1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаАвстрија

Херберт Кикл: Провокаторот од десните маргини

Тагесшау (АРД)
30 септември 2024

Ретко кој политичар во Австрија поларизира толку многу како шефот на ФПО, Херберт Кикл. Под негово водство на десничарските популисти им успеа да се издигнат повторно по аферата Ибица.

Австрија | Херберт Кикл ФПО
Херберт Кикл важи за соло играчФотографија: Johann Groder/EXPA/picturede/picture alliance

За разлика од поранешните партиски величини, како Јерг Хајдер и Хајнц-Кристијан Штрахе, човек тешко може да си го замисли Херберт Кикл на забава со весели луѓе расположени за пиење. 55-годишниот шеф на деснопопулистичката партија ФПО не делува како магнет за луѓе, а и неговиот шарм и харизма не се којзнае колкави. Освен тоа, Кикл важи за соло играч. Тој сепак, од гледна точка на ФПО, во изминатите години заврши добра работа. Партијата доживеа тежок удар со аферата Ибица во 2019 година, во која беше вплеткан нејзиниот поранешен лидер Штрахе. Актуелната победа на изборите во Австрија е најголемиот успех на партијата досега и отвора шанса Кикл да стане канцелар, односно „народен канцелар“, како што гласеше рекламата на десните популисти за време на изборната кампања - и покрај обвинувањата дека терминот е поврзан, меѓу другото, и со националсоцијалистите.

Провокацијата како стилско средство

Маратонецот и планинар Кикл на чело на партијата е од 2021 година. Со употребата на поимот „народен канцелар“, ФПО под негово водство си остана доследна на себе. Во неговите обраќања, партискиот лидер е агресивен и провокативен, често со впечатливи пораки. Уште во времето кога пишуваше говори и ја менаџираше предизборната кампања на партијата, тој развиваше слогани како „Дахам (дома, н.з.) наместо ислам“ или „Повеќе храброст за нашата виенска крв - премногу туѓо не е добро за никого“.

Кикл на забавата на ФПО по соопштувањето на резултатите од изборитеФотографија: Heinz-Peter Bader/AP/dpa/picture alliance

Кога Кикл, кој пораснал во работничко семејство, како момче се претставил во партијата, според неговите биографи Гернот Бауер и Роберт Трајхлер, рекол дека „ништо не знае, но може да научи сè". Во Слободарската академија, политички младински центар на десничарските популисти, тој првично бил помошник кој лепел постери. Но, неговиот талент бил забележан. Тој успева да направи кариер и станува автор на говорите на Хајдер, кому му се восхитувал. Со тоа во 1980-тите години започнува неговото издигнување во ФПО. Кикл станува десна рака на Штрахе, чијшто подем го придружува од позиција на генерален секретар на ФПО во текот на 12 години, од 2005-тата. Долго пред поранешниот американски претседател Доналд Трамп да го употреби слоганот „Америка на прво место“, ФПО со помош на Кикл се позиционираше како „социјална татковинска партија“ која прво внимава на интересите на Австријците.

Од министер за внатрешни работи до опозиционер

Во владата формирана во 2017 година под водство на канцеларот Себастијан Курц, Кикл стана министер за внатрешни работи. Во тоа време тој предизвика бес, меѓу другото, со барањата за ноќен полициски час за барателите на азил. Тој го застапуваше и ставот дека „законот мора да ја следи политиката, а не политиката законот“. Од него иницирана рација во Сојузната служба за заштита на Уставот и борба против тероризмот (БВТ) го поткопа угледот на тајната служба.

Како министер за внатрешни работи Кикл предизвика бес, меѓу другото, со барања за ноќен полициски час за барателите на азил (фото: Херберт Кикл, 2017 година)Фотографија: picture-alliance/picturedesk.com/K. Schöndorfer

По распадот на коалицијата по аферата Ибица и падот на ФПО на изборите во 2019 година, Кикл повторно успешно работеше од опозиција. Со години, на задоволство на поддржувачите на партијата, на мета му се мигрантите, политичките елити и - како што ги нарекува - „системските медиуми“. Клучен елемент за повторниот подем на десните популисти е корона-кризата. За време на пандемијата, ФПО стана гласноговорник на противниците на седењето дома и присилната вакцинација. Десните популисти на Светската здравствена организација (СЗО) ѝ префрлаа „здравствена диктатура“.

За ОВП Кикл е „безбедносен ризик“

Однесувањето на Кикл, кој студирал историја и филозофија без да дипломира, како и неговите пријателски ставови кон Русија, го прават непривлечен дури и за Австриската народна партија (ОВП). Конзервативците го опишуваат Кикл како „безбедносен ризик“ и одбиваат да соработуваат со него – но, не и со остатокот од ФПО. Кикл „се радикализирал“, оцени актуелниот канцелар Карл Нехамер пред изборите, отфрлајќи ја можноста за соработка со лидерот на ФПО. Освен тоа, за воопшто да може да дојде до разговори за формирање коалиција, Кикл треба за тоа да го добие мандатот од сојузниот претседател Александар Ван дер Белен. Традиционално мандатот му се доделува на победникот на изборите, но тоа не е пропишано како задолжително во Уставот. Претседателот, пак, веќе изрази резервираност во однос на таквата можност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми