1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армијата ќе се поднови со хеликоптери „агуста“ од Италија

13 март 2024

Со планот за модернизација и опремување на Армијата на РСМ, треба да се постигне целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.

Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Северна Македонија
Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка ПетровскаФотографија: MOD North Macedonia

По договорот за набавка на систем за противвоздушна одбрана од Франција, возила и оклопни транспортери од САД, како и артилериски системи од Турција, пред потпишување е и договор за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери од Италија.

Македонската Влада на вчерашната седница ја разгледала и усвоила Информацијата од Министерството за одбрана за потребата од договор за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери, со склучување договор влада со влада, помеѓу Владата на РСМ и Министерството за одбрана на Италија. Во име на македонската влада овластена е министерката за одбрана Славјанка Петровска да го потпише Аранжманот за соработка со италијанското МО во полето на воената хеликоптерска авијација. „Согласно потребата за реформа на одбранбениот сектор и негова  интеграција во НАТО,  утврдена во Стратегискиот одбранбен преглед, како што е соопштено од Министерството за одбрана, се постапува по Долгорочен план за модернизација и опремување на Армијата на РСМ, за постигнување целосна интероперабилност со армиите на  земјите партнери во НАТО“, соопшти владината прес-служба.

Вклучена опрема и одржување

Планот за  набавка на 8 повеќенаменски хеликоптери  Петровска го потврди во јануари годинава, најавувајќи дека станува збор за една од понудите на италијанскиот производител „Леонардо“. Набавката се однесува на „AW149“ и „AW169“ - два типа хеликоптери „агуста“ (AgustaWestland) со вклучена опрема и нивно одржување.

„Едниот хеликоптер е со поголема носивост - до 14 патници, со опрема, а другиот е со помала носивост - до 8 патници, исто така, со вклучена опрема“, изјави Петровска за „360 степени“ во јануари.

Од италијанскиот производител „Леонардо“ ќе бидат набавени два типа хеликоптери „агуста“ (AgustaWestland) - „AW149“ ( на фотографијата) и „AW169“Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Walczak

Тогаш најави дека ограничувањата за набавки кои ќе стапат на сила пред изборите нема да го запрат процесот на набавка на хеликоптерите, бидејќи тој е предвиден во годишниот план за набавки „влада со влада“.

„Така што, процесот продолжува и нема да има притисок од времето. Меѓутоа, и самиот тим и луѓето од компанијата која е дел од воената индустрија се свесни за притисокот кој го имаат и од армиите, и од други поради зголемената побарувачка“, рече Петровска.

Имајќи го предвид тој притисок, рокот за испорака на хеликоптерите ќе биде од 24 до 36 месеци, од денот на потпишување на договорот.

Модернизирање на Армијата

Северна Македонија е една од 18-те земји членки кои го исполнија критериумот на НАТО за одвојување на  2 проценти од БДП за одбрана.  Од 2024 година 2,05 проценти од македонскиот бруто-домашен производ (БДП) или 327 милиони евра, се одвојуваат за одбранбениот буџет на земјата. Од нив, речиси една третина се наменети за модернизација и опремување на Армијата, што ја зацврстува националната одбрана и нејзините капацитети, но и  колективната одбрана на НАТО.

Процесот на модернизација тече во континуитет - во план е и набавка на дронови, но деталите околу тоа сѐ уште не се познати, ниту анализите во кои сегменти од одбраната тие можат да бидат користени. Од она што досега пристигна во земјата, се 32 лесни оклопни возила JLTV од САД (проект започнат во 2019 година), а во текот на годинава се очекува да стигнат oколу 16. Кон крајот на 2024 година од САД треба да почне и првата испорака на дел од оклопните транспортери Stryker.

Испораката од Франција на системот за противвоздушна одбрана кој е составен од повеќе компоненти, и за кој беше потпишан договор во 2022 година во вредност од 66 милиони евра, според Петровска, треба да почне во август 2025 година. А во 2025/2026 треба да почне и испораката на артилериски системи небавени од Турција.

Во меѓувреме, внимание се посветува и на одржувањето на постојните воздухоплови. Благодарение на два договори влада со влада, за ремонт, за набавка на резервни делови и за обука на персонал за одржување на воздухопловите, постигната беше соработка со чешки партнер за ремонт за два армиски хеликоптери.

Помош од ЕУ

Согласно со планираната динамика тече и набавката на воена опрема поддржана од Европскиот мировен фонд со 9 милиони евра. Ова беше потврдено на минатомесечниот прв состанок на Управувачкиот комитет, чија основна задача е да ја следи реализацијата на овој проект. Во комитетот се претставници на Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Организација за имплементација на мерката од Европскиот мировен фонд, Организацијата за унапредување на човековата безбедност (ИТФ) и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Директорот на Генералштабот, бригадниот генерал Симеон Трајковски истакна дека оваа помош од Европската Унија наменета за потребите на македонската Армија ќе ги зајакне нејзините капацитети, ќе влијае на  развојот на одбранбените способности  и на интероперабилноста на Армијата. Средствата кои се дел од овој Проект, се наменети за набавка на опрема за Лесната пешадиска баталјонска група и тоа логистичка, медицинска, инженериска и опрема за изведување на обуки, комуникациско-информациски системи и за разузнавачки капацитети.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми