1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина бара измени во учебниците во Северна Македонија

Даниела Трпчевска-Зафировска
1 октомври 2026

Атина инсистира на измени во делови од учебниците во С. Македонија што ги смета за неусогласени со Договорот од Преспа, изјави грчката заменик-министерка за надворешни работи Александра Пападополу.

Грчкиот парламент. февруари 2025
Атина бара измени во учебниците во Северна МакедонијаФотографија: Costas Baltas/Anadolu/picture alliance

Спорот околу учебниците повторно се најде на агендата меѓу Атина и Скопје.Грчката заменик-министерка за надворешни работи Александра Пападополу побара отстранување на делови од учебниците во Северна Македонија кои, според грчката страна, не се усогласени со Договорот од Преспа. Прашањето беше отворено во грчкиот парламент, каде што повторно се актуализираше работата на заедничката експертска комисија задолжена за историските и образовните прашања.

„Атина бара отстранување на она што го опишува како ревизионистички и иредентистички наводи од училишните учебници што се користат во Северна Македониј“, изјави во средата во грчкиот парламент Пападополу, истакнувајќи дека неточната терминологија го прекршува не само Договорот од Преспа, туку и Уставот на Северна Македонија.

Како што објави грчкиот медиум „То Вима“, Пападополу одговарала на прашање од Ѓоргос Рунтас, пратеник од десничарската партија „Ники“, во врска со она што тој го опишал како иредентистички наводи и присвојување на античката македонска историја во новоиздадените учебници во С. Македонија.

Рунтас навел официјален учебник за шесто одделение по предметот „македонски јазик“, тврдејќи дека во него „татковината“ се опишува како „секогаш поробена и измачувана“, а Александар Велики се нарекува „Александар Македонски“, без соодветно да се направи разлика меѓу античките Македонци и современиот идентитет на граѓаните на Северна Македонија.

Тој прашал какви чекори презела грчката страна преку Заедничката интердисциплинарна комисија на експерти, формирана согласно Договорот од Преспа, за да побара отстранување на таквите наводи.

#dw_BalkanBooster: Договорот од Преспа и учебниците

03:07

This browser does not support the video element.

Повикување на Договорот од Преспа

Пападополу рекла дека учебниците ги одобруваат и печатат министерствата за образование на секоја земја, но нагласила дека Грција продолжува да инсистира на она што го смета за точно претставување на историските настани, терминологијата и потеклото и идентитетот на историските личности како Александар Велики и Филип Втори во образовните материјали во Северна Македонија.

Таа укажала на членовите 7 и 8 од Договорот од Преспа од 2018 година, кои се однесуваат на сфаќањата на страните за термините „Македонија“ и „македонски“ и ја утврдуваат рамката за разгледување на историски, археолошки и образовни материјали.

Согласно членот 8, двете земји ја формираа Комисијата за историски, археолошки и образовни прашања, задолжена да ги разгледува наставните програми, учебниците и соодветните наставни материјали и да препорачува промени таму каде што е потребно. Мандатот на Комисијата опфаќа постапување по иредентистички и ревизионистички наводи, во согласност со принципите и целите на УНЕСКО и на Советот на Европа.

Според грчките медиуми, комисијата продолжила со работа, иако напредокот е нерамномерен. Нејзините состаноци вклучувале размена на наставни програми за основно и средно образование, при што двете страни, како дел од процесот, ги разгледувале учебниците и другите образовни материјали.

Според „Та неа“, комисијата се среќава најмалку двапати годишно, наизменично во Атина и во Скопје, а последниот состанок бил во Атина во мај 2026 година. Работата на Комисијата, како и записниците, се доверливи.

#dw_BalkanBooster: Ревизија на учебниците?

02:50

This browser does not support the video element.

Прашањето останува чувствително

Спорот околу учебниците е дел од пошироките и тековни предизвици во спроведувањето на Договорот од Преспа, кој стапи во сила во 2019 година, со кој се оконча повеќедеценискиот спор околу името.

Договорот, исто така, имаше цел да се позанимава со спротивставените историски наративи. Членот 8 предвидува преглед на учебниците и другите образовни материјали, додека членот 7 прави разлика меѓу различните историски значења на термините „Македонија“ и „македонски“ како што ги користат двете страни.

Прашањето останува политички чувствително и во Грција и во Северна Македонија. Грција во изминатиот период често реагираше на употребата на името „Македонија“, наместо уставното име „Република Северна Македонија“. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми