториски локалитет во Европа.

„Истражувањата потврдија и присуство на градби изработени од глина, импресивна материјална култура (садови, фигурини, жртвеници и алатки), како и особено рана појава на земјоделски култури. Ваквата целина укажува на мошне развиена населба уште на самите почетоци на земјодолството во Европа т.е. пред околу 8.400 години“, објаснува Наумов. 

Откриени нови тајни на дното на Охридското Езеро

Со оглед на тоа што овој локалитет е мошне значаен за светската археологија и допрва ќе изненадува со извонредни сознанија, тој се проучува од истакнат меѓународен тим од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Битола, Германскиот археолошки институт, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Базел, Завод и музеј- Прилеп, Институтот за старословенска култура, Универзитетот во Белград и други. Поради тоа, локалитетот Влахо постепено добива меѓународен углед и светска афирмација во научниот свет.

„Затоа неговото оштетување или идно уништување ќе предизвика бројни реакции меѓу меѓународните институции за културно наследство, а во кои членуваат голем дел од стручњаците вклучени во истражувањето на оваа мошне значајна неолитска населба“, посочува нашиот соговорник.  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми