1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Германија во шок по смртоносниот напад во Ашафенбург

АРД | Б. Јордановска | агенции
23 јануари 2025

Во целата земја луѓето се ужаснати по нападот со нож во Ашафенбург. Убиени се дете и возрасен маж. Осомничениот 28-годишен Авганистанец, бил на психијатриско лекување - и всушност имал обврска да ја напушти земјата.

Свеќи и цвеќиња во спомен на жртвите од нападот со нож во Ашафенбург
Свеќи и цвеќиња во спомен на жртвите од нападот со нож во АшафенбургФотографија: Heiko Becker/REUTERS

Две лица загинаа во напад со нож во парк во градот Ашафенбург во покраината Баварија во Германија. Жртвите се двегодишно момче со мароканско потекло и 41-годишен случаен минувач, изјави баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман на прес-конференција по инцидентот. Три лица се повредени и според баварската министерка за здравство Јудит Герлах, тие се вон животна опасност. Се работи за уште едно дете, еден 61-но годишен маж и воспитувачката која била со децата на прошетка.

Индиции за ментална болест

Меѓу жртвите и уапсениот очигледно не постои никаква поврзаност. Мажот со кујнски нож „одеднаш и намерно“ се пуштил кон детенцето кои било дел од групата од градинка што поминувала покрај напаѓачот, рече Херман. 41-годишниот минувач веројатно сакал да ги заштити другите деца и со својата интервенција ги спасил од смрт, додава министерот. Претрес на станот на Авганистанецот не обезбедил докази за исламистичка позадина, објасни политичарот на ЦСУ, кој додаде дека „во моментов шпекулациите многу силно одат во насока на неговата очигледна ментална болест“. Во сместувалиштето на Авганистанецот биле пронајдени и соодветни лекови.

Граѓаните на Ашафенбург вчеравечер се собраа за да им оддадат почит на загинатите во смртоносниот нападФотографија: Heiko Becker/REUTERS

Три пати евидентирани насилни дејствија од напаѓачот

Напаѓачот бил на психијатриско лекување, рече Херман. Во минатото најмалку три пати бил упадлив со насилни дејствија, бил ставан на психијатриско лекување и повторно пуштан. Во Германија напаѓачот дошол кон средината на ноември 2022ра година. Пред месец и половина писмено најавил дека доброволно ќе ја напушти државата и тогаш се затворила постапката за азил.

Шолц: без „погрешно разбрана толеранција“

Сојузниот канцелар Олаф Шолц им изрази на жртвите и нивните семејства сочувство од сојузната влада. Властите сега „со полна пареа мора да работат на разјаснување“ зошто сторителот сѐ уште бил во Германија. „Уморен сум од вакви акти на насилство на секои неколку недели“, порачува политичарот од СПД, според едно соопштение. „И тоа од насилници кои всушност дошле кај нас барајќи заштита. Погрешно разбрана толеранција е сосема несоодветна“, рече Шолц и додаде дека од сознанијата мора веднаш да се извлечат заклучоци. „Не е доволно да се зборува“, вели Шолц, кој нападот го нараче „невозможен чин на тероризам“. Според портпаролот на владата, Шолц уште вечерва сака средба со шефовите на безбедносните власти. На разговорите во Кабинетот ќе учествува и сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер. Таа сочувствува со родителите на убиеното дете, како и со семејството на човекот „кој го загуби животот во овој брутален чин“, рече министерката. Таа на тешко повредените им посакува „со цело срце повторно да закрепнат“

Мерц: „Длабоко потресен“

Премиерот на Баварија, Маркус Зедер, зборуваше за „ужасен ден за цела Баварија“. Вицепремиерот и шеф на Слободните гласачи, кои во коалиција со ЦСУ владеат во Баварија, Хуберт Ајвангер, зборуваше за „длабока болка со оглед на драмата“. „Но, тагата веќе не е доволна – мора консеквентно да постапуваме против криминалци и оние кои ја загрозуваат нашата безбедност“, нагласи тој. Сојузниот претседател на ЦДУ и кандидат за канцелар од редовите на Унијата, Фридрих Мерц, исто така беше „длабоко потресен“ и порача дека „вака не може понатаму“. „Мора и ќе воспоставиме повторно ред и поредок“, рече Мерц.

Возила на итната помош во близина на местото на злосторството во АшафенбургФотографија: Ralf Hettler/dpa/picture alliance

„Вангенкнехт: владата сноси политичка одговорност“

Сојузниот министер за економија и вицеканцелар од редовите на Зелените, Роберт Хабек, зборуваше за „ужасно убиство“ и на погодените и на нивните семејства им ја посака „сета сила на земјава“. Шефицата на АфД и кандидат за канцелар, Алис Вајдел, рече дека „во мисли е кај роднините и кај повредените“. Таа побара доселдно протерување на мигрантите кои имаат обврска да ја напуштат земјава. Шефицата на БСВ, Сара Вангенкнехт, повторно побара промена на курсот во бегалската политика. „Тоа што ништо не се случи по Манхајм и Солинген во преден план е неуспех на канцеларот и на неговата министерка за внатрешни работи“, рече таа за магазинот Политико. Според неа, „тие сносат политичка одговорност за секое натамошно страшно злодело“.

Експерт за миграција бара „регистар на ментално болни насилници“

Психологот и експерт за миграција Ахмад Мансур во интервју за Тагестемен зборуваше за причините зад психичките проблеми на мигрантите. Тој меѓу другото бара да се воведе „регистар на ментално болни злосторници“.

Германија е во состојба на висока готовност по нападот со автомобил на божиќниот панаѓур во источниот град Магдебург минатиот месец, при што загинаа 6 лица, а речиси 300 луѓе беа повредени.
Безбедноста на јавните простори во Германија е главна тема во дебатите пред предвремените избори за Бундестагот на 23 февруари . 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми