1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Атентатот врз Трамп и ризикот од политичко насилство

19 јули 2024

Денес политичката клима е неспоредливо потоксична. Америка денес е земја на немир и бес, низ целиот политички и општествен спектрум. Класично буре-барут! Пишува Ивор Мицковски

Сликата со крвавото лице на Трамп, неговата тупаница стисната кон небото, додека на своите поддржувачи им извикуваше: „Борете се, борете се, борете се“ - дефинитивно влезе во историјатаФотографија: REUTERS

Сликата со крвавото лице на Трамп, обезбедувањето кое го извлекуваше, неговата тупаница стисната кон небото, додека на своите поддржувачи им извикуваше: „Борете се, борете се, борете се“ - дефинитивно влезе во историјата. Ризикот сега е неговите противници и неговите поддржувачи да не ја сфатат пресериозно поканата за борба.

Ако нешто ја намалува историската димензија од атентатот на Трамп,  тогаш тоа е едноставниот факт што употребата на оружје во историјата на САД, не е ништо невообичаено. Станува збор за релативно нормална компонента не само од општествениот, туку и од политичкиот живот на Америка.

61 година подоцна Америка се наоѓа пред истите анксиозни прашалници кои се наметнуваат пред еден политички атентат. Слично сценарио, различен исход. Смртен за Џон Кенеди во Далас, за среќа речиси безопасен по Доналд Трамп во Батлер. Еден сантиметар кој за малку од Трамп не направи жртвеник, но секако произведе политичка икона, зголемувајќи ја неговата харизма и шансите за победа на претседателските избори. Како и тогаш, така и денес, атентаторот не е во состојба да ги раскаже своите мотивации. 

Помеѓу таа 1963 година и 1981 година, се отвори сезоната на крвопролевања и политички атентати во Америка. Малком X во 1965-та, Лутер Кинг во 1968 исто како и сенаторот и можен претседателски кандидат Роберт Кенеди, неуспешниот атентат врз Џералд Форд, чудесното преживување на Роналд Реган во 1981 година. Една бескрајна граѓанска војна. 

Америка како буре барут

Сега прашањето кое се наметнува е дали станува збор за изолирен инцидент или пак се отвара нова сезона на насилство и кошмари за Америка? Со една важна разлика, што во периодот 1963-1981 и покрај ескалацијата на Виетнам, студентските протести и граѓанските борби, денес политичката клима е неспоредливо потоксична. Америка денес е земја на немир и бес, низ целиот политички и општествен спектрум. Класично буре-барут!

Атентатот врз Трамп ни потврдува дека политичкото насилство е типична карактеристика на Америка. Особено сега, кога Америка се наоѓа во криза. Епизодите на насилство се вткаени низ целата национална историја, но нивниот интензитет секогаш се појачувал во моменти на криза или неединство. Три од  четири убиства на претседател на функција  се случиле во мошне турбулентни периоди за САД: убиството на Линколн на крајот од Ѓраѓанската војна, Мекинли во моментот кога Америка испливува како империја,  Кенеди како најава  на крвавата деценија исполнета со општествени немири.

Атентатот врз претседателот Џон Ф. Кенеди во 1963 година во САДФотографија: Getty Images/Three Lions/Hulton Archive

Секоја фаза има свои засебни карактеристики, а денешната е што сѐ поголем дел од американската популација го чувствува загрозен сопствениот стил на живот, еден од столбовите на националниот идентитет. Од двете политички страни постои чувството дека противничката партија е доминирана од фанатици чија намера е да ја уништат демократијата и да ги наметнат своите морални погледи. Можеби за тоа највеќе влијае распространетоста на една култура на меѓусебна недоверба, потхранета од економските нееднаквости, од нефункционалноста на политиката, од недовербата кон институциите, како и од медиумската клима која го охрабрува судирот и ставовите кои прават поделби и раздор. Секако, натежнуваат и геополитичките причини, почнувајќи од заморот и тежината што одржувањето на една глобална Империја, сѐ почесто паѓа на плеќите на Републиката и на федеративната унија, односно, се одразува врз животот на обичниот човек.

Опасноста од насилство

Политичкото насилство се смета за легитимно од сѐ поголем број на луѓе. 10% од Американците изјавиле дека се согласуваат со употребата на сила со цел да се спречи  реизбор на Трамп, 7% со цел да успее. Ако оваа сондажа ја прошириме на целата американска популација доаѓаме до бројка од 40 милиони луѓе. Опасен податок за земја во која има повеќе парчиња оружје од луѓе.

И сѐ тоа, во време кога појавата на милиции и вооружени екстремистички групи е широко распространет феномен. Почнувајќи од 90-тите години експлозијата на милиции има геополитичка позадина и е поврзан со крајот на Студената војна. Во голем дел од Америка беше широко распространето убедувањето дека после распадот на СССР, Америка ќе ја расклопи својата воена империја низ светот. Наместо тоа, Џорџ Буш постариот ќе го најави проектот за „нов светски поредок“, нешто што заедно со глобалистичката агенда на Клинтон, ќе убеди многумина дека Вашингтон има намера да ги претвори САД во наднационална и глобална структура. Вооружувањето и организирањето во милиции се претвора во еден вид на отпор и борба за зачувување на слободите и на американскиот начин на живот. Изборот на Обама само ги зајакнува милициите, додека Трамп ги прегрнува и им ги отвара вратите, како што потврди и нападот на Конгресот во 2021, кога се обиде да ја преобрати изборната волја и да се задржи на власт.

Според ретките истражувања за внатрешниот екстремизам, федералните институции немаат инструменти и не се доволно моќни за да спречат или да одвратат екплозии на политичко насилство. Прво, затоа што се преслабо опремени и поддимензионирани, второ затоа што потенцијалната закана е премногу голема и прераширена за да биде контролирана.

Атентатот е секако изолиран случај и со ништо споредлив со организациите на националистичките милиции. Но, ни потврдува дека насилството повеќе не е монопол само на поддржувачите на Трамп. Постојано и доста површно мислиме дека доколку Трамп загуби може да се случи граѓанска војна. Ја забораваме реакцијата на неговите противници, односно, фактот дека фигурата на Трамп го катализира насилството, од сите страни на политичкиот спектрум.

Насилни протести на поддржувачите на Доналд Трамп во Вашингтон, САД, 2020 годинаФотографија: Samuel Corum/Getty Images

Атентатот врз Трамп дополнително ќе ја радикализира галаксијата на екстремисти кои ротираат околу неговиот лик и дело. Дополнително ќе се зајакнат нивните убедувања дека е мета на голема завера од страна на длабоката држава. Дека се наоѓаат среде борба за живот или смрт, егзистенцијален предизвик. Овие групации идентификуваа во Трамп свој витез и војвода, но ако сме искрени ќе признаеме дека не се само негови креации. За жал Трамп произведе вистинска култура на параноја, веќе длабоко вкоренета и стратифицирана во менталните логики на Америка.

И покрај поканата на Трамп за „Борба“, и во негов интерес би било доколку го намали емотивниот и насилен набој кај неговите следбеници. Тоа не е лесно за човек кај кој зависта и виктимизацијата му се главна карактерна особина. Но, има шанса конечно да добие претседателска аура, да се понуди како инклузивен кандидат и опција и така да ги зголеми своите шанси за победа. Во случај да продолжи како досега, а тоа го навестува и неговиот избор за потпретседател, и да не ги намали тензиите, поделбите и паранојата, а особено ако продолжи со потхранување на културата на освета, тогаш ризикува да го изгуби гласот на многу умерени граѓани.

Во тој случај и ефектот на симпатија и аурата на политичка икона која сега го опкружува може брзо да се истроши истакнувајќи ги неговите слабости и потврдувајќи ги сомнежите на половина Америка која во него гледа непочитувач на Уставот и раздорувач на Унијата.

Другата страна се соочува со  слабоста на Бајден и неговото бавно, но сѐ поверојатно повлекување. Во случај на промена и нов кандидат, Демократите би имале шанса да ја револуционираат својата кампања и да го изедначат дуелот. 

Останува клучната варијабила, а тоа е политичкото насилство и климата на тотална поделеност и недоверба во американското општество и политика. 60% од популацијата не верува дека изборите можат да ги решат проблемите. Времето ќе покаже, но патот од денес до ноември е многу долг и ризикува да биде полн со бројни препреки и несреќи.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми