„После Аушвиц да се пишува поезија е варварски“, напиша филозофот Теодор В. Адорно во 1949-та во есејот „Критиката на културата и општеството“ („Kulturkritik und Gesellschaft"). Тогаш беа поминати само четири години од крајот на војната. Најголемиот број од преживеаните не сакал да се сеќава на минатото, а доколку се сеќавал, тоа го чинел селективно, избирајќи ги „убавите“ периоди од него. Германците во таа година се подготвувале да ги прослават двата века од раѓањето на големиот Гете. Познато е дека тогаш Германија кратко ја посетил и Томас Ман, кој по војната живееше во Швајцарија. На прослаавата во спомен на Гете во Вајмар, Ман, кој времето на војната го беше поминал во американскиот егзил, зборувал во Вајмар за времето на Гете како „добро германство“. Нему сигурно му било јасно дека во шумата крај Вајмар се наоѓал логорот Бухенвалд, кој бил дело на „лошото германство“.
Логорот Аушвиц, кој денес стана симболот за Холокаустот, тогаш пак се наоѓаше во Полска. Стариот дел од логорот пред окупацијата на Полска од Третиот рајх бил полска армиска касарна. Кон неа потоа бил изграден логорот Аушвиц-Биркенау. Во Аушвиц гасните комори работеле како фабрики. Во нив секој ден, без прекин, биле убивани луѓе. Затоа денес ретките преживеани Евреи велат дека Аушвиц се најголемите гробишта во светот. На 27 јануари 1945-та Црвената армија го ослободи логорот. Кусо пред тоа, нацистите ги урнале гасните комори, за да ги скријат доказите. Најголемиот број затвореници биле испратени на „маршот на смртта“. Пешки, кон Запад. Во 1996-та, 27-ми јануари во Германија беше прогласен за ден на сеќавањето на Холокаустот. Во 2005-та и Обединетите нации го прогласија овој датум како Ден на сеќавање на сите жртви на Холокаустот.
Оваа година сеќавањето на ослободувањето на Аушвиц во Германија се случува пред кулисата на масовните демострации против екстремната десница и новиот фашизам. Демонстрациите се реакција на германската јавност на веста за тајната средба во ноември 2023 во еден хотел во Потсдам. На неа учествувале политичари на АФД, ЦДУ, од австриската партија на „Идентитарите”, но и индустријалци и приватни лица. Тие ги разгледувале плановите за депоратиција од Германија на милиони мигранти, со и без германско државјанство. Некои веруваат дека групава не го избрала случајно местото на средбата. Потсдам е близу до местото каде на 20 јануари 1942 во една вила крај езерото Ванзе (Wannsee) во Берлин се одржа конференцијата на која владата на Третиот рајх, заедно со СС-службите, го изработи планот за масовното убивање на Евреите.
„Мајсторите“ на злото
Еден од најпознатите поети кои пишуваа по војната за Аушвиц е токму Евреинот Паул Целан (Paul Celan), роден во 1920 во Черновиц, во Буковина, тогашна Романија, сегашна Украина. Тој за влакно успеал да ја избегне депоратцијата во Аушвиц, каде во 1942 биле убиени неговите родители. Самиот по војната напиша дека неговата поезија е поттикната од датумот „20 јануари”. Се работи за 20 јануари 1942, датумот на конференцијата на езерото Ванзе, на која се беа собрале „специјалистите” или, според Целан, „мајсторите” на злото, за да го изработат планот за уништувањето на Евреите.
Во песната „Фуга на смртта” („Todesfuge“) од 1945-тата, Целан во еден стих пишува: „смртта е мајстор од Германија“ („der Tod ist ein Meister aus Deutschland“). Сета поезија на Целан е посветена на траумата од Аушвиц. Поезијата како говор на убиените во Аушвиц за Целан била единственото сидро во животот, откако Холокаустот му беше одзел се‘ – фамилијата и татковината. Единственото нешто што му останало, сведочи тој, е германскиот јазик. Јазикот кој, истовремено, е јазикот на „џелатите” во Аушвиц, јазикот на смртта, „на мајсторот од Германија". Тој не пишува на „јидиш”, на германскиот дијалект на источноевропските Евреи, туку на литературниот германски јазик. Затоа што тоа е јазикот на кој мајка му, во детството во Черновиц, му ја читала поезијата на Гете. Во германскиот, јазикот на кој што се одлучува да ја пишува својата поезија за страдањето во Аушвиц, тој го спасува и својот спомен на мајка си.
Културата како лага
Другиот голем германски интелектуалец со германско потекло, филофозот и композитор Теодор В. Адорно, исто како и Целан, во последен миг, во 1934-та, емигрира од Франкфурт во Лондон, а оттаму во 1937-та во Америка, во Њујорк. Кога Хитлер доаѓа на власт, во 1933-та, во Франкфурт само што беше излегла од печат неговата студија за естетиката на Киркегард, со која тој се хабилитираше 1931-та. Адорно само што се беше вратил во 1949-тата во Германија од американскиопт егзил, кога го напиша есејот „Критиката на културата и општеството“. Во него тој се прашува како после Аушвиц воопшто е возможна културата. Врз неа лежи сенката на најголемото варварство. „Сета култура, со се нејзината нужна критика, е ѓубре”, стои на едно место во неговата „Негативна дијалектика” (1966). Затоа што среде сета култура можеше да се одигра Аушвиц, тој факт ја разобличува културата како лага, верува Адорно. Поинаку кажано, сета духовност, сета естетска култура не ги спречуваше „мајсторите на смртта” во логорите да ги убиваат Евреите во гасните комори, а потоа да се повлечат во својата канцеларија, уживајќи во музиката на Бетовен. Адорно оди уште понатаму во „Негативна дијалектика” и пишува дека самиот факт што такво варварство можеше да се одигра „среде сета традиција на филозофијата, на уметноста и на просветителските науки” за него говори дека духот кој тие го претставуваат не бил во состојба да го обземе човекот и да го промени. Сета цивилизираност, сета европска култивираност, за која симбол беше германската култура, не можеше да го спречи варварството во Аушвиц.
Затоа во 1949-та тој напиша дека „после Аушвиц да се пишува поезија е „варварски”. Меѓутоа, за поетот Паул Целан да пишува поезија по Аушвиц за Аушвиц била единствената можност да го изговори ужасот. Особено во моментот кога му станало јасно дека сите останати, особено оние кои учествувале на страната на „џелатите” во Германија, сакале што побрзо да заборават се‘ што се случувало од 1933 до 1945 година. И Адорно и Целан ги измачува личната траума која е содржана токму во стравотното сознание дека во логорите како Аушвиц беа убиени милиони луѓе во „фабрика на смртта”. Варварството во Аушвиц е токму фактот што убивањето на милиони луѓе, чија вина била што биле Евреи, се одвивало како совршена машинерија, во која човекот бил нивелиран во бројка и во материјал за преработка. Косата на убиените се преработувала во текстил. Во Аушвиц биле обединети највисоките цивилизациски дострели – индустријата и совршената организација – со атавистичкото и примитивното. Аушвиц е модерното чудовиште или цивилизираното варварство. За Адорно, ништо по Аушвиц не остана неконтаминирано од тоа варварство. Подоцна, во „Негативна дијалектика”, тој повторно се враќа на неговата „забрана” да се пишува поезија по Аушвиц. Притоа истакнува дека „страдањето има исто толку право на израз, како што мачениот има право да вика; затоа можеби беше погрешно да се рече дека по Аушвиц повеќе не може да се пишува поезија. Притоа, не е погрешно прашањето кое не е ништо помалку поврзано со културата; имено, дали по Аушвиц воопшто може да се живее, особено дали смее да живее тој кој случајно се спасил, а според законот морал да биде убиен. За да продолжи да живее, за него е неопходно студенилото, тој темелен принцип на граѓанската субјективност, без кој Аушвиц не ќе беше возможен.” Тоа е прочуената вина на преживеаните од сите војни. Адорно, всушност, ја опишува драмата на својата „вина на преживеан” кога понатаму сведочи дека како „казна го измачуваат кошмарните соништа дека тој воопшто не е жив, туку во 1944 бил убиен во гасната комора, а сета негова егзистенција потоа, всушност, е само фантазија.” Тој кошмарен сон остана трајната траума на Адорно до ненадејната смрт во август 1969-та. Паул Целан се самоуби во 1970 во Париз, фрлајќи се од еден мост во Сена. Не само Целан, туку и Адорно сето време стравувале од тоа дека варварството за кое е шифрата Аушвиц може да се повтори. За Адорно се раскажува дека по војната живеел со чувството дека седи врз спакувани куфери и дека секој миг Гестапо може да затропа на вратата.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.