1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Автобусите на ЈСП се вратија на скопските улици

ДТЗ
22 ноември 2024

Автобусите на ЈСП се полнат со нафта од државните резерви, но тоа е само привремено решение. Во меѓувреме се најавуваат протести поради сообраќајниот колапс во главниот град.

автобуси, ЈСП, Скопје
Автобусите на ЈСП се вратија на скопските улици - привремено решен проблемот со нафтаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Автобусите на ЈСП од изутринава се вратија на скопските улици, откако им беше доставена нафта од државните резерви. Со тоа се надмина проблемот со недостиг на гориво, кој доведе до редуциран јавен превоз и хаос во сообраќајот во изминатите два дена. 

Директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски во изјава за МИА вели дека автобускиот сообраќај во Скопје е нормализиран, иако не се испорачани целосно потребните количини на нафта. 

„Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат“, вели Кушовски.

Обезбедена нафта за седум дена

Јавниот превоз во Скопје изминатите два дена беше редуциран поради недостиг на нафта, односно беа пуштени околу триесетина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие, од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаа резерви на нафта. Владата во четвртокот (21.11) на итна седница одлучи да прогласи кризна состојба и да обезбеди нафта за автобусите на ЈСП за наредните седум дена од државните резерви. 

Бирото за јавни набавки, пак, донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на Градот Скопје. 

Дел од партиите излегоа со предлози како да се надмине проблемот со јавниот превоз, а дел побараа оставка од градоначалничката Данела Арсовска.Таа во интервју за Телма тврдеше дека ситуацијата е таква поради опструкциите кои постојано ги прави Советот, чие мнозинство е од редовите на власта и на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме Обвинителството даде насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.

За денеска (22.11) се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ, кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми