1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностГерманија

Автомобилската индустрија се сели од Европа во САД?

Клаус Улрих
27 мај 2023

Високите цени на енергенсите и огромната бирократија се проблем за производителите на автомобили. Последицата е префрлање на производствените капацитети во други земји.

Германија Инголштат автомобили
Погон за производство на автомобили Ауди во ИнголштатФотографија: Stephan Goerlich/dpa/picture alliance

Високите цени и бирократијата ја отежнуваат работата на производителите на автомобили. Тие сѐ почесто инвестираат во САД, кои даваат големи субвенции за развојот на електричните возила. 

„Постоечкото производство нема да го префрлиме во САД, но за следните фабрики поголеми се изгледите дека ќе ги градиме таму. Постои опасност Европа да биде губитникот од новата прераспределба“, оценува Клаус Розенфелд, шеф на четвртиот по големина лиферант за автомобилска индустрија Шефлер, фирма со преку 80 илјади вработени ширум светот. Неговата изјава отсликува еден важен тренд, имено поместување на производните капацитети од Европа во Кина и Северна Америка. 

„Причините за тоа се различни”, вели за ДВ Штефан Шнебергер, проектен менаџер во консултантската фирма „Берилс стратеџи адвајзорс”, која е специјализирана за автомобилската индустрија. Централен мотив за префрлањето на производството во други земји се високите цени на енергенсите. Нивото на цените на струјата во ЕУ е за два до трикратно повисоко отколку во САД. 

„Но, и поголемите законски стандарди со кои се соочува индустријата во ЕУ и во Германија се причина за префрлање на капацитетите на други места. Секако дека и атрактивните субвенции кои актуелно ги нудат САД се причина плус”, вели Шнебергер. Услов за добивање на таквите субвенции се климанеутрални технологии, како и електромобилност. 

Производителот на е-автомобили Тесла планира проширување на своето производство и во САДФотографија: Ben Margot/AP/picture alliance

Субвенции за климанеутрални технологии

Како последица на плановите за напуштање на Германија како производствена локација, значително се намалуваат и прогнозите за бројот на автомобили за производствениот период 2023-2029 година во Европа, покажува актуелната анализа на консултантската куќа. Поради избирањето нови производствени локации, за други делови од светот има значително подобри прогнози. Дури се очекува на глобално ниво и пораст на производството на возила, но послаб отколку што се предвидуваше во 2021 година. 

„Во актуелните прогнози се покажуваат негативните ефекти од екстерниот шок предизвикан од војната во Украина, како и корекции на преоптимистичките предвидувања од 2021 година во однос на истекот на ограничувањата поврзани со пандемијата, како и со кризата со чипови”, објаснува Шнебергер. 

Загуба од 100 илјади работни места во Германија

Според анализата, меѓу Германија и Северна Америка во претстојните години ќе настане разлика во производството од околу четири милиони возила - на штета на Германија. Префрлање на производството какво што неодамна беше најавено од страна на Ауди и Форд, само уште повеќе ќе го засили таквиот тренд. Затоа се прогнозира загуба на до 100 илјади директно погодени работни места во Германија и пад на БДП од 0,6 проценти во 2029 година. 

Проектниот менаџер Шнебергер во овој контекст посочува на тоа дека местото што го зазема автомобилската индустрија во Германија е позначајно отколку во други соседни европски држави. „Кај нас е околу 5 проценти од БДП, со што падот посебно ќе ја погоди германската економија. Освен тоа, конкурентската предност на германските производители и лиферанти се намалува, бидејќи беше пред сѐ поврзана со моторите на внатрешно согорување”.

И Америка со е-возила

Но, тоа е речиси минато. Покрај дигитализацијата, развојот на алтернативни погони е мега тренд во автомобилската индустрија. Во САД се чини дека крајот на моторите со внатрешно согорување ќе дојде подоцна отколку во Кина и Европа. За споредба: околу 14 проценти од новорегистрираните возила во Германија се исклучиво на електричен погон, на најголемиот пазар за е-возила, Кина, се веќе 21 процент, додека во САД се помалку од шест проценти.

Ф-150 пикапот на Форд е најомилено возило на американскиот пазарФотографија: Terrence Antonio James/Chicago Tribune/picture alliance

Тоа наскоро би можело драматично да се промени. „Поминаа времињата во кои е-возилата беа феномен ограничен на западниот брег на САД”, раскажува за ДВ Хенинг Лудес, експерт за автомобилскиот пазар во САД и партнер во консултантската куќа „Берилс стратеџи адвајзорс”.

Според Лудес, кој учествувал во изготвувањето на анализата, САД со Европа веќе се во директна конкурентска борба за второто место како најважен пазар за е-возила, веднаш зад лидерот Кина. Продажбата на таквите возила во САД во 2030 година се очекува да биде повеќе од шест милиони парчиња годишно, што би било пазарен удел од околу 40 проценти”. Лудес вели дека „актуелните најави од Американската служба за енергетика за заострување на параметрите за потрошувачка на гориво, како и најавата на Агенцијата за заштита на околината за ограничување на испуштањето јаглерод диоксид, би можеле уделот на е-возила во САД до 2030 година да го катапултираат и во правец на 60 проценти.” 

Пикап - најпродавано возило во САД

Клучен предизвик за германските фирми ќе биде да ги разберат специфичните потреби на американските клиенти кои не се многу запознаени со електромобилноста. Во тоа спаѓа и понудата на посебни модели на возила. „За разлика од Европа, во САД џипови и пикапи ќе сочинуваат повеќе од 75 проценти од пазарот за возила со чисто електричен погон”, вели Лудес и додава дека „Ф-150 пикапот на Форд е и натаму најпродавано возило на американскиот пазар”.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми