1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсовска до власта: Нека ги видат Тетово и Гостивар

22 август 2024

Затскривањето на скопските проблеми под други „чергичиња“ не е добар вовед за денешната средба, на која Арсовска треба да презентира планови за решавање на проблемите во главниот град.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во јавен настап прстот го впери во општини со кои раководат коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на денешната средба со координаторите на советничките групи на која треба да го презентира планот за излез од кризата во главниот град,  градоначалничката на Скопје Данела Арсовска  во јавен настап прстот го впери во општини со кои раководат коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е принципот кој што треба да го знаат граѓаните. Ова се Тетово и Гостивар", рече Арсовска покажувајќи фотографии од  преполни контејнери со смет.

„Не смеат да им писнат за оваа состојба. Не сакаат и не смеат да им писнат, ни за јавни претпријатија кои се во долгови наназад, многу поголеми долгови од каков било долг во Градот Скопје“, обвини скопската градоначалничка во интервју на ТВ Сител. 

Затскривањето на скопскиот смет под други чергичиња, не е добар вовед во денешната средба, но од Советот на Град Скопје се воздржуваат од коментари за ваквата „увертира“ на Арсовска. Ќе чекаат прво да ги слушнат нејзините планови, пред сѐ за состојбата со хигиената во главниот град, но и за проблемот со  јавниот превоз во Скопје. 

Преполни контејнери со смет во СкопјеФотографија: Boris Georgievski/DW

Има ли Арсовска планови?

По нејзината средба пред три дена во Владата, министерот за локална самоуправа Затко Перински ијави дека очекувале од страна на Градот да слушнат некаков план за да помогнат тој да се реализира, но за жал не слушнале ништо. Истото го изјави ден подоцна и премиерот Мицкоски.

„Немаше план. Јас ја повикав бидејќи бараше средба, но план не слушнав“, рече премиерот, со надеж дека такво нешто конечно ќе презентира на координација со советничките групи. 

Арсовска пак тврди дека на средбата во Владата понудила повеќе варијанти.

„Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но, таа средба не беше отворена за јавноста, па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план“, рече градоначалничката на Скопје. 

Првиот план бил за набавка на еколошки автобуси со кои би се решил хаосот со јавниот превоз во Скопје, поради  недостиг на автобуси и дотрајаност на сегашните,  но рече дека Советот во кој мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата, во континуитет не сака да ги гласа одлуките. 

Три години иста песна

Скопје до денес не доби ни бесплатен јавен превоз, не ги доби ни ветените нови еколошки автобуси, што беа меѓу 15 + 1 приоритетни проекти од нејзината програма „За модерно Скопје“, со кои Арсовска пред три години ја доби довербата на Скопјани. Наместо тоа, се намали бројот на постојните автобуси поради дефекти и дотрајаност.

Арсовска тврди дека кога би била изгласана одлуката од советниците, набавката на нови автобуси би можела да биде направена од буџетот на Градот. 

„Ние не баравме никакви пари за екоавтобусите. Ние баравме одлука да донесат советниците за да може да ги набавиме екоавтобусите. Нам пари од Владата не ни требаат, ние само долгот бараме да си го платат (осум милиони евра за ЈСП-н.з.). Ние сме финансиски консолидирани и тоа можеме да го направиме и од сопствениот буџет и кредитно да се задолжиме. Нашиот буџет тоа може да го издржи“, вели Арсовска.

Објаснува дека тоа досега никогаш не се направило, бидејќи заради средствата со кои ќе треба да се исплаќаат тие автобуси, ќе мора да се реализираат помал процент на проекти од интерес на граѓаните.

Скопје до денес не го доби ветениот бесплатен јавен превозФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Ако се дадат пари за автобуси, тоа е скап проект, нормално ќе останат помалку пари за други проекти. Ама бидејќи досега не се дадоа пари за автобуси, кои се другите проекти што се реализираа на сметка на тоа, а во корист на скопјани?“, прашуваат граѓани на социјалните мрежи.

Ни модерно, ни брзо

Арсовска во изминатите две години се жалеше дека главен кочничар се советниците, кои не ја гласале одлуката за задолжување од 10 милиони евра за набавка на автобуси, која десетици пати била доставена до нив. Тие пак објаснуваа дека никогаш не дала каква било експликација за барањата за задолжување, ниту имало претходно одржана јавна расправа за тоа, што согласно со законот мора да го има. Исто така, ја критикуваа дека не доаѓала на седници, ниту на советнички прашања и дека е доведена во прашање елементарната транспарентност бидејќи советниците не може да добијат информација за функционирањето на јавните претпријатија.

Од советничката група на СДСМ во Советот на Град посочија дека се несериозни изјавите на  градоначалничката Данела Арсовска  дека таа е блокирана од страна на сите 45 советници.

„Арсовска не може советниците на СДСМ и останатите советнички групи да ги става во исти кош со советниците на ДПМНЕ со кои заедно во 2021 година ја промовираа програмата ‘За Модерно Скопје, брзо и сигурно’. Ниту модерно ниту брзо, а најмногу од сѐ најнесигурно. За жал, сведоци сме дека продолжува препукувањето на релација ДПМНЕ и Арсовска. Меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за тоа кој е виновен за колапсот во Градот Скопје. Наместо да земат да работат, оние кои го уништија Скопје меѓусебно се препукуваат врз грбот на скопјани кој бил крив", изјави советникот Гордан Шутаров.

Тој посочи дека СДСМ како опозиција во Советот на Град Скопје ќе продолжи да делува конструктивно и секогаш ќе ги поддржува проектите кои се во интерес на скопјани.

„СДСМ нема да блокира и нема да прави дневна политика од тоа затоа што за СДСМ скопјани се на прво место“, рече Шутаров.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми