Австралија, Нов Зеланд и Јужниот Пацифик ја дочекаа 2026 год
31 декември 2025
Во 11:00 часот по германско време, луѓето на атолот Киритимати во Јужниот Пацифик во островската република Кирибати веќе ја дочекаа Новата година. Кратко потоа, следеа островите Чатам, дел од Нов Зеланд, пред и самиот Нов Зеланд да ја дочека новата година. 2026 година веќе започна и во Тонга и Самоа.
Во 14:00 часот по германско време, се одржа еден од главните настани на новогодишната прослава низ целиот свет: познатиот огномет пред зградата на Операта во Сиднеј. Таму се очекуваа повеќе од еден милион гледачи, а беа лансирани повеќе од девет тони пиротехника.
Австралија им оддаде почит и на жртвите од антисемитскиот терористички напад на 14 декември оваа година, кога двајца вооружени лица убија 15 луѓе на плажата Бонди за време на еврејскиот фестивал Ханука. Пред полноќ, мостот на пристаништето беше облеан во бела светлина, а зборовите „Мир“и „Единство“ беа проjектирани на мостот. Многу од луѓето држеа свеќи и други светла во рацете.
Во Германија, големи прослави за Нова Година се планирани на повеќе локации, вклучувајќи ја Бранденбуршката порта во Берлин, пристаништето Хамбург и во Минхен. Политичарите и организациите повикаа на мирен почеток на новата година, по зголемувањето на нападите со огномет врз полицајци и службите за итни интервенции во последните години.
Американска Самоа ќе биде последното населено место на Земјата што ќе ја прослави Новата година. Во Германија, тогаш веќе ќе биде пладне на 1 јануари 2026 година.