1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсовска: Не се плашам од никого

ДТЗ
20 септември 2022

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека целосно се оградуваат од однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска. Градоначалниците од оваа партија нема да присуствуваат на нејзините настани.

Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје
Данела Арсовска, градоначалничка на СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Скопската градоначалничка Данела Арсовска, по судирот со ВМРО-ДПМНЕ околу директорските места во јавните претпријатија и обвинувањата за матни зделки, денеска (20.09) порача дека не се плаши од никого.  „Сѐ уште имам многу повеќе пријатели отколку непријатели“, вели скопската градоначалничка. Според неа, изминатите месеци се случиле многу работи и свесна е дека се соочува со една машинерија од луѓе на кои нејзините постапки не им се допаѓаат, но тоа не ја плаши. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во меѓувреме најавија дека целосно се оградуваат од однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска и градоначалниците од оваа партија нема да присуствуваат на нејзините настани. 

Неисполнети ветувања 

Градоначалничката Арсовска во вторникот промовираше проект во општината Гази Баба кој беше поддржан од мнозинството советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје. Но, според партијата, неразбирливо е зошто на настанот не бил поканет и градоначалникот Боби Стефковски со чија соработка се работи на проектот. „Поради немањето соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за добробит на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата ‘За модерно Скопје’, поради кој ѝ беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвираност во сомнителни и криминогени зделки, ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска“, соопшти партијата. Тие им ја „честитаа новата коалиција на уценетата Арсовска и дезертерот Ковачевски“.

Кавгата која што ескалираше изминативе денови на релација Арсовска - ВМРО-ДПМНЕ би можела да се одрази и врз работата на Советот на Град Скопје. „Што се однесува до нас ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да продолжиме да испорачуваме проекти во интерес на градот и граѓаните. Дали ќе биде подобро, дали Градот ќе трпи или ќе биде полошо, тоа во секој случај времето пред нас ќе го покаже. Оваа е многу комплицирана ситуација и не би сакала да навлегувам во политички пресметки. Не ме интересира политика. За мене единствен интерес е интересот на граѓаните. Што се однесува до политичките чинители во државата и во која мера тие ќе се одлучат да ги поддржат овие проекти оставам на нивната совест“, рече Арсовска. 

Црна кампања 

Откако скопската градоначалничка минатата недела го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека стои зад целиот судир и дека не се откажува од „тендер- матрицата“, низ главниот град осамнаа билборди со натпис: „Кај се крие шпицниот градоначалник?“.

Арсовска тврди дека таа не стои зад црната кампања што се води против Мицкоски. 

„Немам ниту таква моќ, ниту такви средства, ниту правам такви нарачки, ниту имам зошто. Вие самите знаете кои се луѓето кои што имаат моќ да прават такви работи во градот и државата, а во ниту еден случај тоа не сум јас“, вели Арсовска.

Запрашана дали е играч на експремиерот во бегство, Никола Груевски, Арсовска рече дека нема контакт со никого и со „ниту еден политички лидер“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми