Г.Г. Стефан: Да се освестиме и да се обединиме како народ
2 мај 2024Што е можно побргу да се освестиме и да се обединиме како народ и по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со коишто катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања, порача поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија по повод велигденските празници.
Подеми и падови
Архиепископот македонски и охридски г.г. Стефан во името на Синодот на МПЦ-ОА, во велигденското послание вели дека ако се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план.
Според него, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сѐ уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата.
„Та, кој ќе се осмели да нѐ оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сѐ уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на Православието на ова свето македонско тло!?“, вели г.г Стефан.
Да не се дозволат отстапки
Тој порачува до верниците да не дозволат отстапки пред оние коишто постојано „посегнуваат по нашето најсвето, пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни“.
„Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско“, вели поглаварот на МПЦ.
Пораките доаѓаат во пресрет на велигденските празници, коишто започнуваат од Велики четврток и ќе траат во наредните неколку дена.